1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте отпорот против НСА во САД

БГ/миа7 јануари 2014

Во американскиот Конгрес расте отпорот против разузнавачката НСА, откако нејзиното раководство одби директно да одговори на прашањето дали нивните агенти ги прислушуваат разговорите на членовите на Конгресот.

https://p.dw.com/p/1AmGW
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Сенаторот Берни Сандерс упати директно прашање НСА дали во рамките на нивните активности за масовно следење на телефонските разговори во САД, на удар се нашле и конгресмените. НСА е на удар откако откритијата на нејзиниот

пребеган аналитичар Едвард Сноуден покажаа дека агенцијата собира податоци за милиони разговори на американски граѓани, без да бара судски налог за тоа. Прашањето на Сандерс дали НСА бележи и со кого, кога и колку долго разговораат конгресмените остана без јасен одговор, што на Капитол Хил веднаш се протолкува како потврда на сомнежите.

- Надлежностите на НСА да собира сигнални разузнавачки податоци содржат процедури кои ја заштитуваат приватноста на американските граѓани. Таквите заштити се вклучени во текот на целиот процес. Членовите на Конгресот ја имаат истата заштита на приватноста како и сите американски граѓани, пишува во одговорот на НСА.

Ова изедначување на телефонските разговори на конгресмените со разговорите на обичните граѓани, за кои американската јавност веќе со сигурност знае дека масовно се следени од страна на НСА, ги разгневи конгресмените. Гневно реагираат и локалните власти во државите каде што НСА ги има своите инсталации. Во Калифорнија, во тек е процедура за закон со кој на сите институции во државата ќе им се забрани да соработуваат со НСА, вклучително и да ги користат податоците кои ќе ги добијат од нејзините разузнавачки активности. Во Јута, каде е базата Камп Вилијамс во која се сместени огромните инсталации во кои НСА ги чува собраните податоци, има повици за сличен прекин на соработката на локалните власти со НСА, што би можело да доведе до тоа базата да остане

без струја или вода. Сенаторот Ренд Пол, кој е меѓу најгласните противници на неограничените активности на НСА, вчера повика на апсење на директорот на национална безбедност Џејмс Клапер, поради директната лага која тој ја кажа при сослушување во Сенатот. Во март минатата година, на директно прашање дали НСА собира податоци од милиони Американци, Клапер одговори: “Не. Не свесно”. Сенаторот Пол повика на блага затворска казна за Сноуден за откривањето на државните тајни кои му биле доверени, и воедно, казна за директорот Клапер за лажење пред Сенатот.

- Не мислам дека Едвард Сноуден заслужува смртна казна или доживотен затвор. Мислам дека не е во ред да се откриваат државните тајни и со тоа да се загрозуваат животи. Но, Сноуден воедно ни откри дека Владата постапувала илегално. Можеби Сноуден и Клапер може да делат затворска ќелија, по што ќе ни кажат што ние, како држава, смееме, а што не смееме да правиме, изјави сенаторот Пол, кој води еден од неколкуте крупни судски процеси против НСА поради нејзиното прислушување. Весникот Њујорк тајмс повика за помилување на Сноуден доколку тој реши да се врати во САД од Русија, каде Американците стравуваат дека им предава државни тајни на Русите.