1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талин и неговите морски сказни

9 јануари 2011

Естонците со голема прослава ја дочекаа новата 2011 година во која нивниот главен град е Европска престолнина на културата. Талин се радува што една година ќе биде во фокусот на европската културна јавност.

https://p.dw.com/p/zujQ
ТалинФотографија: picture-alliance/ZB

Приказни од морето гласи мотото на Талин. Марис Хелранд , портпарол на организацискиот одбор во Талин знае и зошто. „Наша идеа водилка е поврзаноста на нашиот град со морето. Факт е дека Талин лежи на море, но тој потенцијал досега го нема искористено на вистински начин“, вели Хелранд. Причината е во тоа што до крајот на советската ера во Естонија, крајбрежјето во центарот на градот било затворено и го контролирала војската.

Денес за волја на вистината, војската повеќе ја нема, но пристапот е се’ уште блокиран. И токму тоа сака да го промени културната престолнина. „ Во моментов на брегот се’ уште постои стариот затвор - затвор со поглед на море“, се шегува Хелранд додавајќи дека плажата пред затворот е претворена во т.н „километар на културата“ , кој треба да биде срцето на културната престолнина и токму тука треба да се одржат најголем дел од манифестациите.

NO FLASH Tallinn Kulturhauptstadt
Фотографија од воздух на стариот дел од ТалинФотографија: picture alliance / dpa

Шеесет секунди самотија

Естонија во 2011 година сака да се претстави како модерна европска земја. Кон тоа треба да придонесе и воведувањето на еврото од 1 јануари, но и културниот концепт на европската престолнина на културата. Еден од неговите повпечатливи проекти „60 секунди самотија во нултата година“, чиј иницијатор Индрек Касел истакнува:

„ Проектот е омаж на киното. Замоливме бројни режисери од светот да снимат по една минута на тема самотија, Тоа подоцна би го вкомпонирале во едночасовен филм, кој ќе биде прикажан во август, меѓутоа не во кино туку на едно големо платно кое би стоело во морето“

Посетителите од брегот би можеле да доживеат како на крајот од перформансот платното и филмските ленти исчезнуваат во пламен. Она што е посебно е фактот дека филмските ленти ќе бидат и единствените копии од филмот. Со тоа филмот „60 секунди самотија“ би бил единствен во вистинска смисла на зборот, и во ера на неограничени дигитални можности за репродукција со него се сака да се покаже нешто сосема поинакво.

Увид во естонската душа

Властите во Талин сакаат во 2011 година да ја поврзат иднината со традицијата. така на пример Фестивалот на естонската песна , кој се одржува секои пет години, годинава ќе се одржи една година порано. Хорското пеење во Естонија е традиција долга повеќе столетија.

Flash-Galerie Estland 2011 Tallinn Europäische Kulturhaupstadt Meeresmuseum
Насликан контејнер на пристанишната променада во ТалинФотографија: DW

Тоа истотака одиграло и важна улога во борбата за независност во 1991 година. Тогаш Естонците пеејќи ја т.н „Песна на Револуцијата“ мирно им се спротиставуваа на советските сили. Илјадници луѓе на почетокот на јули ќе се соберат на Фстивалот на естонската песна . Марис Хелранд знае дека тоа е шанса за време во еден викенд да се ѕирне во естонската душа. „Тоа е она што сме ние. И тоа е она што не одржува“, вели таа.

Медиумскиот зенит на Талин како европска престолнина на културата ќе биде отворањето на т.н Морски музеј на 15 јули. Специјално за таа пригода е реконструиран еден хангар кој се наоѓа директно на пристаништето а порано се користел за паркирање на хидро- авиони. Тој сега практички преставува затворено шеталиште со поглед на морето.

Граѓаните на Естонија со голема прослава ја дочекаа новата 2011 година во која нивниот главен град ќе биде Европска престолнина на културата. Талин се радува дека една година ќе биде во фокусот на европската културна јавност и оти на Европејците ќе може да им раскажува приказни од морето.

Автор: Фридел Таубе/ Симе Недевски

Редактор: Трајче Тосев