1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Променетата исхрана ги менува земјоделството и сточарството

Александар Методијев/афп/дпа/миа12 јули 2014

Агенцијата за храна на ОН – ФАО, предвидува дека глобалното земјоделство повеќе ќе се насочи кон производство на месо и млеко и ќе се оддалечува од традиционалното производство на ориз и житарки. Причина – потрошувачите.

https://p.dw.com/p/1Cbed
Фотографија: HLPhoto/Fotolia.com

Поточно, промените во земјоделството се поради променетите вкусови на потрошувачите. Во заедничкиот извештај на ФАО и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) се прави проценка на производството до 2023 година и се наведува дека во наредните години светското производство на месо ќе се зголеми за 58 милиони тони, а 80 отсто од тој раст ќе доаѓа од земјите во развој.

Најмногу ќе се зголеми производството на месо од живина, кое ќе сочинува 50 отсто од вкупното производство, како и на свинско месо (30 отсто). Живината е евтин извор на протеини и не е подложена на верски или културолошки забрани. Ова месо ќе стане најпопуларен месен продукт во следните десетина години и ќе му ја земе таа позиција на свинското месо, проценуваат ФАО и ОЕЦД.

Symbolbild Grüne Ökonomie
Цените на житарките ќе паѓаат во следниве две годиниФотографија: FAO/Joan Manuel Baliellas

Во извештајот се наведува дека само кинеската популација ќе сочинува половина од глобалниот раст на конзумацијата на месо.

Цените на житарките ќе продолжат да паѓаат во наредните две години, за да потоа се стабилизираат на нивоа на кои беа пред кризата од 2008, додека цените на месото, шеќерот, млекото и рибата ќе растат.

Најмногу од ова ќе профитираат земјите во развој, пред се’ во Азија и Латинска Америка, за кои се очекува раст и до 75 проценти во земјоделскиот аутпут во следната деценија. Индија, пак, се очекува да и’ го преземе местото на ЕУ како најголем светски производител на млеко.