1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оланд бара реформа на ЕУ

БГ/макфакс27 мај 2014

„Моја задача е да ја реформирам Франција и да ја пренасочам Европа“, истакна францускиот претседател, по катастрофалниот пораз на неговата партија на изборите за европскиот парламент.

https://p.dw.com/p/1C7P2
Фотографија: Reuters

„Европската унија стана нејасна и треба да се повлече од онаму каде што не е неопходна“, изјави францускиот претседател Франсоа Оланд откако на европските избори во Франција победи крајната десница, а неговите социјалисти претрпеа убедлив пораз.

„Европа стана замрсена, јас сум свесен за тоа, далечна и во суштина неразбирлива, дури и за владите. Така повеќе не може, Европа мора да биде едноставна и јасна за да биде ефикасна таму каде што тоа се очекува и да е повлече од онаму каде што не е неопходна“, изјави францускиот претседател Франсоа Оланд во понеделникот навечер во телевизиското обраќање. Европската унија „пред две години успеа да ја надвладее кризата во еврозоната, којашто беше пред распад, но по која цена: цената на штедење којашто на крајот ги разочара народите“, рече францускиот претседател.

„Затоа уште утре на седницата на Европскиот совет ќе повторам дека главната задача е растот, вработувањето и вложувањата“, додаде. Оланд рече и дека „Европа не може да напредува без Франција и дека иднината на Франција е во Европа“. „Европеец сум. Моја задача е да ја реформирам Франција и да ја пренасочам Европа“, истакна францускиот претседател.

Оланд, исто така, изјави дека Европската унија мора да се реформира и да ја намали својата моќ, по порастот на поддршката за евроскептичните и крајно десните партии. „Со ова гласање мора да се соочиме“, исткана. Триумфот на крајно десната партија Национален фронт на неделните избори за новиот состав на Европскиот парламент во Франција, кој оствари историски резултат од 25,4 отсто од гласовите е доживеан во Европа како политички земјотрес. Фронтот стана симболот на силното напредување на крајната десница и евроскептицизмот во ЕУ, иако конзервативната десница, го задржа најголемиот број пратеници во парламентот.

Лидерка на Националниот фронт Марин Ле Пен побара уште во неделата навечер распуштање на францускиот парламент откако резултатите покажаа дека нејзината антиемигрантска и евоскептична партија победила на изборите за Европскиот парламент во Франција и оцени дека исходот од изборите претставува колапс на социјалистите на Оланд, кои беа трети со помалку од повеќе од два процентни поена отколку што освоија на европските избори во 2009 година.

„Што друго може претседателот да стори по ваквиот пораз?", изјави Марин Ле Пен запрашана дали претседателот Франсоа Оланд, чии владејачки социјалисти го освоија третото место на изборите за Европскиот парламент, треба да го распушти парламентот на Франција.

Оланд, инаку, по неодамнешниот пораз на локалните избори на кои повторно крајната десница имаше досега најголем успех, направи реконструкција на владата којашто заедно со неговиот имаше историски најнизок рејтинг.