1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговори зад сцената ќе ги одложат оставките во парламентот?

Катерина Блажевска18 јуни 2014

По искуството со европското посредништвото во расчистувањето на „црниот понеделник“, неофицијално, Брисел повторно помага во враќањето на дијалогот и на опозицијата во парламентот.

https://p.dw.com/p/1CKtG
Фотографија: Petr Stojanovski

Петер Ванхоуте, белгискиот експерт кој на предлог на ЕУ учествуваше како медијатор во ад-хок Комисијата за расветлување на настаните од Собранието на 24 декември 2012. година, повторно е ангажиран во Скопје, дознава неофицијално Дојче веле од дипломатски избори. Овој експерт за независност и јакнење на парламентот како институција, веќе „одреден период“ водел разговори со раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се воспостави дијалог и да се надминат пречките за враќање на опозицијата во Собранието. Според истите извори, засега немало директни разговори Заев - Груевски, туку само одвоени средби на партиските лидери со европскиот посредник.

Токму меѓународниот притисок, пред се‘ од ЕУ, за враќање на политичкиот дијалог и на опозицијата во парламентот, според овие извори, е и причината за пресвртот во изјавите на премиерот Груевски. Тој неодамна изјави дека веднаш по констатирањето на оставките на опозициските пратеници ќе се распишат дополнителни избори за испразнетите места во Собранието, а веќе минатиот викенд и‘ подаде рака на опозицијата за враќање во парламентот.

„Јас сум подготвен да им помогнам да излезат од оваа каша. Јас сум подготвен да им понудам пакет кој ќе ги адресира сите нивни грижи. Јас подавам рака. Нивно е дали ќе ја прифатат. Македонија мора да оди напрад, а СДСМ да се однесува одговорно“, им порача премиерот на социјалдемократите од годишнината на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Mazedonien - Gruevski
Што подразбира подадената рака на премиерот Груевски кон опозицијатаФотографија: Reuters

Според дипломатски извори, се прават напори, Собранието да профункционира со целиот персонален капацитет за кој се изјасниле гласачите, а по таквиот епилог никој да не се чувствува поразен или победен.

Одложување на оставките?

Имајќи ги предвид ваквите активности, воопшто не е сигурно дека на денешната собраниска седница, меѓу другото, ќе бидат констатирани оставките на пратеничките функции на 33 избрани пратеници од коалицијата предводена од СДСМ, како што претходно беше најавено. Иако пратениците беа известени за оваа точка на седницата, таа официјално не е ставена на дневниот ред, што според службите во Собранието, не е пречка таа и дополнително да биде утврдена на самата седница. Но, според извори во владејчката коалиција, денеска треба да се стори се‘, за таа точка да биде „на некаков начин одложена“.

„Доколку и биде утврдена како точка во дневниот ред, според договорот кој претходно треба да биде усогласен меѓу координаторите на пратеничките групи, се планира да биде побарано констатирањето на оставките на опозициските пратеници да се реализира со нивно лично присуство во парламентот, во согласност со уставните одредби. На фактот, дека Собранието веќе ја прифатило оставката на Руфи Османи во писмена форма, без да мора тој лично да ја образложи во парламентот, ќе биде спротивставен аргументот дека тоа во тој случај се работело само за еден пратенички мандат од НДП. Во вториов случај, пак, станува збор за масовна појава на оставки, вкупо 33, па поради последиците кои тие би можеле да ги предизвикаат за институционалната и политичка стабилност на земјата, се размислува да му се предложи на парламентот да донесе заклучок, според кој, пратениците мора да дојдат и лично да ги поднесат оставките“, објаснува извор од владејачката коалиција.

Со тоа, целта е денешното констатирање на оставките да биде одложено, за да се добие време за преговори за враќање на опозицијата во парламентот, односно за реализирање на „пакетот“ што викендов го најави премиерот Груевски.

Ако парламентот денеска не ги констатира пратеничките оставки, таква статус-кво ситуација би можела да трае максимум до почетокот на ноември, кога истекува повеќе од половина година од 10-ти мај, кога беа верификувани мандатите на опозициските пратеници и покрај нивните изјави дека не ги прифаќаат. Според Уставот, на пратеник може да му биде одземен мандатот за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци, за што се одлучува со двотретинско мнозинство во парламентот. Поради ваквите рокови, намерата е многу порано да се најде решение за враќање на опозицијата во парламентот, но најдоцна до крајот на септември.
Тајната на пакетот

Во СДСМ се целосно недостапни за одговор дали зад јавната сцена се водат тајни преговори за враќање на опозицијата во Собранието. Синоќа до доцна во ноќта заседаваше Извршниот одбор на партијата, но остана непознато за кои теми. Има ли пакетот на Груевски предлози кои опозицијата не може да ги одбие? Лидерот на НСДП, Тито Петковски нема никакви очекувања од премиерскиот пакет и вели дека опозицијата и натаму цврсто останува на своите клучни барања.

Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

„Не се откажуваме од барањето да се спроведе попис, врз чија основа потоа ќе се ажурира избирачкиот список, формирање техничка влада и одржување нови избори. Нам ни е јасно дека нешто се случува и дека Груевски е под силен меѓународен притисок, штом одеднаш сега нуди пакет. Но, ако во него не се најдат нашите клучни барања, туку само враќање на дијалогот, одложување на верификацијата на оставките, тој пакет нам ништо не ни значи, освен ново сеење на магла, како во случајот со 24 декември. Прифаќањето на таков пакет од наша страна, ќе значи оправдување на изборниот фалсификат и прифаќање за натамошно држење на опозицијата во изолација“, вели Петковски.

Според извори во владејачката коалиција, неофицијално, пакетот содржи неколку клучни мерки: докрај да се расчистат настаните од 24 декември и да се ефектуираат препораките за превенирање на слични ситуации, соодветна медиумска застапеност на опозицијата во јавниот сервис МРТВ, промена на деловникот со што опозицијата ќе може на собраниски седници да предлага повеќе точки, а не само една како што е сега, обезбедување консензус со опозицијата за евроинтеграциските процеси, особено во однос на можниот компромис за името.

„Но, барањето на опозицијата за формирање техничка влада и за спроведување нови избори, сигурно нема да биде прифатено од ВМРО-ДПМНЕ“, децидни се овие извори.

Сите добиваат?

Денешната седница на Собранието најдиректно ќе покаже дали наместо констатирање на оставките, ќе му биде дадена шанса на дијалогот. Засега се чини, дека таа опција им одговара на двете страни иако сите јавно нема да го признаат тоа. ВМРО-ДПМНЕ ќе добие шанса да покаже политичка зрелост за решавање на кризи кои потенцијално може да ја искомпромитираат институционалната стабилност на земјата, а СДСМ да го превенира или да го запре компромитирањето на бојкотот од страна на штрајкбрехери во партиските редови. По Роза Топузова - Каровска од ЛДП, вчера и две две пратенички на СДСМ, Солза Грчева и Љубица Буралиева, преку своите фејсбук профили навестија враќање во парламентот. Можноста дека денеска Собранието можеби и нема да ги констатира оставките на опозицијата, ги доведе во незгодна ситуација дека предвреме истрчале на бришан простор, па подоцна следуваа ретерирања дека денеска ќе ја донесат конечната одлука. Сето тоа го отвори прашањето колку ваквите идивидуални одлуки спротивни на партиската, можат да ја искомпромитираат идејата за бојкот на институциите и да го стават под прашање декларираното единство во СДСМ. Особено во време кога никој во раководството на партијата не е сигурен дали бројката на непослушни од 3 може да порасне на 13 или 23.

На крајот, можеби во парламентарните столчиња ќе седнат сите 33 пратеници, но разликата е во тоа што секогаш ќе биде нејасно дали и колку тоа е резултат на искрена и автентична волја на власта, на пратениците на СДСМ или само на напорите на Брисел.