1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фалкао му донесе титула на Атлетико Мадрид

БГ/миа/бета10 мај 2012

Во шпанското финале во Лига Европа, убедлива победа од 3:0 однесе тимот од Мадрид. Јунак на мечот беше Колумбиецот Фалкао.

https://p.dw.com/p/14sf0
Фотографија: Reuters

Во шпанското финале на Лига Европа, одиграно на „Национална Арена“ во Букурешт, Атлетико Мадрид синоќа го совлада Атлетик Билбао со 3:0. На полувреме беше 2:0.

Ова за „црвено-белите“ од Мадрид е втор триумф во последите три години во ова натпреварување. Претходно Атлетико Мадрид и во 2010 година го освои пехарот во Лига Европа.

Головите за победничката екипа ги постигнаа Радамел Фалкао, во 7-та минута и во 34-та минута, и Диего во 85-та минута.

Најдобар играч на натпреварот беше Колумбиецот Фалкао, кој и минатата сезона беше еден од клучните играчи во финалето кога постигна еден гол и му помогна на неговиот поранешен клуб Порто да го освои пехарот. Со успехот, Фалкао стана првиот играч во историјата кој две години едноподруго постигнал голови за две различни, победнички екипи во натпреварувањето кое порано беше познато како Куп на УЕФА.

Atletico Madrid Falcao
Радамел ФалкаоФотографија: Reuters

„Не можам со зборови да ви ја опишам радоста која ја чувствувам во моментов. По сето она што се пишуваше за мене откако дојдов во Атлетико, сега покажав дека многумина згрешија. Имав тешки моменти, но ова беше одличен начин да се заврши сезоната“, рече Фалкао по мечот.

Тренерот на Атлетик Билбао Марсело Биелса на себе ја презеде одговорноста за тешкиот пораз иако призна дека тимот од Мадрид заслужено победил.

„Разочаран сум, не одигравме добро. Очигледно дека јас сум одговорен за начинот на кој играше мојот тим. Не се браневме добро, ниту напаѓавме и сигурен сум дека мојот тим може повеќе“, рече Биелса.

Синоќешната победа беше 12-та во низа за Атлетико Мадрид, а сезонава во Лига Европа постигнаа вкупно 17 победи, 1 нерешен резултат (против Рен) и 1 пораз (од Удинезе на гостински терен).