1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија не се откажува од испораката на ракети за Сирија

СН/ЕМФ/ртре/дпа/афп/миа28 мај 2013

Заменикот министер за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков порача дека испораката на систем за противвоздушна одбрана на Сирија ќе помогне да се одвратат „загреаните глави“ од намерата да интервенираат во земјата.

https://p.dw.com/p/18fTk
Фотографија: picture-alliance/dpa

Русија нема да се откаже од плановите за испорачување на ракетите од типот С-300 наменети за противвоздушна одбрана и покрај противењето на Западот, зашто тоа ќе помогне во одвраќањето на намерите на „вжештените глави“ да интервенираат во двегодишниот вооружен конфликт во земјата, порача денеска (28.05) рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.

Тој исто така ја обвини Европската унија дека „долева масло во огнот“ со тоа што допушта да истече важноста на ембаргото на оружје за Сирија.

Според Рјабков, тоа решение „не е во прилог на политичко решавање на конфликтот“ и противречи на политиката на самата на Унија.

Рускиот дипломат потсети дека на 3 јуни ќе биде отворен за ратификација меѓународниот договор за трговија со оружје, чиј иницијатор во голем степен беше ЕУ. Според тој документ, „основната одговорност во таа област ја носи владата на државата, за која се извршуваат вакви испораки“, рече тој.

Kurzstreckenraketen Iran Test 2012
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Одлуката на ЕУ, донесена непосредно пред 3 јуни, е во противречност и со духот, и со текстот на тој документ“, изјави Рјабков. Тоа, според него, „одразува двојни стандарди и штети на перспективите за свикување меѓународна конференција“ за Сирија.

„Израел знае што да прави ако руските ракети стигнат во Сирија“

Израел, пак, денеска соопшти дека Русија се' уште не извршила испорака на ракети С-300 на Сирија. Израелскиот министер за одбрана Моше Јалон изрази надеж дека тоа нема ни да се случи:

„Но доколку ракетите стигнат до Сирија, ние знаеме што да правиме“, изјави израелскиот министер.

Изјавата на Јалон е во спротивност на минатонеделните тврдења на командантот на воздухопловните сили на Израел дека ракетите се на пат кон сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Израел стравува од евентуална руска испорака на софистицирани ракетни системи за Сирија, бидејќи постои опасност ваквото оружје да падне во рацете на Иран или либанската радикална шиитска група Хезболах.