1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Политика

Минимална плата за македонските работници

Минималната плата во Република Македонија ќе изнесува 8.050 денари во нето или 12.265 денари во бруто износ, се договорија денеска трите социјални партнери - Владата, работодавачите и синдикатите.

Утврденото ниво на минимална плата се однесува на основната плата за полно работно време и нормален учинок, односно во износот не се вклучени додатоците на плата, кои доколку постои основ за исплата, се додаваат на утврдениот износ. Доколку вработениот не ги остварува очекуваните резултати, минималната плата се намалува соодветно на сработеното.

„За првпат во историјата на независна Македонија, после 20 години преговори на различни гарнитури - политички, економски и синдикални, постигнат е договор за утврдување на минимална плата. Даденото ветување се исполни“, рече премиерот Никола Груевски на прес-конференција по завршувањето на седницата на Економско-социјалниот совет.

Тој истакна дека со овој договор ќе се подобри состојбата на 65 илјади работници чија плата во моментот е под предложеното ниво. Најави донесување на закон за минимална плата до крајот на годината, кој ќе почне да се применува од 2012 година.

„Процесот опфаќа усогласување со предвиденото решение на дел од претпријатијата, односно работодавачите ќе треба да ги усогласат платите на околу 65 илјади лица на кои се исплатува плата под предложеното ниво, меѓу кои најголемиот дел кои работат во секторите текстил, производство на кожа и на облека. Поради тоа ќе се обезбеди период на усогласување од три години во кој ќе се достигне предложениот износ на минимална плата“, подвлече премиерот Груевски.

Работодавачите и синдикатите изразија задоволство што за првпат се утврдува минимална плата во државата со која ќе се обезбеди пред се материјална сигурност за работниците.

Автор: ЖА/АТ/миа

Редактор: Александра Трајковска