1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ги забавува евроинтеграциите на Балканот?

Марина Максимовиќ/Б. Георгиевски26 ноември 2013

Брисел оценува дека политиката на проширување функционира и дава резултати. Берлин потсетува на сѐ помалата подготвеност на ЕУ за проширување. Аналитичарите предупредуваат од поделбата на земји кои „можат“ и „не можат“.

https://p.dw.com/p/1AOkZ
Фотографија: DW/M. Maksimovic

„Политиката на проширување напредува. ЕУ го исполнува ветеното, а тенденцијата на земјите од Западниот Балкан да станат дел од Унијата е јасна“. Тоа е ставот на Европската комисија. Во Брисел нагласуваат дека евроинтеграциите се долг и тежок процес, во кој е важно темелите да се постават „како што треба“. Во тој процес, во центарот на вниманието се владеењето на правото, зајакнувањето на демократските институции, фундаменталните права, а од годинава и економијата. Генералниот директор на Директоријатот за проширување Кристијан Даниелсон ги наведува успесите на Хрватска, Србија и Црна Гора и „генералниот напредок“ на Македонија, Албанија, БиХ и Косово како јасен сигнал за обновената сила на проширувањето.

„Политиката на проширувањето е важна поради мирот и стабилноста. Важна е и поради ширењето на пазарот, при што земјите од Западниот Балкан заедно, претставуваат важен пазар. Важна е и поради подобрата сигурност и заедничката борба против меѓународниот криминал и корупција. Во прашање е тежок пат кој бара време, кое пак ќе зависи од подготвеноста за остварување реформи и напредок во земјите од Западниот Балкан“, изјави Даниелсон на конференцијата за проширувањето на ЕУ на Балканот во Брисел.

EU Erweiterung Brüssel Westbalkan Christoph Retzlaff
Кристијан ДаниелсонФотографија: DW/M. Maksimovic

Берлин: Проширувањето е повеќе од технички процес

За разлика од официјалните претставници на европските институции, претставникот на германското МНР задолжен за проширувањето Кристоф Рецлаф го апострофираше заморот од проширувањето. Тој наведе податоци кои говорат дека политиката на проширување ја има поддршката на едвај 20 проценти од германските граѓани, а на ниво на ЕУ тој просек е меѓу 30 и 35 проценти. Иако оценува дека проширувањето досега се покажало како една од најуспешните алатки на европската надворешна политика, Рецлаф предупредува и на лошите искуства од претходните проширувања. За Берлин проширувањето е процес кој мора да се развива во однос на новите околности и да биде повеќе од технички процес. „Во прашање е пат кон изградба на државата и разбирањето на европските вредности. Условите ќе бидат стриктни, но праведни. Внимателно ќе набљудуваме дали земјата-кандидат е подготвена за проширување и дали ЕУ е подготвена да прими нови членки, што е исто така важен фактор“, рече Рецлаф.

Кој може, а кој не може?

Европските аналитичари предупредуваат на загрижувачките трендови во евроинтеграциските процеси. Патот до членството станува сѐ покомплициран и тежок. „Новото проширување не може да се очекува пред 2020 година, а во случајот на Македонија, Косово и БиХ, веројатно и подолго“, смета Флоријан Бибер од Центарот за студии на Југоисточна Европа. Тој наведува дека е лоша пракса и тоа што на Западниот Балкан се појавуваат две групи земји, „оние кои можат“ (Србија, Црна Гора и Албанија), и „оние кои не можат“ (БиХ, Македонија, Косово). Притоа „оние кои не можат“ да напредуваат во европските интеграции, најчесто тоа не го можат поради нешта кои се надвор од нивна контрола.

EU Erweiterung Brüssel Westbalkan Christoph Retzlaff
Кристоф РецлафФотографија: DW/M. Maksimovic

„Македонија не напредува поради ветото од Грција. Сѐ почеста е праксата земјите-членки на тој начин да го користат своето членство. Косово има проблем со пет држави од ЕУ кои не го признаваат. И во случајот на БиХ, која има внатрешни проблеми, иронијата е што ЕУ инсистира на примена на пресудата Сејдиќ-Финци и измена на Уставот на БиХ кој го пишуваа американски и меѓународни претставници. Тие уфрлија дискриминаторска клаузула чија промена сега се бара, но од босанските граѓани“, вели Бибер.

Тој повика во ЕУ да се променат стереотипите во однос на Западниот Балкан, неговото воено минато и честопати погрешното известување на европските медиуми за заканите од големи миграции од регионот, нагласувајќи дека токму скептицизмот води кон претерано условување во евроинтеграциите. Тоа може да биде пречка и за реформите во Западниот Балкан и за проширувањето на ЕУ.