1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

А кога Груевски сакал да прима лоши вести?

Катерина Блажевска30 април 2015

Пораките за „оставки“ се многу јасни и доаѓаат од различни меѓународни адреси, но владините „рецептори“ глумат дека се глуви за тоа, вели во разговор за Дојче веле, заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска

https://p.dw.com/p/1FHtO
Фотографија: MIA

ДВ: Гледано „од надвор“, се добива впечаток дека ЕУ досега млако реагираше на политичката криза во Македонија. Го делите ли и вие тој впечаток „од внатре“, со оглед дека сте учесник во преговарачкиот тим на СДСМ во разговорите со ВМРО-ДПМНЕ во Брисел?

-ЕУ е по дефиниција бавна и претпазлива, бидејќи говори во име на 27 земји-членки, кои по многу прашања имаат различни приоритети и ставови. Не е лесно да се дојде до заедничка позиција, особено ако истата треба да биде прецизна и директна. Затоа беше потребно извесно време за ЕУ да го договори курсот и пораките. Но, дојде до промена и таа е веќе видлива. Последните заклучоци на Советот на министри на ЕУ се јасни и недвосмислени: сите земји-членки изразија „длабока загриженост за влошената состојба во земјата“ и тоа за многу конкретни прашања: владеење на правото, основните права и слободата на медиумите. И тоа не беше се: сите членки на ЕУ побараа да се истражи содржината на разговорите т.е. „обвинувањата за можните злоупотреби кои се објавуваат“. Пораката на ЕУ до власта на ВМРО-ДПМНЕ е дека молк и забошотување на доказите за сериозни злоупотреби врзани со корупција, изборните грабежи и диктатот врз судството - веќе не се опција.

ДВ: Германската амбасадорка во Скопје, Кристине Алтхаузер, многу децидно ја изрази нејзината, но и „иритираноста“ на западните набљудувачи, од фактот дека Владата ништо не презема во време кога се неопходни политички оставки како предуслов за независна судска истрага и за евроатлантската перспектива на Македонија. Во иста насока беа и изјавите и од европскиот и американскиот амбасадор. Зошто „рецепторите“ на власта се неподготвени за прием на овие пораки, кои не се личен став на амбасадори, туку акцентирање на политичките стандарди на ЕУ?

-А кога Груевски сакал да прима лоши вести? Пораките за „оставки“ се многу јасни и гласни и почнаа да доаѓаат од различни меѓународни адреси. Двајца амбасадори порачаа дека прашањето на преодна влада не е баук и треба да се разгледа. Сите повторија дека мора да има независна истрага и одговорност за злоупотребите. Врхушката на „Илинденска“ ги слуша овие пораки, како и оние понепријатните кои се даваат зад затворени врати, но таа е во операција на чување на фотелјите по секоја цена. Кога тоа е во прашање, владините „рецептори“ секогаш глумат дека се глуви. Главната операција која активно ја спроведуваат е како да ја направат глува македонската јавност.

Mazedonien - Parteichef Zoran Zaev
Зоран Заев и Радмила ШекеринскаФотографија: MIA

ДВ: Кога еден европски амбасадор (Алтхауер - н.з.) ќе рече: „Нашето западно верување дека државните интереси треба да бидат поважни од партиските интереси изгледаат наивно во однос на политичката култура овде. Трагично е да се види дека сите недостатоци наведени во последните извештаи на Европската комисија според објавените разговори се покажаа како точни“, дали тоа и де факто навестува дека Македонија ќе ја изгуби препораката доколку власта брзо не покаже минимум сопствена одговорност за сегашните состојби?

-Што покажува оваа изјава? Прво, дека никој нема дилеми дека објавените телефонски разговори се точни и автентични. Тоа значи дека смешната приказна на власта за „лепени и монтирани разговори“ не поминува веќе никаде. Второ, дека злоупотребата не се однесува на ситници, туку на клучните демократски и европски вредности т.е Копенхашките критериуми. И точно е дека токму тие прашања се одлучувачки за Македонија да ја задржи препораката. Тие вредности и таа препорака ги загрози Груевски. И трето, изјавата на германската амбасадорка покажува дека сериозните владини злоупотреби беа видени и забележани дури и пред да се објават снимките. Снимките беа шокантни, бидејќи потврдија дека злоупотребата е систем, а не исклучок и дека рибата смрди од главата. Имаше луѓе и во македонската и во меѓународната јавност кои го амнестираа Груевски од одговорност за видливите проблеми во Македонија. Мислеа дека се бори против тоа, но и дека губи од „мангупите во сопствените редови“. Сметаа дека сака цврсто да ја држи власта, но дека не го интересираат пари или други лични интереси. Тој мит падна во вода на најдраматичен можен начин. Да, токму Груевски стои зад монструозните шеми за лична одмазда и приватизација на институциите. Да, тој е иницијаторот на најбизарните изборни кражби: не се срамел од Пустец (како што некои велеа), туку го смислил и надградил. И да, тој е човекот кој стои зад најкрупните корупциски зделки: 15 милиони провизија за само еден инфраструктурен проект, 15 илјади квадрати за лични плацови на Водно, шифрирани фирми и нешифрирани проценти... Човекот кој апсеше за 100 евра, изгледа веќе инкасирал 100 милиони евра.

ДВ: Што ако сознанијата за бројни незаконитости и злоупотреби презентирани преку „бомбите“ и натаму не предизвикаат ниту навестување за политичка одговорност кај власта? Кој ќе биде пресвртниот момент, по кој неодговорноста на власта веќе нема да биде толерирана ни од опозицијата, ни од граѓаните?

- Кога нема одговорност во институциите, народот ќе побара одговорност на улиците.