1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: Стапува во сила законот за амнестија

Маркус Самбале/ард/Жана Ацеска17 февруари 2014

Државното обвинителство најави амнестија за владините противници, откако демонстрантите го напуштија запоседнатото градско собрание. Двајца лидери на опозицијата денеска во Берлин ќе се сретнат со канцеларката Меркел.

https://p.dw.com/p/1BA9Z
Фотографија: Reuters

Борбата за власт во Украина продолжува, но видливи се почетни знаци на олабавување на напнатоста, откако на викендот демонстрантите без инциденти ги ослободија просториите на градското собрание, кои ги окупираа пред дваипол месеци и служеа како главен штаб на отпорот. Отстранети се и дел од барикадите на улицата Грушевски, каде со недели се водеа огорчени борби. Специјалците, посебната единица на полицијата, се повлечени.

На слобода се пуштени и сите во меѓувреме притворени демонстранти. Но, еден од нив, на пример, кој тукушто излегува од затвор, целата Украина под сегашното водство ја смета за еден голем затвор:

„Јас всушност излегов само од помалиот затвор и стигнав во поголемиот. Големиот затвор, се разбира, е подобар од помалиот. Но, јас сакам да живеам во слободна земја, а не помалиот затвор да го заменувам со поголемиот“.

Генералното обвинителство вети амнестија

Во Украина постои големо огорчување. Антивладините демонстранти јасно кажаа - повторно ќе ја окупираат зградата на општинското собрание, доколку судски се гонат учесниците во протестите. Еден член на опозициската партија УДАР на Витали Кличко, покажува борбеност:

„Нема да се откажеме, и натаму ќе инсистираме на престанок на сите казнени постапки и на амнестија за сите учесници на протестите“.

Demonstranten räumen das Rathaus von Kiew
Фотографија: picture-alliance/dpa

Доцна синоќа Генералното обвинителство вети дека никој нема да биде казнет. Законот за амнестија стапува денеска во сила. Но, многумина опозиционери се скептични, едноставно не му веруваат на претседателот Виктор Јанукович.

Кличко и Јаценјук на средба со Меркел

Двајцата опозициски лидери од Украина за денеска планираат нов политички потег, и тоа во Германија. Витали Кличко и Арсени Јаценјук ќе бидат примени во Берлин од канцеларката Ангела Меркел. Нивната намера е да замолат за поддршка од ЕУ, како што најави Јаценјук.

Тој вчера на Плоштадот на независноста, Мајдан, во центарот на Киев, уште еднаш пред десетици илјади демонстранти ја упати пораката: „Сакаме укинување на корупцијата, казнување на оние кои извршиле свирепи дела врз Украинците и воведување праведно судство. Сакаме да создадеме нови работни места, нашата цел е потпишување на Договорот за асоцијација со ЕУ, ослободување на сите политички затвореници, меѓу кои и Јулија Тимошенко, и организирање фер претседателски избори.“

Централните барања на опозицијата, значи, остануваат - одржувањето предвремени избори и донесување нов устав, кој ќе ги укине ингеренциите кои во последните години си ги присвои претседателот, и повторно поголеми права во одлучувањето ќе им се даде на пратениците. Претседателот Виктор Јанукович и кај двете теми досега не покажува знаци за отстапки. Од утре за барањата повторно ќе се дискутира во украинскиот парламент, каде таборот на Јанукович има мнозинство. Заради зголемување на притисокот, владините противници најавија протестен марш пред зградата на парламентот. Ситуацијата во Киев може повторно многу брзо да се заостри.