1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скок на бројот македонски баратели на азил во Германија

Силвера Падори-Кленке24 февруари 2014

Минувањето на границата е најмал проблем за македонските баратели на азил чиј број во Германија од 2011 до 2013 година е зголемен од 1.753 на 9.418. Барањата се одбиваат, но несудените азиланти и натаму пристигнуваат.

https://p.dw.com/p/1BDMh
Фотографија: picture-alliance/ZB

Иако безбедноста на германските граници е во тренд со времето и се‘ помодерна, благосостојбата, отвореноста и хуманата компонента на државата и натаму ќе бидат посакувана дестинација за бројните бегалци и баратели на азил од светот. Бројните студии покажуваат дека постоечките национални заедници кои живеат во Германија најмногу влијаат земјата да стане цел за многуте мигранти. Д-р. Михаел Гризбек, вицепретседател на Сојузната служба за миграција и бегалци од Нирнберг, за Дојче веле објаснува дека во Германија постапката за доделување азил е правно регулирана уште од 1953. година. Статистиката од минатата година само ја потврдува атрактивноста на државата. „Германија е главна целна земја кај бегалците од светот. Лани имало 127.000 барања за азил, што е безмалку 50.000 повеќе од претходната 2012 година.Ова значи пораст од 64 проценти. Според земјата на потекло од каде доаѓаат барателите на азил, водечки се Балканските држави, Сирија и Руската федерација. Погледано низ бројки од Балканот предничат барателите на азил од Србија ( 18.000) и од Македонија (9.418) кои се на прво, односно четврто место меѓу десетте држави од каде доаѓа најголемиот притисок’’, објаснува д-р. Гризбек. Тој понатаму кажува дека од сите држави во Европската унија најмногу барања за азил има во Германија. Од поднесените 300.000 барања за азил во земјите од ЕУ во трите квартали од 2013, секое трето било во Германија. Покрај Германија, лани притисок имале и Франција, Шведска, Велика Британија и Белгија. Инаку, гледано во светски размери, по Иран и Пакистан, Германија лани била трета држава во која имало најголем број бегалци.

Нагорен тренд на македонските баратели

Спред податоците на Сојузната служба за миграција и бегалци од Нирнберг, бројот на барателите на азил по потекло од Македонија од 2011. до денес бележи нагорен тренд. Во 2011. година имало вкупно 1.753 барања за азил, во 2012. бројот се зголемил на 6.889, а минатата година достигнал 9.418. Дека станува збор за алармантен тренд, покажува и анализата на само еден месец. Така на пример во јануари 2011. имало 142 барања за азил, во истиот месец 2012. имало 236 барања, па во 2013. бројот јануарски баратели пораснал на 221, а минатиот месец азил побарале дури 1.024 македонски државјани. Како што посочува Кристоф Сандер од канцеларијата на претседателот на Сојузната служба за миграција и бегалци, бројката на прифатени барања за азил е минимална и во изминативе години се движела околу 0,3 проценти. Ова би требало да ги обесхрабри сите оние кои се надеваат на подобар живот во Германија. Причината за одбивањето на барањата за азил како неосновани е што Македонија спаѓа во групата на трети безбедни држави.
„Што се однесува до патиштата на барателите на азил од Македонија до дестинацијата – Германија, статистички овие податоци не се обработуваат. Од разговорите со барателите, меѓутоа, може да се констатира дека дел од нив пристигнуваат во своја индивидуална режија, а дел организирано“, појаснува Сандер. Македонските баратели на азил главно како такви се идентификуваат откакако ќе ја минат границата и ќе стасаат до одредена дестинација. На овој начин, по пријавувањето, се распоредуваат во првото најблиско прифатилиште за баратели на азил, а потоа се прераспределуваат според востановениот принцип. Поточно, секоја од германските федерални држави е обврзана со квота да згрижи одреден број баратели на азил. Тоа се определува според посебен клуч т.н. „кенигштајнер“ . Според овој „клуч“ годинава најмногу баратели на азил треба да згрижи Северна Рајна Вествалија по што следуваат Баварија, Баден Виртемберг, Долна Саксонија, Хесен и тн. Доколку местата се пополнети, барателите се распределуваат онаму каде има слободни капацитети.

Asylbewerber aus Mazedonien
Лани најмногу барања за азил имало од Србија, а Македонија била на четвртата позиција - Михаел ГризбекФотографија: Silvera Padori-Klenke

Користење на привилегиите

Поучени од искуството, германските служби се обидуваат во што е можно покус временски рок да одлучат по барањата. Зашто колку што побрзо се заврши процедурата, толку поевтино ќе ја чини општината и државата престојот на барателите кои немаат основа да добијат азил, меѓу кои се вбројуваат и македонските државјани. „Тешка е целата состојба со барателите на азил од Балканот кои имаат третман на граѓани на трети безбедни земји. Слободниот визен режим за државјаните на Македонија и на Србија значи право на слободно движење низ земјите на ЕУ. Барањето на азил јас го толкувам како барање на пари и социјални привилегии. За времето додека тече постапката барателите добиваат платено живеалиште (соба или помал стан зависно од бројот на членовите во семејството). Потоа возрасните имаат право на 350 евра месечно (децата нешто помалку). Така едно петчлено семејство со три деца, додека чека барањето на азил да му биде одбиено, месечно добива над 1.100 евра, платен стан, греење, вода. Мора да плати само за струја. Не сакам погрешно да бидам разберен, но морам да кажам дека ова во Германија го немаат многумина кои нормално работат. Добредојдени се сите оние кои сакаат да работат во Германија. Денес без нив не можеме, но го разбирам и отпорот кон оние кои сакаат да ги искористат социјалните привилегии што ги одделува државата и даночните обврзници за оние чии животи се навистина загрозени во земјите од каде потекнуваат“, коментира за Дојче веле Матијас Зигер.