1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рамката јасна, сликата за преодна влада - матна!

Катерина Блажевска3 јуни 2015

Најбитните системски промени во Македонија не се резултат на внатрешна подготвеност, туку на помош од меѓународните партнери, велат аналитичарите, очекувајќи од бриселската рунда разговори клучни одговори и резултати

https://p.dw.com/p/1Faxn
Фотографија: MIA

„Рамката е поставена, ама сликата се‘ уште не се гледа“... „Зарем терминот за избори е најважното прашање на кризата?“... „Оптимистички почеток, неизвесна разрешница“... Ова се дел се реакциите на граѓаните по вчерашниот, засега само „условен епилог“, од разговорите на македонската лидерска четворка со еврокомесарот Јоханс Хан во Скопје, кои својот финиш треба да го имаат на 10 јуни во Брисел.

Во недостиг на официјални информации, а имајќи ја предвид најавата дека допрва ќе се решава дали и каква влада ќе ги спроведе следните избори, аналитичарите се и претпазливи и делумно воздржани во оценките на вчерашниот резултат. Теута Арифи, градоначалничка на Тетово од редовите на ДУИ и поранешна министерка за евроинтеграции, смета дека само определувањето на датумот за предвремени избори, не го прави договорот валиден.

„Повеќе од јасно е дека тој ќе треба да се заокружи за неколку дена, а на идните избори ќе се оди со многу прецизни услови кои ќе треба да се исполнат во текот на идните месеци. За волја на вистината, Европската комисија секогаш во процесите ја инволвирала битната политичка димензија на поглавјата 23 и 24, како механизам за помрднување од мртва точка на повеќе теми како што се судството, медиумите и изборниот процес. И во овој договор рамката се дава токму на овие поглавја, како можност за договарање и излегување од кризата. Сметам дека софистицираната политика на морковот и на стапот ќе остане форма на инволвирање во овој кризен менаџмент, каде што процесот на отворање на поглавјата би се поврзал со реализирање на точките од договорот постигнат денеска“, вели Арифи.

Но, не само тоа. Арифи е убедена дека еден широк договор кој ги инволвира двата политичкo-етнички кампусa, е основа на масата за можно решение да дојдат и прашањата кои се поврзуваат со демократијата и името на државата, како предуслови за деблокирањето на ЕУ и НАТО процесот за Македонија. Главното прашање е - колку овој процес може да биде успешен? Дали некоја влада за само 10 месеци колку што остануваат до рокот за избори, ќе може да ги реши прашањата кои не се решени цели 25 години?

„Ценам дека тоа сепак зависи од степенот на инволвирање на меѓународните фактори. Искуството покажува дека најбитните системски промени кај нас не се резултат на внатрешната решителност и подготвеност за промени, туку резултат на кризи и инволвираност на меѓународните партнери. Токму поради тоа сметам дека колку што е посуштинска нивната инволвираност, толку повеќе има можности договорот да функционира“, уверена е Арифи.

Почнале од најлесното прашање!

Аналитичарите големо внимание му посветуваат на фактот дека најпрво е обезбедена согласност за избори во април 2016 година. Сметаат дека во време на оваа многу комплексна криза, која не е само политичка, туку и државна, и морална, и правна, и економска, терминот за избори би требало да биде последен на листата од приоритети. Зошто најпрво е постигнат договор за иозбори? Според професорот и поранешен амбасадор во НАТО, Нано Ружин, до ова решение е дојдено според системот на елиминација на почуствителните прашања, како што се политичката и кривичната одговорност, оставајќи ги нив за на крај.

„Тие почнале како од учебниците за толеранција и дијалог, со истакнување на темите околу кои сите ќе се согласат за да се деблокира кризата, а тоа се - предвремени парламентарни избори“, вели Ружин. Тој е уверен дека ова е прва победа на опозицијата, со оглед дека Груевски претходните избори ги нарекувал „избори со скандинавски шмек“, а победата - чиста како солза.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration
Фотографија: MIA

„Со ова се покажа дека Заев и коалициските партнери кои го бојкотираа Парламентот биле во право. Благодарение на аудио-снимките и на анализата за поставеноста на медиумите, меѓународната заедница ја сфати манипулацијата и насилството на власта врз гласачкото тело и врз опозицијата. Ова е прва од серијата порази кои треба да ги очекува Груевски, а кој бара да се извлече од скандалите и криминалните зделки. Ова е, всушност, почеток на крајот на династијата на Груевски. Тој ќе сака да добие во време, со тоа што ќе се обиде да одолговлекува со конституирањето на транзициската власт. Опозицијата мора да внимава на таквите манипулации. Сега може и да се очекува уште поголема широкоградост на Владата кон разните социјални категории, со нови вработувања, нови погодности за пензионери, земјоделци... Опозицијата мора и ова прашање да го апострофира, да каже дека Владата не смее да троши државни пари за својата слава“, предупредува Ружин.

Има ли искрена волја за реформи?

Како понатаму? Дали втората рунда разговори во Брисел, на чиј дневен ред ќе бидат најжешките прашања, ќе оди релативно „мазно“, колку и првата? Дилемата која се зацврстува, произлегува од прашањето дали постои волја за квалитативни мерки кои реално ќе доведат до решенија, вели аналитичарот Назим Рашиди.

„Ако таа волја постоеше, речиси сите работи и досега ќе беа средени. Според тоа што се‘ слушнавме од 'бомбите', Груевски нема лесно да се откаже од привилегиите кои ги придобиваше од севкупната контрола. Затоа, останува да се види колку цврсто ќе опстои опозицијата во барањата за реални промени во сите договорени сфери. Прашање е и како ќе се спроведат одлуките за реформи - со консензус или со надгласување? Очигледно е дека без меѓународниот фактор ништо не ќе може да се реши. Кризата е се‘опфатна и промените нема да дојдат за десет месеци. За жал, овој период само ќе легитимира политичари кои одамна требаше да бидат заминати. Рокот до април звучи предолго и мислам дека сите мерки треба да се решаваат што побрзо. Во спротивно притисокот од граѓаните ќе расте. Партиите на Албанците веќе серизно губат кредибилитет и секое одоговлекување кое ќе се прецепира како предност за Груевски, ќе биде кобно за нив. Ако агонијата потрае, нетрпението ќе се зголемува“, смета Рашиди.

Mazedonien Demonstration in Skopje
Фотографија: DW/B. Georgievski

Поконкретен од Мајскиот договор

Правни експерти укажуваат на многу нејаснотии околу одредени термини што ги употреби комесарот Хан. Според нив, нејасно е што значи терминот „транзициски период“, бидејќи Уставот не познава такво нешто. Исто така, нејасно е и со каква содржина ќе биде исполнет тој период. Ако треба да се спроведат реформи во судството, сметаат дека транзициски период од десет месеци е прекраток и за промени и во регулативата и за промени во судско-обвинителската практика. Нејасно е и дали транзицискиот период предвидува формирање на „транзициска влада“ и каква би била таа - експертска или политичка?

И покрај многуте отворени прашања, аналитичарот Рамадан Рамадани смета дека вчерашниот договор е добра основа за наоѓање решение за излез од кризата.

„Ова е прелиминарен договор, но со прецизна рамка и конечен датум за избори. Тоа е важен момент, кој одредува дека изборите ќе бидат предвремени и со дефинирање на времето за тие што сакале да купат време. Условеноста на овој договор со последователниот во Брисел по една недела, дефинирањето на темите за кои треба веднаш да се преземат конкретни мерки-медиумите и судството, но и поставеноста на ЕУ и како услов и како помагач во тој процес, дава надеж дека ова може да биде основа за договор за излез од кризата. Ако го споредиме со првиот пад на ’груевизмот’ со Мајскиот договор, овој договор е поконкретен и нуди можности на развластување на Груевски и пред изборите, пред се‘, поради поголемиот капацитет на СДСМ за осознавање и ефектуирање на политичкиот процес, отколку што беше тоа случај со ДУИ тогаш, и секако поради сегашното поврзување на политичкото решение и со судските процеси“, оценува Рамадани.

Сите прашања одговор треба да добијат следната недела во Брисел. Ако партиите таму не постигнат согласност, нема да биде валиден ни вчерашниот договор за избори во април наредната година.