1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови протести во Тирана против проектот Луково Поле

БГ/макфакс22 јануари 2014

Во Албанија се шири бранот протести против планот на македонските власти да изградат брани на реката Радика. Противниците на планот тврдат дека тоа ќе ја уништи животната околина

https://p.dw.com/p/1AvUG
Фотографија: Milco Jovanoski

Нови протести против реализацијата на проектот Луково Поле се одржаа во Тирана. Во организацијата на невладината организација Алијанса за заштита на реките Радика и Вјоса на протестите е побарано албанската влада да информира во детали кои се нејзините ставови и да одговори дали има претходен договор за давање на зелено светло за проектот Радика, но и за проектот на реката Вјоса која во Албанија се влева од Грција.

Албанија и Албанците ќе бидат оштетени за милиони евра од реализацијата на проектот Луково Поле, истакна лидерот на албанските екологисти Сазан Гури.

Веднаш потоа министерот за енергетика и животна средина на Албанија Дамиан Ѓикнури демантираше дека Албанија и Македонија имаат постигнато договор околу Проектот Луково Поле.

И албанскиот претседател Бујар Нишани со албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати разговараа за проектот за реката Радика. Нишани, според албанските медиуми, предложил Тирана да донесе нов документ за национална безбедност во кој ќе се третираат и проблемите со меѓународните води со соседите.

Поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша, соопшти дека владите на Албанија и Македонија имаат разговарано и имаат постигнато договор околу проектот за реката Радика и го обвини актуелниот премиер, Еди Рама, дека не ја кажува вистината.

Со проектот за реката Радика се предвидува да се смени текот на реката и наместо во Црн Дрим таа ќе се влева во Вардар, а од тоа како што наведува Бериша би настанале огромни штети и за Дебар и за Албанија.

„Проектот Луково поле ќе ја уништи флората и фауната, па затоа овој проблем треба да се решава според меѓународните норми за води“, истакнува Бериша и додава дека ги разбира напорите на Македонија за производство на електрична енергија, но штетите од проектот би биле големи.

„Ги повикувам властите на Македонија да се откажат од проектот“, порача Бериша. Според него изјавата на премиерот Рама е само дел од неговата платформа која предвидува со соседите секогаш проблемите да се еднакви на нула.