1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц: Прашањето за името засега многу земји во светот

АМ/миа29 јули 2014

Прашањето за името на Македонија е прашање кое засега многу земји вклучувајќи ги САД и Германија и многу земји сакаат да го видат решено, со оглед на случувањата во светот, порача медијаторот во спорот, Метју Нимиц.

https://p.dw.com/p/1Cljf
Фотографија: MIA

„Проблемите не треба да се оставаат да тлеат, туку да се решаваат навремено“, изјави денеска на прес-конфернцијата во македонската Владата медијаторот на ОН за спорот со името, Метју Нимиц, по средбата со премиерот Никола Груевски.

Тој истакна дека го поддржува интересот што германската канцеларка Ангела Меркел го покажала за решавање на името, бидејќи многу земји се заинтересирани за стабилноста на регионот. На новинарско прашање тој посочи дека ОН не преговараат за идентитетите на народите.

„Луѓето имаат свој идентитет и за него не се преговара, туку го креираат со своите дела и културата“, рече Нимиц.

Нимиц ги оцени како конструктивни разговорите со премиерот Груевски и очекува и грчката страна да покаже конструктивност. Од Скопје Нимиц утре заминува за Атина на средби со грчкото раководство.