1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама ја обвинува Русија дека „не мрда со прст“ за деескалација

ЕМФ/ртр/дпа27 април 2014

Американскиот претседател Барак Обама повторно ја обвини Русија за кризата во источна Украина и побара заеднички одговор од страна на Европа и САД. Денеска се очекуваат преговори за ослободување на заробените набљудувачи

https://p.dw.com/p/1Bp3q
Фотографија: Reuters

Русија мора веднаш да запре со „дестабилизацијата“ на Украина, побара денеска (27.04) американскиот претседател Барак Обама за време на посетата на Малезија. Раководството во Москва „не мрдна со прст“ за да ги заузда проруските сепаратисти, оцени Обама во Куала Лумпур. Напротив, има јасни знаци дека таа дури и ги охрабрувала нивните активности, вели американскиот претседател.

САД и Европа во моментов подготвуваат натамошни санкции против Русија, кои ќе бидат обелоденети можеби веќе во текот на утрешниот ден. Се разговара за блокирање сметки и ограничување на патувањето на влијателни Руси. Освен тоа, можни се и санкции против одредени бранши на руското стопанство, кои ќе зависат од тоа дали САД и Европа ќе постигнат единствен став, рече Обама.

Преговори за ослободување на воените набљудувачи

Ukraine OSZE OSCE 26. April 2014
Проруски активисти во СлавјанскФотографија: Getty Images/Scott Olson

Во текот на денешниот ден треба да почнат преговорите за ослободување на меѓународните воени набљудувачи кои се заробени на истокот на Украина. Делегација на ОБСЕ оствари контакт со лидерот на сепаратистите и самопрогласен градоначалник на Славјанск, Вјачеслав Пономарјов, соопшти заменик шефот на Кризниот центар на ОБСЕ, Клаус Нојкирх, за германската новинска агенција ДПА. Точен временски термин за преговорите нема.

Проруските активисти ја заробија групата воени набљудувачи во петокот (25.04). Тие ја обвинуваат групата, во која има четворица Германци и повеќе украински офицери, за „шпионажа“, поради тоа што поседувале сомнителен материјал (карти).