1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бог нека е со нас“

ЖА/дпа/афп13 април 2014

Украинската влада за првпат одговори со сила против проруските сепаратисти во источниот дел од земјата. Во акцијата на украинските специјалци има мртви и ранети. Киев ја обвинува Москва за отворена агресија.

https://p.dw.com/p/1BhCe
Фотографија: AFP/Getty Images

Во масивната антитерористичка акција против проруските сепаратисти во источна Украина, според украинскиот министер за внатрешни работи, Арсени Аваков, има мртви и ранети. Прозападното раководство во Киев нареди акција на специјалните сили откако вооружени групи во градот Славјанск зазедоа неколку административни згради.

„Ангажирани се сили од сите делови на земјата. Господ нека е со нас“, изјави министерот Аваков денеска (13.04).

На страна на владините сили загинал најмалку еден офицер, пет луѓе се ранети, соопшти министерот, додека не се знае бројот на жртви на спротивната страна. Проруските активисти без предупредување отвориле оган врз владините сили. Аваков ги обвини сепаратистите за злоупотреба и користење цивили како жив заштитен ѕид. Засега нема подетални независни извештаи за случувањата.

Според очевидци, над градот се крева чад - демонстрантите запалиле барикади од автомибилски гуми. Тенкови на украинските сили на повеќе места ги имаат блокирано пристапите. Над градот со над 100.000 жители надлетуваат воени хеликоптери. Портпарол на сепаратистите за руската државна телевизија изјави дека активистите никогаш нема да се откажат. Аваков ги повика цивилите да се повлечат од центарот на градот, да не ги напуштаат домовите и да се држат подалеку од прозорците.

Pro-russische Demonstranten Ostukraine
Фотографија: Reuters

Министерот на прозападната влада од Киев ја обвини Русија за агресија во регионот, во кој живеат мнозинство проруски ориентирани и граѓани со руско потекло. Намерата на Москва е преку платени провокатори да изврши дестабилизација и потоа да вмаршира во источна Украина, обвини Аваков. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ова одлучно го отфрли. Во телефонскиот разговор со неговиот американски колега по функција, Џон Кери, Лавров се закани - употреба на сила од страна на владата во Киев ќе го загрози одржувањето на планираната средба на руски, украински, американски и ЕУ-претставници за в четврток во Женева.

Во Јенакиево, родното место на развластениот и во Русија пребеганиот украински претседател Виктор Јанукович, сепаратистите ставија под своја контрола повеќе административни згради, меѓу кои и полициската станица. Вчера вооружените напаѓачи во борбени униформи со повици „Русија, Русија“, ја зазедоа полициската станица и седиштето на тајната служба во Славјанск. И во други градови во регионот на Доњецк демонстрантите упаднаа и окупираа управни згради. Проруските групи со недели бараат припојување на регионот кон Русија, според примерот на полуостровот Крим или барем референдум за поголема автономија.