1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трајанов бара одговорност, Георгиевски згрозен

Катерина Блажевска21 февруари 2015

Содржината на третата „бомба“ ги разочара сите кои во изминатите години се залагаа Македонија да стане правна држава, а од Брисел стигнуваат пораки Македонија да се врати од работ на кој сега се наоѓа!

https://p.dw.com/p/1EfNs
Фотографија: DW/P. Stojanov

Згрозеност и длабока разочараност, се најчестите реакции откако вчера лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја објави и третата т.н. „бомба“, како што рече, посветена на политички монтираниот процес за апсење на Љубе Бошкоски и негово целосно понижување. Презентираните раговори, на кои, според Заев, се гласовите на директорот на УБК, Сашо Мијалков, уредникот на телевизијата „Сител“ и на сопственикот на „Канал 5“, Емил Стојменов, изобилуваат со низа вулгарности и јасно изразена намера за медиумско и притворско изживување врз Бошковски. Таквата содржина на разговорите, вчера (20.02) испровоцира и протестен собир пред Владата на стотина граѓани организирани преку социјалните мрежи. Револтот го изразија со транспаренти на кои пишуваше „убијци“ и „психопати“, а преку озвучување ги емитуваа снимките што ги објави опозицијата. Неофицијално, најавија дека протестот ќе продожи и денеска во 16 часот.
Валкана политика
Пратеникот Павле Трајанов, лидер на владејачкиот Демократски сојуз, не крие дека е згрозен од тоа што го чул и најавува дека ќе бара одговорност.
„Згрозен сум од тоа што го слушнавме. Овие снимки ја покажаа длабочината на хипокризијата во медиумите и власта. Само темелна, независна, јавна и транспарентна истрага може да биде основа за враќање на човечките вредности и доблести. Јавно соопштувам дека барам одговорност од сите актери во оваа нечиста и валкана политика, која ја девалвира државата и ја втурна во хаос“, вели актуелниот пратеник и поранешен министер за внатрешни работи.
Иво Котевски, помошник-министер во МВР за односи со јавноста, не го коментира презентираниот разговор, во кој, тој со министерката Јанкуловска се договараат на медиумите да им дадат „поненасилни“ фотографии од аспењето на Бошковски.
„За четвртоосомничениот (Заев) се води сериозна истрага за најтешки дела против државата и граѓаните. Станува збор за исклучително чувствителен случај, за кој и граѓаните и меѓународната заедница очекуваат сериозна законска завршница. Јас сум подготвен, доколку е потребно, да сведочам пред надлежните судови на Република Македонија“, кратко одговори Котевски.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како за претходните, така и за оваа „бомба“ се огласи со идентичен став.
„Заев и денес свесно продолжи да одработува за странските центри и нивните агентури во државава, на директна штета на интересите на Македонија и на нејзините граѓани. Заев со секој негов чекор без дилема потврдува дека креираните материјали кои ги употребува се креирани во соработка со странски центри, а тој е инструмент во спроведувањето на нивното сценарио. СДСМ и Заев не можат да бидат конкурентни со програма, проекти и идеи корисни за граѓаните, туку единствено се добри кога станува збор за исполнување на туѓи агенди кои се штетни за сопствената држава. Заев веќе подолго време е дел од ова смислено сценарио, тој беше човек кој јавно соопштуваше дека целата држава треба да ја свитка кичмата, кој по смс-пораки и писма информираше дека на власт ќе го донесат пријателите од странство, со свое јавно признание пред премиерот кому му потврдил дека креираните материјали се од странски служби“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Срамна спрега власт-медиуми
Лидерот на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, вели дека е изненаден и згрозен од содржината на разговорите што ги презентираше лидерот на СДСМ. Неговото име се спомнува во разговорот, што според Заев, го воделе директорот на УБК, Сашо Мијалков и сопственикот на ТВ Канал 5, Емил Стојменов. Според разговорот, Мијалков неколку дена претходно на Стојменов му најавил дека „од понеделник почнува да апси“. Стојменов потврдува дека му е ќеф што е уапсен Бошковски, но според наводниот разговор, оди и чекор понатаму: „Знаеш што уште ќеф да ми направиш? Тој Љубчо да го уапсиш!“
Според Георгиевски, ваквите разговори сведочат за срамна спрега меѓу власта и медиумите.
„Медиумите одработуваат за власта, но од снимките се заклучува дека таа соработка оди и двонасочно, па и од власта се бара да оствари 'желби' на медиумски сопственици. Она што го знам, е дека околу 80 отсто од богатството Стојменови го стекнаа кога таткото (Борис Стојменов) беше министер за финансии во мојата влада. Таа влада им ја даде концесијата за телевизијата Канал 5. Денес, малку е ако кажам дека чувствувам грижа на совест и одговорност за таа постапка, особено кога слушам како некој бара да ми ја стават главата во торба. Не разбирам, од каде толкава омраза кај некои луѓе? Не разбирам од каде и кај Драган Павловиќ - Латас толкаво одушевување за апсењето на Бошковски. Па кога Љубе беше министер, Латас многу често беше гостин во неговиот дом. Најмалку 30-тина пати бил на вечери во домот на Бошковски“, вели Георгиевски.
Разочарувањето не ги одмина ни кадрите на телевизијата Канал 5. Сузана Мицева, тв-дописничка од Струмица, вчера преку нејзиниот Фејсбук-профил го најави своето заминување од Канал 5: „Денес го прекинав мојот ангажман во Канал 5... Секој има револт, ова е мојот начин да го покажам. Нема логика да говорам и критикувам тука, ако токму овие денови, од Струмица во совршена хармонична атмосфера ви зборувам за Карневал. Карневал, точно, има, ама во цела држава! До моите колеги од 5-ка само добри желби и поздрави, имав убави шест години“.
За револтот што владее во медиумите, сведочи и фактот дека пред неколку дена оставка си даде и новинарката Ивана Костовска, главен и одговорен уредник на веб порталот Телеграф.мк и на веб порталот на англиски јазик, Индепендент.мк. Двата портала се во издание на Медиа принт Македонија, компанија која ги издава дневните весници „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“. На 16 февруари, Костовска писмено ги известила одговорните во МПМ дека менаџментот врз неа врши притисок да објавува или сокрие информации во двата медиуми за кои таа е одговорна.
Непристојно место
Правните експерти избегнуваат да ги коментираат последните аудио-снимки. Еден од нив реторички прашува: „А што да кажам? Дека нема институции? Дека партија избира кого ќе апси, дека партија апси, дека партија одредува на кого каков ќе му биде притворот, колку камери ќе го снимаат, колку пати ќе го прикажуваат, колкава ќе му биде казната и колку од оние што не се нејзини членови треба да се 'сотрат'? За жал, тоа одамна го знаат сите“, вели соговорникот.
За разлика од другите, одважност и храброст јавно да проговори, како и многу пати досега, покажа Ѓорѓи Марјановиќ, еден од најреспектираните професори на Правниот факлутет на УКИМ.
„Грозно! Па институциите воопшто не функционирале! Останав без зборови! Мојот идеал Македонија да стане пристојно место на живеење, се претвори во својата карикатура“, констатира пензионираниот професор по кривично право.
„Цел живот се залагав Македонија во вистинската смисла на зборот да стане ПРАВНА ДРЖАВА, затоа што само ако навистина изградевме држава во која правото ќе важеше за секого, правните институции ќе беа далеку од какво било влијание на политиката и ќе ја поставевме цврстата основа на мојот, и на идеалот на секој чесен граѓанин: Македонија- пристојно место за живеење! Ако законите важеа подеднакво за сите, сигурно денес не ќе бевме сведоци на ваков криминал, а затворите не ќе беа преполни со невини луѓе, додека нарачателите за нивните 'злодела' и натаму се во длабоки фотелји“, коментира професорот.
Вели дека е изненаден од дрскоста со која се кршат законите!
„Каква дрскост!Да се влезе во секоја куќа без да се има овластување од судски орган. Да се шпионираат дури и најблиските соработници. Јас навистина немам збор за да го искажам своето вчудовидување во каква држава сме живееле. Па ако нашите млади во толкав број ја напуштаа својата земја, каква ли состојба не очекува сега, кога е загрозена слободата на секој граѓанин, а да не зборувам за медиумите. Луѓето се уплашени. Стравот навистина им влегол во коски, па не е чудо и што не можам да прочитам изјава од моите колеги кривичари за она што се случува околу нас. Господ нека ни е на помош! Сега постојано се прашувам зошто толку ги мачев моите студенти!“, разочарано вели Марјановиќ.

Mazedonischer Oppositionsführer Zoran Zaev
Зоран Заев изнесе сериозни обвинувањаФотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev
Pavle Trajanov
Павле ТрајановФотографија: DW

Хан: Македонија е на работ!
Загрижувачки оценки стигнуваат и од Брисел. Eврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, кој пред три дена беше во Скопје, но не ја соопшти содржината на разговорите со државниот врв и политичките лидери, вчера се огласи на прес-конференција во Брисел. Политичката криза во Македонија треба да се надмине во Собранието, особено ако опозицијата е две години надвор од парламентот, што не треба да биде случај во земја која бара европска перспектива, порача тој.
„Во Македонија има длабока политичка криза. Таму пренесов многу јасна порака до сите политички страни дека треба во Собранието да ја решат моменталната многу сериозна политичка поделеност, со целосно почитување на фундаменталните права, со почитување на независното судство. За потребата да се врати земјата од работ каде што се наоѓа, ние моментално разгледуваме можни модели на поддршка, но и од другите европски институции “, најави Хан. Тој потенцира дека бара од сите партнери да го решат конфликтот со почитување на фундаменталните принципи на владеењето на правото, а даде и коментар и за случајот со прислушкувањето.
„Ако има некакви материјали кои укажуваат дека постои криминал треба да им бидат доставени на оние кои се надлежни, а тоа е обвинителството, судскиот систем, кои треба да ги проследат на соодветен, независен и неопходно транспарентен начин“, порача еврокомесарот.