1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас - 100 дена на чело на владата

Јанис Пападимитриу/З.Јордановски6 мај 2015

Алексис Ципрас веќе 100 дена е премиер на Грција. Билансот е повеќе од скромен: во овој период има само најави за важни закони, а клинкаат и преговорите со донаторите на пари.

https://p.dw.com/p/1FKhm
Фотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/Getty Images

Алексис Ципрас предизвика вчудовидување веќе со првиот службен потег: само неколку часови по победата на изборите левичарскиот политичар ја одбра деснопопулистичката партија „Независни Грци“ за коалиционен партнер. Заедничко на левите и десните популисти во Грција им се претставите за непријатели - првенствено „Тројката“ составена од претставници на ЕУ, Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка. Лево-десната коалиција најави крај на политиката на штедење: минималната плата „неодложно“ ќе биде покачена на 751 евро, основата за оданочување ќе биде крената на 12 000 евра, ќе биде укинат „уедначениот данок на недвижности“ (ЕНФИА) воведен од претходната влада. Освен тоа, наново ќе се преговара за кризната програма за спасување на Грција. На непопустливите партнери од ЕУ ќе „им подготвиме понуда, која не ќе можат да ја одбијат“ - со овие зборови го сврте вниманието штотуку назначениот министер финансии Јанис Варуфакис.

Сто дена подоцна билансот е отрезнувачки: Грција е поблизу до банкрот од било кога. Покачувањето на минималната плата е одложено за 2016. година, ЕНФИА-данокот останува во сила.

Костас Хрисогонос, европратеник од редовите на левичарската партија Сириза, смета дека билансот „има позитивни и негативни аспекти“. Позитивни се итните мерки за сузбивање на сиромаштијата и законот за подолги рокови на отплата на заостанатите даноци. Во разговор за ДВ, тој вели дека не може за три месеци да се укинат сите од претходната влада воведени мерки за штедење; луѓето мора да согледаат дека Сириза е избрана за период од четири години. Хрисогонос го смета за постигнување на новата влада што преговорите со донаторите на пари сега се одвиваат поинаку и дека му е ставен крај на „казнениот ритуал на инспекциите“ во министерствата во Атина. Според него, негативно е дека досега нема компромис, но тоа се должело на непопустливиот став на донаторите.

Tsipras Alexis Griechenland Parlament Athen Ministerpräsident Syriza
Фотографија: picture alliance

Не се на повидок алтернативни извори на пари

Поинакви ставови застапува политикологот Јоргос Цогопулос од тинк-тенк институтот Елиамеп од Атина: „Во изминатите сто деноа премиерот Ципрас постојано бараше алтернативни донатори на пари - во Рсуиај, Кина, Иран. Во тоа немаше успех и сега не му преостанува ништо друго, освен да ги спроведе договорите со досегашните донатори“. Со посетата на Кипар на почетокот на февруари Ципрас ја започна трескавичната патувачка дипломатија за формирање фронт против политиката за штедење.Следеа термини во Рим, Париз и Брисел, кои не донесоа уверлив успех. Првото ракување со германскиот канцелар Ангела Меркел уследи дури на самитот на ЕУ на 12. февруари. Во тоа време министерот за финансии Јанис Варуфакис во преговорите зазема агресивен тон и рафално ги нападна своите колеги по функција од ЕУ. За жал, тоа беше погрешна стратегија, вели во разговор за ДВ Макис Андронопулос, економски аналитичар и публицист: „Овие 100 денови беа Ватерло за луѓето на Сириза. Во преговорите тие ги направија сите грешки што воопшто можеа да се направат. Нивната појдовна анализа беше погрешна, токму како и курсот на конфронтација или дури и на провокација“. Притоа Андронопулос вели дека е симпатизер на левичарската апртија и оти верува во Ципрас, но премиерот мора конечно да покаже резултат и да се ослободи од баластот на левите екстремисти. Тој се надева дека „Ципрас ќе протурка во парламентот нов договор, ќе профитира од тековната програма на ЕЦБ за откуп на обврзници и потоа ќе оди на нови избори, на кои на партиските листи нема да се појават кандидати од левото крило на партијата“.

Како предводник на внатрепартиската опозиција фигурира Панајотис Лафазанис, надлежен за „продуктивна обнова“, како и за енергетика и екологија. Во првите месеци на оваа функција тој падна в очи со одбивањето на приватизации во Грција, со исклучок само за инвеститори од Русија: при посетата на Москва во април Лафазанис објави „кооперација што отвора нови можности“ во енергетската политика. Подоцна и премиерот Ципрас ја посети Москва и разговараше со претседателот Путин. Лафазанис останува и натаму во фокусот на вниманието: ако Сириза не може да ја спроведе својата радикална програма, треба да се откаже од власта, изјави тој во неделата (03.05.2015) за весникот Катимерини.

Закана со референдум

На ова му противречи левичарскиот европратеник Костас Хрисогонос: „Ние добивме доверба да ја водиме владата, а не да се откажуваме“, вели тој за ДВ. За јавно искажаните различни ставови од сопствените партиски редови, тој коментира дека Сириза не е партија како другите, туку коалиција на различни гласови и струења. Решенија се донесуваат во надлежните партиски тела и се поставуваат „црвени линии“ кои се задолжителни за сите во партијата, објаснува Хрисогонос. Токму поради тие „црвени линии“ еден дел од партијата се заканува со референдум доколку пропаднат преговорите со донаторите на пари.

Belgien Merkel und Tsipras beim EU-Gipfel
Алексис Ципрас и Ангела МеркелФотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

Хрисогонос, инаку експерт за уставно право, прв ја лансира идејата за референдум кратко по стапувањето на власт на новата влада. Во меѓувреме се чини дека ни на премиерот Ципрас не му е туѓа таа идеја. Но, референдум не би донесол којзнае што, смета политичкиот аналитичар Јоргос Цогопулос: „Сите анкети укажуваат на тоа, дека мнозинството Грци се за урамнотежено компромисно решение со донаторите на пари - дури и ако тоа не е во согласност со изборните ветувања на Сириза“.