1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подобро да имаш добра меморија, отколку добар „ин мемориам“!

Катерина Блажевска 22 април 2015

Повеќе од сто новинари и јавни личности протестираа пред Владата, во чиј двор го фрлија погребниот венецот испратен во домот на новинарот Борјан Јовановски со порака „последен поздрав“ од испраќачот „Тодор Александров“.

https://p.dw.com/p/1FCQH
Фотографија: DW/K. Blazevska

Пред зградата на Владата беше поставена ограда и полициско обезбедување. Додека траеше новинарскиот протест, никој од обезбедувањето не реагираше и не го презеде венецот, па тој остана „врачен“ покрај оградата.

Нас не не‘ интересира кој е конкретниот извршител на овој мафијашки чин, ниту дали ќе добие прекршочна или кривична пријава, вели Сашо Кокаланов, уредник на викенд-изданието на весникот „Слободен печат“.

„Ние сакаме да покажеме со прст и да му удриме шамар на инспираторот на заканите за линч на критичките новинари. На ваквите гнасотилаци им се ближи крајот, но ранетиот режим токму пред крајот ќе го загуби сосема умот и затоа мора гласно да се спротивставиме. Ме радува големиот одзив на колегите, но малку сум разочаран што не го видов претседателот на ЗНМ, зашто атакот врз Јовановски е закана за и таа малку слобода што е останата во општеството“, рече Кокаланов.

Mazedonien Journalisten Proteste in Skopje
Никој од обезбедувањето не го презеде венецотФотографија: DW/K. Blazevska

Здружението на новинарите на Македонија денеска преку соопштение ја осуди морбидната закана по живот на новинарот Борјан Јованоски и неговото семејство.

„Испраќањето венец со порака последен поздрав во домот на новинарот Јованоски е кукавички чин, вперен против сите новинари во Македонија. Силно се солидаризираме со Јовановски, а на испраќачите на ваквите закани им порачуваме дека новинарите во Македонија со вакви застрашувачки пораки нема да се одвратат од нивната мисија да ја информираат јавноста за реалноста во Македонија“, се вели во реакцијата на ЗНМ, кое смета дека овој инцидент е последица на ширењето на говорот на омраза во медиумите поттикната од однесувањето на политичките партии во Македонија.

По заканата против Јовановски, која длабоко ја вознемири медиумската заедница, уште синоќа реагираше Новинарскиот пленум.

„Овој чин го сфаќаме како мафијашка порака од Фамилијата што ја владее Македонија до критичките медиуми и новинари - што не‘ очекува сите од ред ако и‘ се спротивставуваме на власта!“, соопшти Пленумот и побара од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во рок од 24 часа да ги пронајде испраќачите на погребниот венец.

Чинот го осуди и Македонската асоцијација на новинари, МАН, со став дека никој не смее да им се заканува на новинарите за вршење на нивната работа, особено не на ваков начин и со вмешување на најблиските од семејството.

„МАН смета дека разликите може и треба да бидат предмет на дебата, разменување на мислења и идеи, но не треба резултатот да биде навреда и закана по животот. Истовремено, бараме да не се политизира целиот инцидент со протест пред владата, бидејќи новинарот - е новинар, а не опозиција“.

Mazedonien Journalisten Proteste in Skopje
Новинарите протестираат против заканите и бараат од надлежните да ги пронајдат испраќачите на погребниот венецФотографија: DW/K. Blazevska

Владо Апостолов, новинар на интернет телевизијата НОВА, објаснува зошто протестот се одржува пред Владата.

„Додека премиерот и претседателот на државава одат на полноќни интервјуа, полноќни седенки кај луѓето што отворено се користат со говорот на омраза, со тој чин индиректно ги поттикнуваат ваквите закани. Ништо не е случајно“, вели Апостолов.

Уредникот на „Утрински весник“ Ерол Ризаов преку хумор ги искоментира непримерните притисоци кон новинарите, користејќи за оваа пригода еден афоризам: „Подобро е да имаш добра меморија, отколку добар ’ин мемориам’!“