1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трите поранешни советски републики се доближија до ЕУ - Русија веднаш се закани

Александар Методијев/дпа/ап/афп/ројтерс27 јуни 2014

Украина, Грузија и Молдавија денеска потпишаа договори за поблиски политички и економски врски со ЕУ. Уште потписите не беа исушени на хартијата, Русија ја објави својата реакција со закана.

https://p.dw.com/p/1CRHq
Фотографија: Reuters

Украинскиот претседател Петро Порошенко (на насловната форографија во средина) го потпиша во Брисел Договорот за асоцијација, кој всушност претставува договор за трговски и економски пакт со ЕУ и изјави дека ова е „најзначајниот ден“ за неговата земја откако таа стана независна од Советскиот сојуз.

Рускиот заменик министер за надворешни работи Григориј Карасин изјави дека ќе има „сериозни последици“ за Украина, откако претседателот Порошенко го потпиша договорот за слободна трговија со ЕУ. „Последиците од потпишувањето од страна на Украина и Молдавија секако дека ќе бидат сериозни“, нагласи рускиот министер. Карасин сепак додаде дека „потпишувањето на таков сериозен документ, секако, е суверено право на секоја држава“.

Европската унија потпиша слични договори за асоцијација со две други поранешни советски републики – Молдавија и Грузија. Со тоа овие земји се обврзаа на нивна иднина во Европа и во неа ќе можат да извезуваат стоки без царини или ограничувања. Истовремено стоките и услугите од ЕУ ќе бидат продавани полесно и поевтино на компании и потрошувачи во овие три земји. Украинскиот претседател изјави дека ова е „апсолутно нова перспектива“ за неговата земја.

Портпаролот на Кремљ Димитриј Песков рече дека Русија ќе преземе мерки за да ја заштити својата економија, ако на неа има негативно влијание денешното потпишување на договори меѓу ЕУ и Украина, Грузија и Молдавија.

Порошенко по потпишувањето на договорот рече дека „во минатите месеци Украина ја плати највисоката можна цена за европските соништа да станат јаве“.

Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпој изјави дека „ова е одличен ден за Европа“. Во церемонијата на потпишување учествуваа и премиерот на Грузија Иракли Гарибашвили и на Молдавија Јурие Леанка.