1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова партија ќе го засени мајскиот конгрес на СДСМ

Катерина Блажевска19 февруари 2013

Владо Бучковски, поранешен премиер и лидер на СДСМ во интервју за Дојче веле најавува дека во Македонија во мај треба да биде формирана нова партија, која ја бара поддршката на меѓународната заедница.

https://p.dw.com/p/17h2d
Фотографија: Petr Stojanovski

ДВ: Вашето име се' почесто се спомнува во контекст на нова партија, што наскоро ќе се појави на политичката сцена. Ќе бидете ли дел од новиот политички субјект?

Бучковски: Во овој момент моето учество во новата партија е ставено во „лер" се' до конгресот на СДСМ во мај. Моето име досега често се злоупотребуваше во контексти на разни партии и на политички заднини. Но, во овој момент не сакам мојот ангажман да го ставам во функција на нова партија, бидејќи се' уште сум оптимист дека работите во СДСМ ќе се сменат на подобро и дека партијата ќе се демократизира.

ДВ: Што подразбирате под демократизација на СДСМ?

Бучковски: Не подразбирам само заминување на Бранко Црвенковски од лидерската функција. Тоа не е доволно и нема да го реши проблемот. Таму треба да се смени досегашната матрица на размислување и однесување и да се цени квалитетот, а не поданичкиот однос кон лидерот. Кризата раѓа лидери, но и уништува лидери. Правилото „еднаш лидер - секогаш лидер" не поминува. Се покажа тоа преку примери во регионов и во соседството. А, ако СДСМ ги врати навистина и пратеничките мандати ќе предизвика и серија глупости, по што партијата ќе биде маргинализирана. Судбината на ПАСОК ќе стане и судбина на СДСМ.

ДВ: Дали само вашето неучество во партијата е неизвесно до мај или и новата партија?

Бучковски: Таа ќе биде промовирана во мај. Се работи за крајно сериозен проект, за партија со граѓанска опција за европска Македонија. Јас сега не сакам да го контаминирам процесот како нејзин гласноговорник. Тоа ќе биде коалиција од видни интелектуалци и претставници на бизнис заедницата. Сега бараме поддршка од меѓународната заедница, бидејќи во овие околности за било што е потребна поддршка од нејзините претставници. Тоа е и доволен доказ дека новата партија не е диригирана од власта и дека нема да биде сурогат на СДСМ.

ДВ: Дали освен поддршка, и идејата за партијата е иницирана од меѓународната заедница?

Бучковски: Делумно да, пред се', како притисок за неодговорното однесување на опозицијата.