1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победата на Вучиќ ќе ги унапреди односите Белград-Скопје

Костадин Делимитов18 март 2014

Вучиќ по Дачиќ ќе донесе континуитет и продлабочување на пријателските односи, посебно во делот на економијата, сметаат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/1BRHd
Фотографија: picture-alliance/dpa

Промената на власта во Србија нема да предизвика промени во нејзината надворешна политика, посебно не кон Македонија, коментираат аналитичарите по убедливиот изборен триумф на Српската напредна странка на Александар Вучиќ. Довчерашниот вицепремиер во кабинетот на “пријателот“ Дачиќ според познавачите на состојбите се очекува да ја продолжи политиката на пријателство која двете страни ја негуваат во последниве години и покрај прашањата околу Косово и црквата:

„Прашањето со Косово се апсолвира одамна, а ние немаме други отворени прашања со Србија. Ние одамна сме договорени дека проблемот што српската црква го има со нашата црква не е дел од државните проблеми и не претставува дипломатски проблем помеѓу двете земји. Ние сме договорени доколку тој проблем произведува негативни последици врз двете општества да го игнорираме затоа што не можеме да го решиме на владино ниво. Српската влада не може да делува на Српската црква да ја натера да ја признае Македонската црква, а ние пак ја тераме нашата правда и мораме да стоиме зад нашата црква бидејќи тоа е наш највитален национален интерес“, коментира за Дојче веле поранешниот македонски амбасадор во Белград Љубиша Георгиевски.

Präsident des mazedonischen Parlament Ljubisa Georgievski in Tetovo
Љубиша ГеоргиевскиФотографија: DW

Еден од клучните предизвици за новиот владин кабинет во Белград според него ќе биде тешката економска состојба и реализација на ветувањето за нови работни места што практично и ја донесе изборната победа. Оттука според него е реално економијата да биде во фокусот што пак отвора перспективи за соработка:

„Можеме да очекуваме многу поплодна соработка посебно во делот на економијата. Двете актуелни влади кои се по дефиниција десничарски се залагаат за послободен пазар, помала интервенција на државите, поотворена размена што најверојатно ќе придонесе и за зголемување на трговската размена помеѓу двете земји што е позитивно затоа што десницата подобро ја разбира десницата од левицата“, коментира Георгиевски.

Позитивен импулс

Позитивен импулс во односите очекува и Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање политики:

„Моја оценка е дека изборните резултати нема да влијаат на односите меѓу Македонија и Србија. Напротив добрата соработка се очекува да се потврди и прошири особено во однос на реформите кои двете земји ги прават на патот на ЕУ интеграциите“.

Изборите во Србија според Ристеска се интересни од аспект што за прв пат по деведесеттите една партија има мнозинство во Парламентот, а и радикалните националисти исто така за првпат не го поминуваат цензусот за влез во законодавниот дом:

„Во однос на првото веќе постојат анализи кои предупредуваат дека заради минатото апсолутно мнозинство може да отвори пат на авторитативен режим во Србија. Од друга страна пак овие избори донесоа и нова свежина со движењето на Радуловиќ - Доста беше! кое промовира економски реформи и борба со клиентализмот и корупцијата. Нивниот резултат од 1.7% е скоро споредлив со резултатот на Српска радикална странка која доби 1.9% и иако не влезе во Парламентот најавува нова динамика на внатрешната политичка сцена“, смета Ристеска.

Скопје и Белград во последно време демонстрираат исклучително пријателски односи што според упатените е позитивно, ако се имаат предвид тензиите во периодот на македонското признавање на Косово и демаркацијата на границата. Атмосферата на релаксираност се покажа и на неколкуте средби на премиерите на двете земји, Никола Груевски и Ивица Дачиќ на кои проблематичните прашања беа третирани во втор план, а фокусот беше на унапредување на економската соработка, реализација на инфраструктурните проекти, финализирање на активностите на Коридорот 10. Дополнителен импулс дава и иницијативата за одржување на заеднички владини седници. Во каква форма и во каков состав ќе продолжат ќе стане извесно кога и во Македонија ќе завршат претстојните предвремени парламентарни избори.