1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски приказни на француски

24 април 2010

Марија Бежановска е поранешен новинар во Радио Франс Интернасионал. Таа прави литературни преводи на македонски писатели и поети и е една од најзаслужните за промоцијата на македонската книжевност во Франција.

https://p.dw.com/p/N4Yi
Фотографија: DW

„И Македонците ги имаат нивните браќа Грим - браќата Миладиновци. Но скромниот кројач од Прилеп, Марко Цепенков е тој кој што им го даде на македонските народни приказни местото што тие го имаат во Македонија. Приказните запишани од Цепенков се душата на македонскиот народ и општество, во кои се открива целото богатство на македонскиот јазик“, читаме во воведот на француското издание на „Македонски приказни“ објавено само пред неколку дена во Париз. Неодамна од печат во Франција излезе и книгата „Демонот од Дебармаало“ од Горан Стефановски. За објавувањето на овие дела најзаслужна е Марија Бежановска.

Македонскиот идентитет се заснова на културното творештво

Prilep, Mazedonien
Прабабата на Бежановска исто како и Цепенков потекнувала од Прилеп (на фотографијата)Фотографија: Petar Stojanovski

Покрај овие два најнови превода, кои наидоа на топол прием во француската јавност, Марија Бежановска, меѓу другото ги има преведено и романите „Вестхауст“ од Божин Павловски, „Црвениот коњ“ и „Црно семе“ од Ташко Георгиевски и „Големата вода“ од Живко Чинго. За тоа што ја наведе да се зафати со преводи на македонската литература, таа вели: „Секако, пред се’ фактот што сум по потекло Македонка и затоа што македонскиот идентитет всушност се базира врз културното творештво, особено врз литературата. Ова почнувајќи пред се’ од приказните што ги запишал Цепенков, па до современите денешни македонски автори. Имајќи ја во предвид нивната вредност, сметав дека е сосема нормално да бидат познати и овде во Франција.“

Изборот на делата кои ги преведува Бежановска се прави спонтано, читајќи ги и правејќи проба како тоа звучи на француски јазик. „И понекогаш тоа се завршува со целокупното преведено дело“.

Приказни со оригиналост и универзалност

Maria Bejanovska
Марија БежановскаФотографија: Maria Bejanovska

Изборот на четирите македонски приказни „Силјан Штркот“, „Злата позлатена“, „Волшебното коњче“ и „Златната птица“ не е случаен, вели Бежановска: „Треба да се каже дека целото мое рано детство беше напоено со приказни што ми ги раскажуваше мојата прабаба прилепчанка, токму како и Марко Цепенков за кој може да се рече дека е меморијата на Македонија. Изборот, всушност ’Силјан Штркот’ се наметна самиот по себе, без ’Силјан Штркот’ не можат да се замислат македонските приказни. Тој е духовен симбол на Македонците. Се знае дека Марко Цепенков има запишано преку 700 приказни, не ги прочитав сите, ама прочитав доста и овие четири ги одбрав поради нивната оригиналност, а во исто време и нивната универзалност“.

Непосредно пред објавувањето на македонските народни приказани, Марија Бежановска го преведе и објави како книга на француски јазик многу актуелниот театарски текст на Горан Стефановски „Дебармаало“.

Нареден превод „Вештица“ од Венко Андоновски

„Неодамна беше презентиран во театарот на ’Ронд Пуан’, еден од централните театри на Елисејските полиња во Париз со кој има раководено познатиот Жан-Луи Баро. Читањето на текстот беше толку добро направено, и интересирањето за текстот беше големо, салата беше преполна дури имаше и луѓе кои останаа надвор. Најнова вест е што тој текст идната година ќе биде поставен на сцена. Сакам да кажам дека покрај тој текст јас преведов и три текста на Жанина Мирчевска, која живее во Словенија, но која е Македонка. Нејзините текстови меѓу кои и ’Есперанца’ веќе беа читани на повеќе фестивали во Франција.“

Во моментов Марија Бежановска го довршува преводот на романот „Вештица“ од Венко Андоновски, кој наскоро исто така ќе биде објавен на француски јазик.

Автор: Тони Гламчевски

Редакор: Александра Трајковска