1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јапонија помалку инвестира во Кина

М.Р. Ебингхаузен / А.Трајковска 29 јули 2014

Во првата половина од 2014 година јапонските директни инвестиции во Кина драстично опаднаа. Политичките тензии се одразуваат врз економијата.

https://p.dw.com/p/1Cl6V
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Бројките се јасни: jапонските директни инвестиции во Кина опаднаа речиси за половина во однос на 2013 година. Ова произлегува од објавените податоци на кинеското Министерство за стопанство за странските директни инвестиции во првите пет месеци од 2014 година. Драстична смена од економски и политички причини.

„Кина како место за инвестиции го загуби сјајот“, вели Ханс-Гинтер Хилперт, експерт за источна Азија во фондацијата Наука и политика во Берлин во разговор за ДВ. Трошоците за платите во изминатите години континуирано се покачуваа. „Кина сѐ помалку е евтино место за продукција“.

Кина, за Јапонија, загуби на атрактивност и поради својата нова макроекономска ориентација. Наместо да инвестира во машини и инфраструктура, земјата полага засилено во конзумот. Ова особено ги погаѓа јапонските претпријатија, чиј фокус е во инфраструктурата - и на кои и без тоа секако им е тешко да ги пласираат производите во Кина поради антијапонското расположение. „Ова сосема јасно се гледа кај продажбата на автомобили: Тојота, Нисан и Хонда губат удел на пазарот, додека Хјундаи и Киа од Кореја добиваат“, вели Хилперт.

Недостиг на политичка поддршка

Антијапонското расположение има историски корени. Во Втората светска војна Јапонија освои големи делови од кинеското копно. Кина поразот го сфати како понижување. Кон ова се надополнија масовните повреди на човековите права, како маскарот во источнокинескиот град Нанкинг, кога биле убиени 200.000 цивили и воени затвореници од страна на јапонските окупатори.

На овие стари рани почива моменталниот спор околу островите во Источнокинеското Море. По поразот на Јапонија во Втората светска војна не беше конечно разјаснето кому му припаѓа островската група Сенкаку/Диаоју. И Јапонија и Кина опстојуваат на тоа дека островите се нивна територија и го поткрепуваат тоа со испраќање бродови за надгледување и борбени авиони. Во август и септември 2012 година затоа имаше протести во повеќе кинески градови. Јапонски продавници и автомобили беа оштетени. „Драматичниот пад на јапонските инвестиции во Кина започна директно по овие немири“, вели Раџив Бисвас, главен економ на глобаниот тинк-тенк IHS.

Кон ова се надополнува и тоа што, според изјавата на Хилперт, јапонската влада помалку ги поддржува инвестициите во Кина. Институциите, како на пример јапонската организација за надворешна трговија ЈЕТРО, со нараснувањето на тензиите реагираат многу повоздржано.

Shinzo Abe Japan Premierminister Najib Razak Malaysia
Шинзо Абе со премиерот на Малезија Наџиб РазакФотографија: Reuters

Третиот користи

Од кинеско-јапонскиот спор профитираат државите на АСЕАН. „Јапонската политика се обидува АСЕАН да го издгине како противтежа на Кина“, вели Хилперт. Шинзо Абе, откако стана премиер во декември 2012 година, барем еднаш ги посети сите земји на југоисточна Азија. „Се разбира, владата се обидува ова да го прошири и на претпријатијата“. Сепак, смета Хилперт, тоа не треба да биде погрешно сфатено: „Претпријатијата инвестираат само ако можат да постигнат добивка“. Конфликтот кој расте едноставно го зголемува ризикот и со тоа ги покачува трошоците за инвестиции во Кина. Многу јапонски претпријатија се повлекуваат.

Во 2013 година Јапонците во југоисточна Азија инвестираа околу 17 милијарди евра. Јапонија, која од 1970-тите години е активна во регионот, со тоа, по ЕУ и државите на АСЕАН, е најголемиот инвеститор во југоисточна Азија. „Има долга традиција и многу искуство на јапонска страна. И искуствата по правило се добри“, вели Хилперт. Кон ова се надополнуваат економските реформи на АСЕАН и растечката интеграција на пазарите. „Инвестиција во земја А, според тоа, среднорочно ќе може да испорачува и во места во земјите Б и Ц во рамките на југоисточна Азија“

Во рамките на економската заедница која АСЕАН сака да ја постигне до крајот на 2015 година многу царински пречки би биле укинати и инвестициите се поедноставуваат. Бисвас од IHS е уверен :„Регионот има средна класа која брзо расте и економските шанси во наредните две децении се големи“.