1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слабо евро: шанса или ризик?

Х. Фишер/бг7 јануари 2015

Европските извозници и банкари се радуваат, увозниците и туристите стравуваат. Слабото евро може да ја придвижи европската економија, но со себе носи и опасности

https://p.dw.com/p/1EFjq
Фотографија: picture alliance/Boris Roessler

Во март минатата година за едно евро можеа да се добијат долар и 29 центи, денес курсната листа е околу 1,19 долари за едно евро. Тоа значи дека е веќе достигната најниската вредност од 2006. година, иако таквиот развој не изненади никого. Американското стопанство расте до толкава мерка што тамошната Централна банка (ФЕД) повторно размислува за подигање на каматната стапка. За тоа време, Европската централна банка (ЕЦБ) мора да ја „олабави“ фискалната политика, за да го поттикне слабото стопанство.

„Во суштина се случува она што бројни аналитичари го најавуваа долго време“, вели Штефан Шнајдер, економист на Дојче банка во разговор за ДВ. Тој и неговите колеги сметаат дека доларот се повеќе ќе зајакнува во годините кои претстојат и повторно се слушаат претпоставки дека на крајот ќе дојде до паритет (1 евро= 1 долар).

Според овој економист, тоа и не мора да биде проблем. Напротив: „ефтиното“ евро ги поефтинува европските производи на светскиот пазар и земјите извознички како Германија од тоа можат да имаат голема корист. Европските фирми на тој начин стануваат поконкурентни во однос на оние од Јапонија, откако тамошната валута во изминатите години загуби на вредност.

Поттик за земјите од југот на Европа

„Слабото“ евро е и во духот на политиката на Европската централна банка. Нејзиниот шеф Марио Драги за весникот Ханделсблат изјави дека курсната листа не е меѓу целите на политиката на ЕЦБ, но дека е важна за стабилноста на цените и стопанскиот раст. Дотолку повеќе што цената на нафтата, која традиционално се пресметува во долари, е невообичаено ниска. Кога тој трошок би го оптоварувал стопанството на зоната на еврото, тогаш тоа би можело да го задуши стопанскиот раст. Но, во случајов, не е ефтина само нафтата туку и другите суровини. Тоа не е добро само извозниот рекордер Германија, туку и за другите европски земји свртени кон извоз како Италија, Франција или Шпанија.

DAX Entwicklung an der Börse in Frankfurt 05.01.2015
Фотографија: Reuters

Кога станува збор за Грција, експертите немаат многу што ново да кажат: стопанството тешко закрепнува, а финансиските пазари се загрижени дека новата влада, во случај да ја предводи левичарската Сириза, навистина би престанала со отплата на долговите. „Дискусијата за Грција е елементарна, во случајот се работи за големо психолошко оптоварување и тоа се одразува врз финансиските пазари“, објаснува Фолкер Хелмејер од Покраинската банка на Бремен. „Тоа секако се вклопува и во конструкцијата на господинот Драги. Слабото евро е посакувано за позитивно да влијае врз економијата, особено на земјите од југот на Европа“.

Губење на довербата

Дотолку повеќе што Марио Драги во споменатото интервју уште еднаш најави и поттикна инфлација во еврозоната: „по потреба и со неопходни дополнителни мерки“. Со други зборови, преку масовен откуп на државни обврзници, со што на пазарот на пари би стигнале нови количини пари. Тие треба да послужат за нови инвестиции, но така ќе падне и вредноста на европската валута кон доларот.

Symbolbild EZB Europäische Zentralbank Frankfurt am Main
Падот на еврото засега не ја загрижува ЕЦБФотографија: Getty Images

Според аналитичарот Кристоф Цверман, тоа е „многу опасна игра“. Тој предупредува дека странските инвеститори во земјите на еврозоната веќе бележат загуби и тоа би можело да значи дека еврото и натаму ќе губи на вредноста. „Ќе видиме дека еврото далеку побрзо ќе падне отколку што тоа некому ќе му биде драго“, предупредува Цверман. „Лесно може да се случи дека тоа ќе предизвика нова криза во еврозоната, едноставно поради тоа што нагло ќе се губи довербата во еврото и во Европа“.

Неговиот заклучок е дека загубата на довербата е далеку поопасна отколку „животот со силно евро“. А на тоа треба да се присетат и германските извозници. „Големите германски извозници успеваа добро да работат и со курс од 1,4 кон доларот. Дури и тогаш беа конкурентни на светскиот пазар“, вели Цверман.