1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Никој нема да ја дели Украина!

21 декември 2004

Неколку дена пред повторувањето на вториот круг од претседателските избори во Украина, двајцата конкуренти вчера се презентираа пред јавноста во телевизиски дуел. Премиерот Виктор Јанукович и лидерот на опозицијата Виктор Јушченко првпат директно разменија вербални удари.

https://p.dw.com/p/Acyx
Јушченко и Јанукович пред ТВ-дуелот
Јушченко и Јанукович пред ТВ-дуелотФотографија: AP

Јушченко изјави дека причина за тоа што изборите в недела се повторуваат е фактот што неговиот опонент ги украде изборите на 21 ноември. Кандидатот на владата Јанукович, кој делумно зборуваше и руски, одговори дека обвинувањата не му дозволуваат да биде оптимист за иднината.

Кон средината на ноември премиерот Јанукович беше уште сигурен дека ќе победи можеби и затоа што знаеше дека неговата администрација подготви скоро совршена машина за фалсификување на изборите. Сега, откако врховниот суд констатираше изборна измама, Јанукович сакаше да се прикаже како жртва на заговор од Јушченко и компанија:

“Сите сме сведоци дека власта претставена од претседателот Кучма се обедини со претставниците на таканаречениот пуч во оранж и како по завршената работа усвои противзаконски одлуки кои се насочени како против украинскиот народ, така и против дел од избирачите на кои им е одземено правото да излезат на овие избори“.

Притоа стана збор за поткупени орагнизации, за пари од странство, за политизирани судии и убивање на избирачката волја. Кандидатот на опозицијата Виктор Јушченко зборуваше напротив за три милиони украдени гласови:

“Погледнете им во очите на луѓето што се собраа на Плоштадот на независноста. Покажуваат ли нивните очи дека дошле за десет долари? Таму стоеја луѓе кои не сакаат веќе да видат бандитска држава. Време е украинскиот претседател да не биде избиран во Москва, ниту во Брисел, Варшава или Вашингтон“.

Јанукович, кандидатот на истокот на земјата и на Русија чувствува дека во фер избори со илјадници меѓународни посматрачи одвај да има шанса. Затоа почна да ја подвлекува неопходноста од компромиси и заедништво:

“Ако верувате дека ќе победите и ќе бидете претседател на Украина, многу се лажете. Ако победите, ќе бидете претседател само на еден дел од Украина. Тоа не го сакам. Сакам заедно со вас да ја обединиме Украина. Тоа е мојата цел“.

Јушченко, фаворит на западниот дел на земјата и во Киев, се обиде пред се да им контрира на паничните пароли на спротивната страна во кои се зборува за поделба:

“Нема да биде затворено ниту едно училиште во кое се зборува руски. Никој нема да ја подели Украина на три сорти Украинци како што може да се прочита на многу плакати во целата земја. Крим секогаш ќе им припаѓа на жителите на Крим и на Украина. Никој нема да ги опколи подрачјата на Донецк и Луганск со бодликав тел. Ниту една православна црква нема да биде затворена“.