1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски студенти во Германија: Со германска диплома до подобра работа

Марта Таневска9 ноември 2013

Македонските студенти велат дека германските универзитети им ги исполниле очекувањата. Тие добиле незаборавно искуство, ги попримиле германската прецизност и посветност, но пренеле и дел од македонската култура.

https://p.dw.com/p/1AEMI
Фотографија: Getty Images

Македонците доаѓаат во Германија да студираат со желба за подобро образование и подобра иднина, како и доживување на ново искуство далеку од својата земја. Поттикнати од програмите за стипендирање што ги нудат универзитетите во Германија или, пак, преку Германската програма за академска размена (ДААД), матурантите со повисок просек и со високи амбиции заминуваат со надеж и очекувања дека тоа ќе им овозможи полесно да најдат добра работа.

Гоце Стојановски студира Бизнис информатика во Манхајм. Во Германија е веќе четири години, а паралелно со студирањето работи и за софтвер-компанијата САП АГ, една од водечките во светот. Со студиите е на крај и планира да продолжи и на постдипломски. Досегашното искуство го опишува како извонредно: „Бев еден од двајцата одбрани студенти во мојата генерација, со директна финансиска и менторска помош од универзитетот во Манхајм. Среќен сум што го прифатив предизвикот. Научив нови култури, а на пријатели им пренесов дел од македонската култура“.

Mazedonische Studenten im Deutschland Goce Stojanovski
Гоце СтојановскиФотографија: Privat

Јелена Коцарева е студент на Институтот за технологија во Карлсруе, на насоката Хемија на храна, козметика и останати потрошувачки добра. Дојде преку ДААД-програмата за матуранти од партнерски средни училишта. Во Германија е веќе пет години и сега завршува со студиите. Студирањето и’ овозможи да ги ја провери способноста за прилагодување и самостојно живеење.

Mazedonische Studenten im Deutschland Jelena Kocareva
Јелена КоцареваФотографија: Privat

„Тука многу се вложува во науката и се обрнува посебно внимание на квалитетот и деталите, се нуди солидна теориска и практична образовна подлога за успешна кариера“, вели Јелена. Таа е задоволна од колегите и вели дека без нив не би било исто.

Културен шок

Александар Симоски, по завршувањето на меѓународната матура во гимназијата Јосип Броз Тито во Скопје, го одбрал Приватниот универзитет за бизнис и информатичка технологија (БИТС), во Изерлон, во покраината Северна Рајна Вестфалија.

„Иако често бев во Германија пред 2009 година и течно го зборував јазикот, првите месеци ми беа културен шок. Од начинот, сериозноста и интензитетот на работата, до секојдневните случки од приватниот живот, германските колеги се поразлични од младите кај нас“, објаснува Александар.

Ова го поткрепува и со случката од 2009 година. „ Во првите недели од студиите прашав еден колега дали би сакал да излеземе, да одиме на кафе. Тој го извади својот нотес, во кој педантно ги имаше термините и обврските, како на пример кога да ја посети баба му и слично... Иако беше втората половина на октомври, колегата сосем ладнокрвно ми одговори дека следниот слободен термин за пиење кафе му е во првата недела во декември. Можете да си замислите каков студен емоционален туш тоа беше за Македонче штотуку дојдено во Германија. Едноставно, во Германија спонтаноста не се доживува како кај нас“, раскажува Александар.

Mazedonische Studenten im Deutschland Aleksandar Simoski
Александар СимоскиФотографија: Privat

На високо рангиран универзитет - макар и за само еден семестар

Студентите кои веќе студираат во некој друг европски град, ја одбираат Германија и како дестинација за размена од еден семестар. Ивана Наумоска го одбрала Манхајм преку програмата за размена на студенти ЕРАЗМУС. Наумоска дипломираше на универзитетот Бокони во Италија, а за престојот во Манхајм вели дека бил правилна одлука.

Mazedonische Studenten im Deutschland Ivana Naumoska
Ивана НаумоскаФотографија: Privat

„Поради добрата репутација на универзитетот, кој според „Фајненшл Тајмс“ е во првите 20 во Европа, и истакнатиот професор по маркетинг Христијан Хомбург, се одлучив тука да го поминам зимскиот семестар во 2010 година“.

На Ивана впечаток и` оставила големата ангажираност и мотивираност на компаниите да работат на проекти со студенти. „Студентите се здобиваат со практично искуство, зашто работат на конкретни проблеми, а компаниите добиваат нови идеи и предлози за решенија.“

Враќањето во Македонија е неизвесно

Новите студенти - почетници, пак, очекуваат квалитетот на студиите во Германија да биде на повисоко ниво од Македонија, а професорите, асистентите и стручните соработници да бидат на располагање за било какви прашања и нејаснотии. Иван Џасиков се определи за Универзитетот Тибинген.

„Од поодамна се решив да се запишам тука, и воопшто да студирам медицина во Германија, и тоа поради фактот што Медицинскиот факултет во Тибинген е еден од најквалитетните во Германија. Го владеам германскиот јазик на едно повисоко ниво, и тоа ми ја отвори оваа можност. Очекувам поголемо внимание да се обрнува на практичниот дел, кој е неизбежен за медицинските студии. Верувам дека со германска диплома ќе ми се зголеми заработката, а и шансите за наоѓање работа“, вели Иван.

Mazedonische Studenten im Deutschland Ivan Dzasikov
Иван ЏасиковФотографија: Privat

Студентите со кои разговаравме, се` уште не знаат дали сакаат да се вратат во Македонија и кога. „Ех, да би знаел да дадам одговор на ова прашање!? Засега се концентрирам успешно да ги завршам студиите, како и професионално да ги вршам моите работни обврски. На крајот ќе видиме, времето ќе покаже“, вели Александар Симоски. Гоце Стојановски ни одговори кратко дека еден ден ќе се врати дома, а Иван Џасиков вели дека се` уште не знае. „Медицината се студира прилично долго време, така што веројатно додека да завршам ќе сменам повеќе мислења. Mожеби ни Македонија, ниту Германија нема да бидат во финалната одлука“.