1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците на работни акции низ Европа

14 август 2011

Секое лето во Европа се организираат младински доброволни градилишта. Mладите од Македонија можат да учествуваат на нив, како можност за патување и запознавање со нивни врсници од целиот свет, но и изучување на јазикот.

https://p.dw.com/p/12GFO
Фотографија: DW

Се сретнавме со една група на млади девојки од Македонија кои работат на обновување на тврдина во Вогезите недалеку од германската граница во Франција.

Шател сур Мозел е пoранешен значаен град во средновековниот период, за тоа сведочи утврдениот замок кој и му го даде името на ова мало гратче, сместено во падините на Вогезите, во регионот Лорен на истокот од Франција. Тука млади од целиот свет работат на обновувањето и реставрација на тврдината и замокот.

Илјадници млади стекнале искуства на градилиштата

„Имавме илјадници млади кои од 1972 година до денес дојдоа од повеќе земји, досега учествувале млади волонетри од 62 земји. Потребна е само добра волја, нема потреба од голема подготвка, ние имаме многу млади архитекти од земји од Источна Европа, Франција и Северна Африка, со чии школи имаме договори и кои ги праќаат своите студенти на усовршување овде“, вели 81-годишната Шантал Дебри, универзитетски професор по историја и археолог, која раководи со градилиштето и асоцијацијата.

Годинава во Шател се наоѓаат околу триестина млади од Франција, Мароко, Алжир, Русија, Германија, САД, Канада и од Македонија. На ѕидините од тврдината, под силниот ветер се сретнавме со групата млади девојки од Македонија, кои само по неколку дена практична работа веќе добро се снаоѓаа со делкањето камења.

„Ова е трета година како ние имаме Македонци, благодарение на градот Епинал и збратимувањето со Битола. Имаме многу убави спомени од младите кои дојдоа тука“, нагласува Шантал Дебри.

Младите од Македонија се добредојдени на градилиштата во Франција, кои се одлична можност за изучување на јазикот или пак за продлабочување на познавањата од археологијата.

„Токму и поради тоа решив да дојдам тука. Ова е совршено место за усворшување на францускиот јазик, се зборува на француски, а тие кои што не зборуваат се обидуваат.“

Се учи многу повеќе од јазикот

Studenten - Wirtschaft Fakultät
Скапоцено искуство за студентитеФотографија: MIA

Но, на градилиштата не се стекнуваат само познавања од јазикот.

„Искуството тука може да послужи како добра референца во мојата биографија. Меѓутоа, како во секоја работа мора да се извадат позитивните нешта, како на пример пријателството, дружењето, размената на различните култури од страна на учесниците во овај камп. И се разбира ова ќе остане како сеќавање до крајот на животот.“

„Многу ни е напорно, зашто немаме работено физичка работа, но ова сепак е добро искуство. И нов занает“, ни велат низ смеа нашите соговорнички.

Можности за волонтерство во Европа

Тие мислат дека нивните врсници од Македонија многи малку знаат за можностите за патувања и престој во европските земји, во случајов Франција.

„Сметам дека доколку би имало вакви кампови секој би сакал да учествува, особено луѓето кои се занимаваат со оваа професија - археологија, архитектура или слично. Кога би се организирале мислам дека би имало заинтерсирани.“

„Мислам дека во секој случај за студентите кои се запишани на археологија, дека ова би било скапоцено искуство за нив и да биде вреднувано понатму за нивното академско студирање.“

Волонтерските градилишта се отворени за сите млади на возраст над 18 години, потребно е само претходно запишување и плаќање на минимално финансиско учество од околу педесетина евра за петнаесетодневен престој и работа на градилиштето, со кои се покрива осигурувањето на учесниците, кои ги сносат и своите патни трошоци. Храната и сместувањето се на сметка на организаторите.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Tрајче Тосев