1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу политика и љубов

Јохен Киртен / Симе Недевски27 август 2014

Програмата на 71. издание на филмскиот фестивал во Венеција (27.8.- 6.9.) ветува атрактивна понуда. А меѓу 20-те режисери кои со своите нови филмови се во трка за главната награда, Златниот лав, е и еден Германец.

https://p.dw.com/p/1D1yz
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Филмот на германскиот режисер Фатих Акин, кој е во натпреварувачката програма на венецискиот филмски фестивал, веројатно ќе биде предмет на жолчни дикусии. „The Cut“ е името на новото дело на режисерот од турско потекло кој живее во Хамбург и се занимава со една чувствителна тема: злосторството врз стотици илјади Ерменци на почетокот на 20. век. Акин во својот филм раскажува приказна за млад занаетчија кој при масакрот над Ерменците е раздвоен од своето семејство и потоа тргнува во потрага по своите ќерки. Во Турција, за разлика од меѓународните историски книги, ни денес не се зборува за тие злосторства како за геноцид.

Italien Filmfestspiele Venedig 2014 Filmszene The Cut
Сцена од филмот „The Cut“ на Фатих АкинФотографија: 71st Venice International Film Festival

Колкава критика може да поднесе Турција?

Турција е подготвена за еден ваков филм, тврдеше Акин оптимистично пред три недели за еден турско-американски неделник. Но сепак не може да биде сосема сигурен дека е тоа така. Така, тој веќе мораше да се откаже од планираниот филмски проект за убиството на ерменскиот новинар Хрант Динк, бидејќи не можеше да најде турски актер кој би го глумел. Готовото сценарио, сите актери на кои им го испратил, го сметаа за „премногу драстично“, објаснува Акин. А тој не сака никого да го доведе во опасност, вели, па затоа морал да го откаже целиот проект.

„The Cut“ на Акин е еден од неколкуте филма со политичка тематика меѓу 20-те кои ќе се натпреваруваат за Златниот и Сребрените лавови. Во францускиот филм „Loin des hommes“ тема е војната во Алжир. Филмот од американска продукција „Good Kill“ се занимава со модерниот начин на војување со беспилотни летала, а во другиот американски филм „99 Homes“ дејството се врти околу проблемите со шпекулирање со недвижности и последиците за „малите“ луѓе.

Fatih Akin
Фатих Акин годинава ја претставува Германија во ВенецијаФотографија: imago/APress

Доминација на европскиот филм

Шефот на фестивалот во Венеција, Алберто Барбера и неговиот тим оваа година се концентрираа на европскиот филм. Фестивалот во Венеција, кој покрај оние во Кан и во Берлин е еден од најугледните филмски фестивали годинава, во програмата има бројни филмови од Франција и Италија. Но на програмата на 71. издание на најстариот филмски фестивал на светот можат да се најдат и филмови од Шведска, Турција и меѓународни копродукции финансирани главно со европски пари. Така со германски пари е помогнат и филмот на шведскиот режисер Рој Андерсон, познат по неговиот сатирично-надреалистичен поглед на светот. Во германско-турска копродукција е и филмот „Sivas“ на Кан Мујдеџи, турски режисер кој работи и живее во Германија.

Покрај политичките теми, на програмата во Венеција оваа година паѓаат в очи бројните филмовите со мелодраматичен карактер. Холивудската ѕвезда Ал Пачино во „Manglehorn“ глуми маж кој не може да ја прежали својата загубена љубов. Италијанскиот филм „Hungry Hearts“ е приказна за еден двојка во Њујорк, чија врска поради драматични околности е ставена на проба.

Italien Filmfestspiele Venedig 2014 Stadt Logo
Фотографија: Reuters

Интерес за „поегзотични“ кинематографии

Со голем интерес и нетрпение се очекуваат филмовите од Иран и од Русија. И токму тоа е вредноста на еден ваков голем меѓународен фестивал - да пружи можност за претставување на кинематографии од земји кои инаку ги нема на репертоарите во секојдневните кино-понуди. Иранскиот филм „Ghesseha“ на режисерката Ракхшан Бани-Етемад дава панорамски приказ на модерното иранско општество, стариот мајстор на рускиот филм Андреј Кончаловски ѕирка во најдлабоката руска провинција и раскажува приказна за луѓе кои се потполно отсечени од „модерната цивилизација“.

Фестивалот во Венеција ќе го отвори еден „полесен“ филм „Birdman or the Unexpected Virtue of Ignorance“- црна комедија на мексиканската режисерска ѕвезда Алехандро Гонзалес Инариту, во кој Мајкл Китон глуми остарен актер кој се бори за достоинствен крај на кариерата. Тематизирањето на светот на филмот во филмовите е се’ освен нова појава, но е секогаш забавно и атрактивно ако е добро направено. И режисерскиот ексцентрик Абел Ферара е во трката за Златен лав со филм од истото милје - „Passolini“ е приказна за последните 24 часа од животот на италијанскиот филмски режисер Пјеро Пасолини.

Filmfestspiele Venedig 2014 Alexandre Desplat
Францускиот филмски композитор Александре Десплат годинава е претседател на стручното жири во ВенецијаФотографија: Reuters

Кој ќе ја однесе на крајот главната награда од Лидо ќе одлучи стручното жири кое го сочинуваат угледни филмски имиња и чиј претседател е францускиот филмски композитор Александре Десплат.