1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слободниот пазар носи поевтина струја

Костадин Делимитов1 април 2014

Втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија носи бенефит за над 200 компании во Македонија. Индустријата во просек ќе штеди околу 20%. Операторите се задоволни, регулаторот не очекува проблеми.

https://p.dw.com/p/1BZNl
Фотографија: picture-alliance/dpa

По две одложувања, во Македонија конечно започна втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Од денеска, 222 фирми со над 50 илјади вработени и 10 милиони евра годишен промет ќе ги задоволуваат своите потреби за електрична енергија на слободниот пазар. Според проценките на добавувачите, либерализацијата за дел од нив ќе значи и до над 30% поевтина струја. Од Регулаторната комисија за енергетика за Дојче веле соопштија дека заклучно со вчера, 31 март, биле склучени најголем дел од договорите со снабдувачи на електрична енергија, освен неколку јавни претпријатија, акционерски друштва во државна сопственост кои биле во фаза на постапки за набавка на електрична енергија согласно законот за јавни набавки. Позначајни проблеми или изненадувања на стартот на процесот не се очекуваат.

„Она што се очекува како бенефит од процесот на либерализација, а е резултат на досега направените анализи и пренесените искуства од земјите каде што е веќе започнат овој процес, е намалување на вкупните трошоци за електрична енергија за оние потрошувачи кои се наоѓаат на листата на квалификувани потрошувачи кои ги исполнуваат критериумите за самостојно учество на пазарот на електрична енергија.

Досега Регулаторната комисија за енергетика има издадено 51 лиценца за трговија со електрична енергија и 6 лиценци за снабдување со електрична енергија“, изјави за Дојче веле претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Димитар Петров.

Symbolbild Strom Energie Hochspannungsleitung Wirtschaft
Фотографија: Fotolia/Christian Schwier

Најголем дел од договорите на стартот од втората фаза се склучени со две компании, „ЕВН Снабдување“ и „ЕДС“ (Energy Delivery Solutions). Според првиот човек на ЕДС Кочо Анѓушев, цената во просек ќе се намали за околу 20%. Неговата компанија потпишала договори со 70 фирми од кои најголем дел се т.н. потрошувачи на поголема количина на енергија.

„ЕДС покрива околу 64% од количината на енергија на пазарот на годишно ниво и со самото тоа ја има и најголемата балансна група на слободниот пазар. Цените во просек, на оние фирми кои за првпат излегуваат на пазарот се намалија за околу 20% и од некое ниво на просечна цена од 95 ипол евра сега имаат вкупна цена од околу 76 евра за мегават час, при што таа цена дел е за енергија, тоа што ние го продаваме како снабдувачи, а другиот дел е за користење на мрежата и тоа е цена регулирана од Регулаторна комисија за енергетика. Нормално намалувањето нема да биде секаде исто, најголемо е таму каде што имаат преземање на најниско напонско ниво, а најмало каде има преземање на високо напонско ниво. Значи, на 35 киловолтно ниво е најмало намалувањето, а на 0,4 е најголемо. Различно е, некои имаат намалување од 5,7%, но некои и над 30, дури и до 40%. Кај индустријата бенефитот е околу 20%“, објаснува Анѓушев.

Слични се проценките и на „ЕВН Снабдување“ каде потпишале договори со над 120 компании кои првпат излегуваат на слободниот пазар.

„ЕВН Снабдување ја оформи и втората балансна група. Едната најголема во земјава е на регулираниот пазар на електрична енергија каде што ги снабдува тарифните потрошувачи вклучувајќи ги и 700 000 домаќинства и малите бизниси, и втората балансна група за либерализираниот пазар каде што се вклучени ЕВН Снабдување со 70% или две третини од компаниите кои што од денеска за првпат излегуваат на отворениот пазар Оние кои потпишаа договор со нас не мора воопшто да се грижат за тоа дали ќе ја потрошат целата побарана енергија или не, нашето искуство и екпертиза околу планирањето им стои на располагање. Балансирањето на потрошувачката ќе биде наша грижа“, изјави за Дојче веле менаџерот на компанијата Нико Беберу.

Регулаторната комисија за енергетика досега има издадено 51 лиценца за трговија, односно 6 лиценци за снабдување со електрична енергија. Организатор на пазарот е МЕПСО (Македонски електропреносен систем оператор) односно инстанца во рамки на оваа компанија која ги регистрира сите учесници на пазарот, води регистар и служи како логистика. Целосната либерализација на пазарот на електрична енергија ќе се случи на 1 јануари 2015. Што ќе значи тоа за домаќинствата и малите потрошувачи во однос на цените засега е рано да се прогнозира. Познавачите сепак не очекуваат подрастични промени, посебно за домаќинствата но само доколку регулаторот правилно ја даде цената на мрежарината која покрај цената на електричната енергија на пазарот е клучен елемент во формирањето на крајната цена за корисниците.