„На Македонија и’ недостасува демократска култура“
5 март 2015Комисијата за надворешна политика на Бундестагот вчера на затворена седница расправаше, покрај другото, и за состојбата во Македонија. Кон средината на февруари делегација од пратеници во Бундестагот беше во посета на Македонија, канцеларот Ангела Меркел иницира редовни конференции со земјите од Балканот, а се заинтересира и за спорот меѓу Македонија и Грција околу името - сево ова зборува за засилено интересирање на германската политика и тоа веќе подолг период, за Македонија и нејзиното опкружување.
ДВ поразговара со Петер Вајс, пратеник на владеачката Христијанско-демократската унија (ЦДУ) - партијата на канцеларот Ангела Меркел и заменик-претседател на Парламентарната комисија за Југоисточна Европа. Тој кон средината на февруари беше во делегацијата на германски парламентарци во Македонија. Таму можеше директно да ја доживее актуелната политичка атмосфера во земјата. Какви се неговите впечатоци?
„Доживеав атмосфера на остра спротивставеност на двата главни политички табора. Тоа ни покажа колку е неопходно воспоставување на демократска култура во Македонија. Ова јасно им го рековме на обете страни. Без намера некому да му префрлуваме вина за состојбата, мора да се констатира дека ефектот е лош. Македонија воопшто не дава добра слика за себе во Европа. Тоа е севкупниот впечаток“, вели Вајс.
Тој смета дека самите партии мораат да се погрижат за да се подобри таа слика. „Тие и натаму остануваат тврдокорно секој на својот став. Тоа воопшто не е добро за демократската култура“, нагласува Вајс. Во тој поглед пратениците кои беа во делегацијата си дале задача да разговараат со германските фондации кои се активни во Македонија, за преку нив да се работи за развој на демократска култура во политиката на земјата. Инаку, како што вели Вајс, Германија релативно малку може нешто директно да стори.
Тоа, според него, се однесува и на спорот околу името, поради кој Грција ја блокира евроатлантската интеграција на Македонија. „Блокадата од Грција е неподнослива ситуација“, нагласи Петер Вајс. Тоа предизвикува загриженост. Поради постојаното одложување да се почне со преговори со Македонија за пристапување кон ЕУ, граѓаните се прашуваат - можеме ли уште да сметаме на ЕУ? - вели Вајс за ДВ врз основа на сознанијата што ги добил во Македонија.
Демохристијанскиот пратеник во Бундестагот Петер Вајс посебно нагласува: „Критичките забелешки во Извештајот на Комисијата на ЕУ за напредокот на Македонија мора да се сфатат сериозно. Мора да се направи значителен напредок во споменатите области“ констатира Вајс наведувајќи ги независноста на правосудството, владеењето на правото, слободата на медиумите. „Македонија мора битно да ја поправи сликата што ја остава за себе. Со тоа тогаш во Брисел ќе се зголеми притисокот од ЕУ врз Грција во врска со блокадата на Македонија“, нагласи Петер Вајс во разговорот за Македонската редакција на Дојче веле.