1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Фестивалот „Браќа Манаки“ е успешна приказна

Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ денеска (22.10.2010) ќе биде свечено затворен со доделувањето на наградите на најдобрите остварувања.

Битола деновиве е средиште на седмата уметност

Триесет и првото издание на Фестивалот за филмска камера, кој деновиве се одржува во Битола, постигна квалитет каков фестивалите не само на европско, туку и на светско ниво, би посакале да го имаат. Ваква е оценката на филмската јавност за она што како содржина, организација и концепција го понуди ова издание на Фестивалот. Оттука градоначалникот на Битола побара од директорот на Фестивалот, Лабина Митевска, и втор мандат.

„ Ваквиот ангажман ми ја исцрпи целата енергија“, вели Митевска , но не го крие задоволството што на Фестивалот му го даде својот личен печат и за она што и‘ го понуди на публиката и на филмската јавност со 12 светски филмски остварувања.

„Имавме неверојатно богата програма оваа година, многу значајни гости, но она за кое сум најсреќна, е што имаме публика и сите заедно уживаме во фестивалот. Последниве две години Фестивалот многу расте, имаме многу случувања, многу работилници“, истакнува Митевска.

Фестивалот напредна

Милчо Манчевски

Во стилот на светските филмски фестивали беше и почетокот на Манаки со гостувањето на филмската звезда Дерил Хана, но и на други познати имиња од светот на филмот. Сепак главни звезди се директорите на фотографија, вели Горан Тозија претседател на Друштвото на филмски работници,.

„ Многу од нив првпат доаѓаат во Македонија, изненадени се, така што имаме ситуации да кажат-еј, како ви текна за ваков фестивал. Кога ќе слушнат за браќата Манаки, кога ќе слушнат за нашата историја и нашиот развој, им станува јасно дека Битола со право е домаќин на такви големи имиња. Фестивалот напредна, доби една нова димензија, со доаѓањето на новите пријатели и новите партнери. Има извонредни гости оскаровци и филмови кои се актуелни и препознаени на други фестивали“, вели Тозија.

Тешко е да се оценува кинематографијата

Една од ѕвездите кои престојуваат во Битола е и 80 годишниот Вилмош Жигмонд, директорот на фогорафија на филмот „Ловци на елени“, добитник на еден Оскар и една номинација. Нему годинава му беше доделена наградата Златна камера 300 за животно дело. Тој заедно со пет филмски работници го сочинува жирито кое одлучува кој од 12 филмови ќе ги добие наградите златна, сребрена и бронзена камера 300 .

„Многу е тешко да се даваат критики за кинематографијата. Многу е тешко и мислам дека и повеќето од критичарите не стигнале до фазата кога се во можност да кажат неколку нешта за кинeмaтoграфијата. Не можат да допрат ниту до една карактеристика. Најважната работа во улогата на кинематографот е осветлувањето, односно кога филмот се одвива“, вели Жигмонд.

„Браќа Манаки“ е фестивал што го одржува филмскиот оган

Сцена од филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски

По 15 години на Фестивалот му се врати и Милчо Манчевски, со филмот „Мајки“, составен од три дела, од кои последниот е документарно случување на сериските убиства во Кичево. „Мајки“ на Манчевски е македонскиот кандидат за Оскар и е селектиран за Берлинскиот фестивал. Манчевски во Битола рече дека „Мајки“ е филм за природата на вистината.

„Ова е филм кој е повеќе од Македонија, отколку за Македонија. Ме интересираат луѓето, а не географијата. Ме интерсира човекот и она што му се случува во срцето, она што му се случува во главата, многу повеќе од опишувањето на местото и не дај боже опишувањето на политиката“.

Покрај најновите филмски остварувања, Фестивалот „Браќа Манаки“ години наназад донесува една друга содржина, не само бизнис, вели Петар Митриќ, селектор на фестивалот на Европскиот филм- Палиќ:

„ Манаки фестивалот е голем фестивал кој има длабока и голема традиција, и кој го одржува тој филмски оган кој полека се гаси. Постојат некои големи таканаречени А фестивали кои се пазар на кој филмовите се купуваат и се продаваат, а постојат и овие другите фестивали, на кои филмот се сака, се следи и се зборува за него. Манаки е еден од оние прекрасни фестивали на кои доаѓате да гледате филмови и да уживате во нив, што можеби и на авторите им е најмило и е малку подалеку од тие бизниси кои често се многу валкани или здодевни.“, вели Петар Митриќ.

Автор: Златка Пурковиќ

Редактор: Жана Ацеска