1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО: Одење по жица

Кај Кистнер (ард) / Елизабета М. Фиданоска1 април 2014

Министрите за надворешни работи на НАТО денеска во Брисел бараат начин за реагирање на кризата во Украина без да ја испровоцираат Русија. Откако НАТО исклучи употреба на воена сила, се бараат други средства за реакција.

https://p.dw.com/p/1BZQX
Фотографија: Georges Gobet/AFP/Getty Images

Во сите дебати околу тоа што прави НАТО во кризата во Украина и што најрадо не би правел, една работа е јасна - сојузот се чувствува предизвикан од Русија.

„Руската воена агресија во Украина е најтешката криза во Европа по падот на Берлинскиот ѕид. Нашата визија за цела, слободна и мирна Европа е ставена под знак прашалник“, рече неодамна генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен во Брисел. Изјава која неизбежно се влева во прашањето - како најмоќниот воен сојуз на Земјината топка да се однесува најдобро што е можно во оваа криза?

Nato-Generalsekretär Anders Fogh Rasmussen
Андерс Фог Расмусен: Руската воена агресија во Украина е најтешката криза во Европа по падот на Берлинскиот ѕидФотографија: Getty Images

Расмусен на ова прашање понуди три одговори: „Прво, мора да ја зацврстиме нашата обврзаност кон заедничка одбрана. Второ, нашата помош за Украина и регионот треба да се прошири. И трето, мора да ставиме јасно до знаење дека Русија не може да продолжи вака.“

Поголем надзор од воздух

Она што голем број држави членки на НАТО, како и самата Алијанса, постојано го исклучуваат е воено вмешување во Украина, која не е членка на НАТО. Дотолку посилно постојано повторуваат дека напад врз земја на НАТО ќе се третира како напад врз целиот сојуз. Како знак на тоа дека може да се чувствуваат безбедни, НАТО, на пример, го зајакна надзорот од воздух над трите балтички земји. Во тоа сака да учествува и Германија. Со оглед на тоа што трите екс советски републики - Естонија, Литванија и Летонија, немаат воено воздухопловство, задачата ја преземаат наизменично различни НАТО-членки. САД веќе испратија дополнителни авиони ловци. Европејците би можеле да ги заменат Американците за неколку недели.

Lettland Kampfjets NATO Patrouille
Авиони на НАТО во воздушниот простор на ЛетонијаФотографија: Normunds Mežiņš

Без копнени трупи

Американскиот претседател Барак Обама на своето патување низ Европа веќе побара да се стори повеќе за „регуларно присуство на НАТО во државите кои се чувствуваат загрозени“. Сепак, за такво нешто, односно за испраќање, на пример, копнени сили во Полска или на Балтикот, во моментов во алијансата нема мнозинство.

Просторот за движење на воениот сојуз се чини е тенок како жица. Треба да се покаже сила, а истовремено да се спречи од руска страна тоа да биде сфатено како провокација. Мотото по кое сега се‘ се ориентира гласи - со воени средства кризата во Украина не може да се реши. Но најмоќниот воен сојуз на светот не сака да изгледа и сосема беспомошно.