1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас изигран во Москва

Барбара Везел/превод:БГ9 април 2015

Критиките во пресрет на посетата беа остри. Не само ЕУ, туку и Украина ја осуди грчката мисија во Москва. Но Алексис Ципрас ја загуби оваа политичка игра, смета Барбара Везел

https://p.dw.com/p/1F5Ax
Фотографија: Reuters/Zemlianichenko

Досега грчкиот премиер Алексис Ципрас не покажа ништо во соработката со ЕУ, а најмалку дека е подготвен да учи. Откако ја презеде функцијата во јануари, тој ја покажува истата комбинација на тврдоглавост, одрекување на реалноста и агресија кон своите кредитори.
Можеби посетата на Владимир Путин конечно ќе му помогне за малку самокритика. Влоговите беа големи кога Ципрас ја спушти својата последна политичка карта на масата- но си замина дома со празен паричник. Грчкиот премиер беше подготвен да ја стави на коцка неговата согласност за продолжување на санкциите кон Русија и да ја наруши солидарноста во рамките на ЕУ за да добие нов пријател и помагач во Москва. Сакаше да им покаже на Европејците дека има и други опции освен напорните преговори со Брисел за реформи и правила, кои би требало да стават крај на акутните финансиските проблеми на неговата земја.
Како последица на тоа беше јавно изигран од стариот лисец во Кремљ. На оној кој сака да јаде на иста маса со Путин потребна му е долга лажица- тоа можеше и Ангела Меркел да му го каже за време на неодамнешната посета на Ципрас на Берлин.

Путин го изигра Ципрас

Алексис Ципрас како да е одлучен да ги доживее сите непријатни искуства и тоа до најситен детал. Па така, согласно стариот грчки обичај, и овојпат ги искрши сите чинии, го налути претседателот на Комисијата Јункер, се замери со претседателот на парламентот Шулц, како и со сите европски партнери поради лошо обмислената посета на Москва, и притоа не доби ништо од Путин освен топли зборови и празни ветувања. Ципрас дури не успеа да издејствува ниту подигање на руското ембарго за извоз на грчките праски.
Заедничките пролетни чувства во Москва, руско-грчката културна година и потенцирањето на заедничките верски корени нема да ја плати следната рата од долгот кон ММФ во износ од речиси половина милијарда евра која пристигнува за наплата неделава, ниту сметката од 2,4 милијарди евра за краткорочните државни обврзници кон финансиските пазари. Владимир Путин ги заобиколи грчките понуди во однос на санкциите од ЕУ објаснувајќи дека не постојат исклучоци за поедини ЕУ држави во однос на контра-мерките кои ги презема Русија.
Истото важи и за очекуваната голема улога на Атина во идното доставување на рускиот гас во Европа: изградбата на гасоводот Турски тек и неговото минување низ Грција е приказна за иднината. Ќе бидат потребни години за реализација на проектот: дотогаш многу нешта во политиката можат да се сменат. На Грците им се потребни специфични проекти за ревитализација на економијата сега, а не за пет години. И навистина им се потребни пари, и тоа многу пари веднаш.

Porträt - Barbara Wesel
Барбара ВезелФотографија: DW/B. Riegert

Грчкиот премиер се коцкаше и загуби

Алексис Ципрас стави сѐ на коцка и загуби. Иако острите зборови кои доаѓаа од Брисел последните денови стивнаа, грчкиот премиер во следните две недели ќе мора да седне на преговарачката маса со истите оние кои ги разлути со посетата на Москва. Брисел и Меркел во Берлин му покажаа солидарност и разбирање, но за возврат тој одговори со младешко перчење. Довербата меѓу Атина и нејзините кредитори и донатори треба одново да се гради, но Алексис Ципрас повторно се покажува несигурен и непредвидлив.
Милијардите кои и се потребни на Грција мора да дојдат од европските партнери. Владимир Путин јасно стави до знаење дека нема што да даде и дека нема да преземе одоворност за кандидатот за банкрот- Грција. Ципрас не постигна ништо со посетата на Москва, освен чувството дека е уважен гостин во Кремљ и се почувствува важен на половина час. Цитирајќи го францускиот државник Талејранд наместо заклучок: ова е полошо од грешка, ова е глупост.