1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските лекари со 1.000 причини против плаќањето по учинок

АМ/макфакс11 ноември 2012

Повеќе од 95 отсто од лекарите специјалисти сметаат дека проектот „Плаќање по учинок“ не е фер и е неправеден, покажало истражувањето на Хелтгрупер. Докторите прерупредуваат на нарушени меѓучовечки односи.

https://p.dw.com/p/16gnh
Фотографија: Fotolia/Alexander Raths

Хелтгрупер, меѓународниот проект за размена на информации од здравството, инициран и започнат во неколку европски држави (Бугарија, Словенија, Унгарија, Македонија, Србија и Албанија), ги објави финалните резултати и сите коментари на лекарите поврзани со проектот „Плаќање по учинок“. Учесниците во истражувањето, лекарите-специјалисти запишале околу 1000 причини поради кои треба неодложно да се ревидира проектот во предложената форма.

Проектот е „гладијаторски“ и секојдневно ги нарушува меѓучовечките односи во здравствените установи. Хелтгрупер искрено верува дека овие сведочења на лекарите ќе им помогнат на сите актери да ги осознаат недостатоците, кои се прекубројни.

Така, 95.2 отсто од лекарите специјалисти сметаат дека проектот „Плаќање по учинок“ е нефер и неправеден во вреднувањето на трудот. Дури 88,4 отсто од лекарите сметаат дека проектот се одразува негативно врз тимската работа во колективот. За 71,4 отсто од лекарите проектот непотребно го стимулира бројот на прегледи кои им се прават на пациентите. А, 61,4 отсто сметаат дека проектот негативно се одразува на пациентите.

Krankenpflege
Плаќањето по учинок донесло нарушени меѓучовечки односи и непотребни прегледи на пациентитеФотографија: picture-alliance/Ton Koene

Хелтгрупер ги повикува сите заинтересирани истражувачи, студенти по медицина, доктори, постдипломци на јавно здравје, како и истражувачи од другите факултети, да ги искористат податоците за научно истражувачки цели. Овие квалитативни податоци даваат увид во проблематиката на проектот „Плаќање по учинок“ и нудат можност за бројни квалитативни истражувања, за генерирање научни хипотези и поставување нови истражувачки прашања, како на пример: Како се одразуваат врз процесот на лекување и здравјето на пациентите нарушените односи помеѓу лекарите во болниците? Колку пари го чини здравствениот систем непотребното зголемување здравствени услуги? Колкав е бројот лекари-специјалисти кои како резултат на проектот ќе ги напуштат државните болници? Какви ќе бидат последиците по здравствениот систем во случај на миграција на лекари специјалисти од државните болници?.

Истражувањето се спроведе во периодот помеѓу трети и осми ноември 2012 година. Сите доктори кои го започнале истражувањето во целост одговориле на прашања. Прашалникот бил доставен преку имејл само до лекарите специјалисти кои се директно вклучени во проектот „Плаќање по учинок“.

Недоразбирањата поврзани со проектот „Плаќање по учинок“ кои во континуитет се присутни во изминатите неколку месеци меѓу мнозинството лекари специјалисти и министерството, односно министерот за здравство, резултираа во нова најава за генерален штрајк, закажан за 14 ноември 2012.