1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се работи за иднината на ЕУ

Александер Андреев; превод: Александар Методијев3 јануари 2014

Во дискусијата за социјалната помош за мигрантите од Бугарија и Романија има една грешка во размислувањето, смета Александер Андреев. Нивоата на пазарот на труд и на социјалниот систем се јасно одделени.

https://p.dw.com/p/1AkWL
Grenzen in Europa
Фотографија: picture alliance/Romain Fellens

„Хуните доаѓаат!“ Борбениот повик против мигрантите во меѓувреме се чита не само во британските медиуми, туку се нагласува и на германските неформални средби, па дури политички коректно ублажено и во партиските документи на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и на Алтернатива за Германија (АфД). Во моментов доживуваме обид, од партиски и европско-политички причини, еден комплексен проблем да се редуцира на еден единствен аспект - имено, на опасноста од напливот на мигранти од Бугарија и Романија да се оптоварат социјалните системи. Но, реалноста е многу покомплицирана.

Прво, се работи за граѓани од две различни земји-членки на ЕУ. Второ, оваа група не е хомогена. Некои доаѓаат со вистинска желба да пронајдат работа, а други имаат намера да бараат детски додаток или парична помош за невработени. Еден дел од овие луѓе се Роми. Во Романија и Бугарија живеат милиони Роми, кои најчесто се многу сиромашни и од мнозинството население се третирани исклучително лошо. Трето, мигрантите се различно квалификувани. Меѓу нив има како доктори и инженери, така и луѓе кои одвај да можат да читаат и пишуваат. Четврто, не постојат сигурни прогнози ниту за бројот на овие мигранти ниту за очекуваните предности и недостатоци за пазарот на трудот и на социјалните системи.

Темелните вредности на ЕУ и националното законодавство

„Пазар на труд“ и „Социјални системи“ се клучните изрази околу кои се врти целата дискусија. Овие нивоа мораат јасно да се разделат. Слободното движење на работниците, кое важи за сите граѓани на ЕУ, е имено основна вредност на заедницата, која не смее да биде разнишана. Социјалните системи спаѓаат во делот на задачите на националното законодавство, а таму има различни можности за структурирање. Тоа значи дека како Велика Британија, така и Германија или другите ЕУ-земји можат да воведат одредени ограничувања, но тие би морале да бидат потврдени од соодветните уставни судови, како и од Европскиот суд на правдата.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александер Андреев, автор на коментаротФотографија: DW

Самите такви ограничувања би биле погрешен сигнал, бидејќи и при оваа дебата, како и при дискусијата за спасувањето на банките, не се работи за ништо помалку од иднината на ЕУ. Солидарноста како основна вредност на ЕУ при темата миграција е уште повеќе потребна, како и при спасувањето на банките, бидејќи тука не се работи за руинирани банкарски институти, туку за милиони жители на ЕУ. Бидејќи во суштинската дебата се работи за иднината на ЕУ, не се потребни гнили компромиси на национално ниво, туку вистинска контроверзија околу основното прашање - потребно ни е повеќе или помалку Европа?

Да се отворат картите на маса

Поддржувачите на „помалку Европа“ во меѓувреме јасно се позиционираа. Како британската влада, така и ЦСУ и Алтернатива за Германија (АфД) во Германија, но и различни антиевропски партии во земјите-членки се подготвуваат за изборите за Европскиот парламент во мај, па во кризни времиња постојат стравови од отуѓување на граѓаните. Ова во исто време е обид на етаблираните партии да не го предадат десноконзервативниот раб на општеството на новодојдените како АфД. Затоа приврзаниците на „повеќе Европа“ би требало да имаат несомнен став и така да одат на европските избори. Сепак, така тие би можеле да загубат гласови, а националистите од цела Европа да станат посилни во идниот Европски парламент. И покрај тоа, ова е добра можност да се отворат картите на маса и конечно да започне дискусијата за федерална Европа. Европа, во која меѓу другото и социјалните системи ќе постојат за сите. Вистинско место за таква дискусија би бил Европскиот парламент, со поголема моќ и самодоверба. Па така, мигрантите од Бугарија и Романија би можеле ненамерно да придонесат за поголемо единство на Европа.