1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мистериозен терор во Македонија“

Избор: Ж. Ацеска11 мај 2015

Бројни германски и медиуми на германски јазик пишуваат за судирите меѓу полицијата и терористичката група во Македонија. „Мистериозен терор во Македонија“, „Македонија експлодира“, се само дел од насловите.

https://p.dw.com/p/1FO3M
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Дури и најтиражниот германски булеварски весник „Билд“ во текстот под наслов „Македонија е потресувана од тешки борби“ се осврнува на полициската пресметка со „терористичка група“ во северниот дел од Куманово. Исто како и најголем дел од германските и медиумите на германски јазик, весникот истакнува дека односите меѓу етничките заедници во Македонија остануваат напнати по „бунтот на етничките Албанци во 2001 година, кој заврши со договор, со кој ним им се ветија поголеми права“. Но, во голем дел од медиумите се укажува на корелацијата меѓу инцидентот во мултиетничко Куманово, и најновите политички превирања во земјата: барањето оставка на владата на демонстрациите откако опозицијата објавува прислушувани разговори на владини функционери, добиени од „патриоти во националната тајна служба“, кои сведочат за злоупотреба на власта.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во текстот на Михаел Мартенс, добар познавач на состојбите на Балканот, за „крвавиот викенд во Македонија“ пишува: „Првично не беше јасно против кого е насочена акцијата. Се чинеше како повторно да се јавува завојуваниот Балкан од 90-те години. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска тврди оти совладаната ’терористичка банда’ потекнува од соседна земја, мислејќи на Косово. Околу 20 членови на групата се заробени, други убиени. Како било вистински, е нејасно. Првите информации од Куманово беа противречни. Очигледна е само нервозата во Скопје, Тирана, Приштина и Белград, зашто Куманово се наоѓа во триаголникот Србија-Косово-Македонија, среде еден за Балканот најнеуралгични региони... Но, некои опозиционери, новинари и дипломати од Скопје се сомневаат-владата на премиерот Никола Груевски во Куманово спроведува циничен маневар за залажување и свртување на вниманието. Груевски и други политичари од ВМРО ДПМНЕ се неволно протагонисти на најголемиот политички скандал од осамостојувањето на Македонија во 1991 година. Опозицискиот лидер Зоран Заев објави прислушувани телефонски разговори на политичари од ВМРО ДПМНЕ кои документираат систематска злоупотреба на власта. Иако не се‘ во снимките е толку скандалозно како што најави Заев, во функционирачка демократија обвинувањата одамна ќе беа доволни за оставка на владата до нивно разјаснување. Откако се‘ побројни снимки излегоа во јавност, познавачите на земјата уште пред недели предупредија-владата, сотерана во тесно, може да се обиде да го одвлече вниманието, подбуцнувајќи инциденти. Дали се работи за тоа или во Куманово навистина на дело беа терористи, останува да се разјасни“, заклучува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Фотографија: picture-alliance/epa/V. Xhemaj

„Мистериозен терор во Македонија“, гласи текстот на Енвер Робели, објавен во швајцарски „Тагесцајтунг“ и во „Баслер цајтунг“. Авторот Енвер Робели пишува: „Малата балканска земја Македонија се заканува да стане ново кризно жариште... Властите зборуваа за напад на ’добро вооружени терористи’, забарикадирани во Куманово. Локалните новинари меѓутоа известуваат дека никој не ги познава вооружените луѓе. Публицистот Емин Аземи, кој живее во Куманово, во свој коментар пишува дека без разлика кои се напаѓачите, во прашање е дилетантска авантура која му служи на режимот на премиерот Никола Груевски. Малиот по раст Груевски на власт е непрекинато од 2006 година, а во меѓувереме се наоѓа на опасниот пат да стане мал дикататор. Тој со својата деснонационална партија автократски ги контролира сите институции во државата и клучните економски гранки, како и медиумите, а речиси ја замолча опизицијата. Како и сите популисти во источна Европа, и поранешниот банкар Груевски на своите кампањи против критичарите им дава националистичка обвивка. Во неговата слика за историјата, малата Македониа е опколена од ’четири волци’, но неоријател се гледа и внатре во земјата... Груевски обвинувањата на опозицијата за масовно илегално прислушување го оспорува и го става на сметка на тајна странска служба... Политичките набљудувачи во Скопје претпоставуваат дека целта на Груевски сега е провоцирање крвав конфликт со албанското малцинство, заради одвлекување внимание од аферата со прислушување. Меѓу Албанците во Македонија и во соседно Косово, убедени се дипломати во Скопје, има доволно безработни воини и авантуристи, подготвени да бидат инструментализирани и со тоа во служба на македонската влада во нејзините можни планови... Земјата, која е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, не се мрднува од местото не само поради грчката блокада поради името. Груевски во меѓувреме очигледно има загубено смисол за реалност. Тоа го покажува објавениот прислушуван телефонски разговор во кој неговиот министер за финансии владината политика ја оценува за „луда“ и „неодговорна“. Споменувајќи го проектот ’Скопје 2014’, за кој премиерот потроши над половина милијарда евра за кичести репрезентативни објекти, фонтани, историски споменици, министерот вели: ’ние сме луди, даваме пари за чоколада, а немаме за леб“, констатира весникот.

i
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

И весникот „Ноес Дојчланд“ во тексот „Македонија експлодира“, на прашањето кој стои зад борбите во Македонија и тоа токму во моментов, ја застапува истата теза за владиниот интерес да го сврти погледот од обвинувањата против неа за вмешаност во корупција и криминал, во пресрет на најавениот масовен опозициски протест закажан за 17 мај, со цел принудување на оставка на владата.

Весникот меѓутоа пласира и втора теза: „Некои од водачите на Албанците, кои во Македонија сочинуваат до 30 проценти од населението, сакаат ширење безредија заради подобро извршување на нивните илегални бизниси. Градот Куманово се наоѓа на крстосница меѓу Македонија, Косово и Србија. Од двете страни на границата живеат Албанци, кои вршат шверц во голем стил.

Огромен бизнис, за кој државната власт овозможува широк правен простор. Целта, на пример е, да се држи на узда албанската политичка партија ДУИ, помал коалиционен партнер во владата на Груевски,“, пишува „Ноес Дојчланд“.