1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„100 долари месечно не се доволни“

Удо Шмит (ард) / А.Трајковска13 октомври 2014

Илјадници текстилни работници излегоa на улиците во главниот град на Камбоџа, Пном Пен за да протестираат за повисока минимална плата. Во изминатите години за нив малку работи се променија и покрај големите ветувања.

https://p.dw.com/p/1DUrr
Фотографија: picture-alliance/dpa

Текстилните работници протестираа во Пном Пен и притоа минаа покрај Националното собрание, Американската амбасада, застапништвото на Европската унија, за насекаде да предадат петиција со барање за повисока минимална плата.

Една жена, која работи во фабрика за чевли вели: „Не знам за колку можете да ни ја покачите платата, но мора да биде толку за да можеме да живееме од тоа. Сегашните 100 долари во месец едноставно не се доволни“.

100 долари за до 60 часа работа под тешки работни услови, на тесни и задушливи работни места без клима - работничките таму постојано губат свест. Во изминатата година дојде до првиот договор меѓу владата и синдикатите, со кој се предвидуваше покачување на минималната плата на 160 долари - меѓутоа до 2018 година.

Станува збор за повеќе од половина милион работници

Во изборната кампања минатата година опозицијата ја постави темата минимална плата како централна тема и се заложи за значително поголема плата за текстилните работници. Но, пред сѐ тоа да биде постигнато пред 2018 година.

Оттогаш повторно се протестира. Околу главниот град на Камбоџа се наоѓаат голем број фабрики каде во моментов работат поголемиот број од 500.000 текстилци.

Владата има намера деновиве да постави нова граница за минималната плата. Таа аргументира, а во тоа е поддржана и од здружението на текстилната индустрија дека премногу високи плати ќе ја загрозат конкурентоста во однос на Виетнам и Кина. Камбоџа има годишни приходи од пет милијарди долари од извозот на текстилот, покрај туризмот кој е главен извор на приходи на земјата.

Синдикалниот водач Сеанг Самбат ги предводи демонстрациите и извикува во микрофонот: „Сакаме да ја ставиме под притисок камбоџанската влада и претпријатијата кои произведуваат тука. Ние ги притискаме фирмите од Европа и САД да платат повиски минимални плати“.

„H&M“, „C&A“, „Inditex“, претпријатието кое стои зад „Zara“ на пример шијат во Камбоџа. И покрај најавите дека ќе се подобрат работните услови и ќе се покачат платите во изминатите години малку работи се променија за текстилните работници.