1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема место во ЕУ за сиромашните „роднини“

Б. Георгиевски/бета10 ноември 2014

Европската унија им наложи на земјите од Западниот Балкан до јануари 2015 година да изработат уверливи планови за економско опоравување и реформи, за да можат да се приближат до ЕУ

https://p.dw.com/p/1Dk47
Фотографија: DW/B. Cöllen

Во некои земји од ЕУ постои видлива воздржаност кон членството на земјите од Западниот Балкан, бидејќи владее уверување дека во состојба на внатрешна криза, Унијата не е подготвена да прима во членство и да одвојува средства за нови „сиромашни роднини“, кои воедно сѐ уште се борат и за зацврстување на владеењето на правото.

Европските претставници, аналитичари и дипломати оттука и потврдуваат дека од тие причини беше најавено дека во следните пет години нема да има прием на нови членки, додека британските политички кругови сметаат дека процесот на влез на нови земји треба целосно да биде запрен.

Во Европската комисија затоа преовладува уверувањето дека мора да се најде нов пристап и многу јасен договор со кандидадите и потенцијалните кандидати за членство на Западниот Балкан, за да не се случи на крајот, земји како Србија и Црна Гора да дојдат на прагот на членството како „сиромашни роднини“.

Овие земји ќе треба според постојаниот стопански развој и уредувањето на политички институции дотогаш барем повидливо да се приближат кон просекот на ЕУ и со тоа да ги уверат своите идни партнери дека економски и политички, ќе дадат барем мал придонес кон зајакнувањето, а не кон слабеењето на Унијата.

Комисијата за тоа доби поддршка од Советот на министри на ЕУ и со владите од Западниот Балкан е постигнат договор, патот кон членството во иднина во прв ред да се темели врз осетно подобрување на економијата, а вратите на Унијата ќе се отворат само ако се остварат националните планови на државите од регионот чиј главен столб се економските реформи за да се поттикне стопанскиот раст и вработувањето.

Преостанатите два столба имаат за цел токму да се овозможи економското подобрување, а тоа се подобрување на работата на државната управа и на владеењето на правото, без кои нема да дојдат ни толку потребните странски инвестиции, велат претставници на Европската комисија во Брисел.

Крв, пот и солзи

Директорот за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон, во расправата во Центарот за европска политика објасни дека насоките за таа нова политика кон Западниот Балкан, секоја година ќе ги утврдуваат и усвојуваат Европската комисија и Советот на министри на ЕУ и тоа почнувајќи од следниот јануари, одлука која се темели на договорот постигнат на состанокот ЕУ-Западен Балкан во август годинава во Берлин.

Mazedonien EU Christian Danielsson
Кристијан Даниелсон (лево)Фотографија: MIA

ЕУ со целна поддршка од своите фондови за подготовка на кандидатите за членство ќе ги помогне новите, тешки реформи за граѓаните, а се очекува поддршка и од Европската инвестициона банка и од други светски финансиски организации, со цел економиите во тие земји да зајакнат и да се подготват за идните обврски и конкуренцијата во рамките на ЕУ.

Западниот Балкан го очекуваат „крв, пот и солзи“, напиша по тој повод угледниот швајцарски весник „Ноје Цирхер Цајтунг“. Овој пресвртен момент за европската иднина на Западниот Балкан беше тема и на расправата во бриселскиот Центар за европска политика. Европските претставници се убедени дека одложувањето на овие тешки реформи само ќе го влоши економската, социјална, а на крајот и политичката ситуација во регионот.

Нужноста од подобрување на управувањето со стопанствата за земјите од Западниот Балкан се темели на три столба- реформа на државната управа, владеење на правото и програма за економско преусмерување со цел постигнување на одржлив економски раст. За важни, исто така се сметаат и реорганизацијата на пензиските системи, утврдување на „здрави средства“ за здравствено осигурување, зајакнување на делувањето на државната управа и особено способноста на даночните служби.