1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шварц: Oпозициска наместо опструкциска политика

Силвера Падори-Кленке23 јуни 2014

Парламент без опозиција е губитна ситуација за сите во Македонија. Скоро враќање на опозицијата во Собранието и преземање на одговорноста што и ја доделиле гласачите е очекувањето на познавачот на Македонија Оливер Шварц

https://p.dw.com/p/1CLxN
Фотографија: MIA

„Понудите за разговор кои (...) беа упатени од власта до опозицијата во Македонија, убеден сум дека ќе придонесат таа (опозицијата н.з.) многу скоро да се врати во Собранието. Треба да има опозициска, а не опструкциска политика. Затоа и е јасно дека кога опозицијата е надвор од парламентот, тоа е губитна ситуација за сите политички партии, кои се дел од законодавниот дом. Мислам дека опозициските лидери ова веќе го сфаќаат и за кус период ќе има јасни сигнали за нивно враќање во Собранието“, изјави за Дојче веле д-р Оливер Шварц, познавач на Македонија и Западен Балкан, на катедрата за европска политика на Универзитетот Дуизбург - Есен.
Околу старо-новата влада на Никола Груевски д-р Шварц смета дека таа стои пред истите предизвици како и во 2006 година. На листата на приоритетите и натаму најнапред е интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ, а на внатрешно-политички план примарно е „да се обезбеди дискурс, разговор, дијалог со опозиционите партии“, но и со оние кон кои е сконцентрирано албанското малцинство.

Сигнали до граѓаните и ЕУ

Шварц е категоричен дека владеењето без опозиција е како вели губитна ситуација за сите. Ова е така од едноставна причина што само Владата не може самата да биде заинтересирана за спроведување на планираните реформи и проекти.
„Ваква ситуација не може да има долг век. Не може долгорочно да функционира, што значи во вакви услови не ќе може да опстои ниту самата влада. Тоа би бил сигнал и за народот кој и ја дал довербата, но и за дадениот мандат на опозицијата. Значи и таа, опозицијата има одговорност да го преземе овој мандат, а со тоа треба одговорно и да се однесува во различните политички институции. Она на што (...) бевме сведоци беа сигналите од владата до опозицијата, кои сигурно беа резултат на задкулисно водени неформални разговори. Сметам дека она што на Македонија сега и е потребно не е неформалниот политички дијалог меѓу опозицијата и Владата, туку отворениот политички разговор во формалниот форум – Парламентот. Тоа едновремено ќе биде сигнал и до Европската унија и до НАТО, но и до граѓаните“, коментира Оливер Шварц.

Проширувањето пак на агендата на ЕУ

Познавачот на европската политика, Шварц истакнува дека дотолку е значајно состојбата во Македонија да се консолидира, зашто моментов се наѕира можноста на ниво на ЕУ политиката на проширувањето и на соседството да добијат нова динамика. Ова, меѓутоа останува се’ уште под временски прашалник и зависи од персоналните промени во Комисијата и комесарот кој ќе го води Директоратот за проширување.

Oliver Schwarz Experte für EU Erweiterung Universität Duisburg-Essen
Место неформален, вистински е - формалниот политички дијалог во Собранието меѓу власта и опозицијата. Д-р Оливер ШварцФотографија: Universität Duisburg-Essen

„Факт е дека со конфликтот во Украина, проширувањето повотрно се враќа на агендата на Европската унија. Со сигурност, за неколку дена Албанија ќе го добие кандидатскиот статус, а по конституирањето на Комисијата, проширувањето без сомнение ќе се најде високо на работната агенда на бриселската европска администрација. Ова е исклучително важно за Македонија зашто толку долго чека и секому е јасно дека мора да дојде до некакво решени“, образложува Шварц кој верува дека за половина година сликата околу напредокот ќе биде појасна, зашто во спротивно ќе биде ставен под прашање целокупниот легитимитет на политиката на проширувањето на Унијата.

Дека Западен Балкан се пробива нанапред во визирот на Брисел директно потврдува и оддржувањето на конференцијата во Берлин, најавена за 28 август. Веднаш потоа е и самитот на НАТО во Велс. Може ли во овој временски теснец да се случи нешто значајно за интеграцијата на Македонија во евро-атлантските структури?
„Не верувам дека во овој кус период нешто спектакуларно ќе се случи. Тоа е прекраток рок. Битно е меѓутоа уште од сега да има сигнали, како од страна на Комисијата, така и од важните држави во ЕУ (како Велика Бритранија, Германија) дека проширувањето е приоритет на Унијата и дека тие не ја заборвиле Макеоднија“, подвлекува во разговор за Дојче веле Оливер Шварц, експерт за европска политика од Универзитетот Дуизбург – Есен.