1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Потемкинова демократија“ во „растресена држава“

сн/шпигел/цајт24 мај 2015

Во интервју за германскиот неделник „Шпигел“, потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска говори за политичката криза во Македонија, која е тема и во опширната репортажа во неделникот „Ди Цајт“.

https://p.dw.com/p/1FVmH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Неделникот „Ди Цајт“ во најновото издание под насловот „Разурнати куќи, растресена држава“ објавува подолга репортажа од Куманово поточно од „Дивата населба“ каде пред две недели се водеа борби, кои не само што ја потресоа Македонија туку ја подразмрдаа и меѓународната заедница да го заврти вниманието актуелната политичка криза во земјата. Во текстот на „Ди Цајт“ меѓу другото се вели:

„ Кој е одговорен за насилството во Куманово? Македонската влада говори за албански терористи од Косово, опозицијата за инсцениран маневар на владата за одвраќање на вниманието, ЕУ за изолиран инцидент изведен од криминалци, Русија намирисува дело на Западот. Сигурно е дека мистериозната ескалација, повторно за кратко го врати во фокусот на вниманието на светската јавност едно заборавено предворје на Европа.

Последен пат очите на светската јавност беа завртени кон Македонија во 2001 година- кога земјата се наоѓаше на работ на граѓанска војна. Тогаш ЕУ успеа да ги смири тензиите меѓу македонското мнозинство и албанското малцинство и преку ветувањето на ЕУ и НАТО перспективи за земјата. Навистина веќе во 2005 земјата доби статус на кандидат за членство во ЕУ. Приемот во НАТО во 2008 ѝ го блокираше Грција, поради нерешениот спор за името на земјата. Грците не го признаваат бидејќи стравуваат од влијание врз нивниот регион Македонија. Оттогаш земјата е во застој: под националпопулистичкиот премиер Никола Груевски, Македонија атрофираше во авторитарно управувана банана република.

Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Изборни манипулации, шиканирање на медиумите или отстранување на политичките противници преку мрачни интриги на тајните служби: ЕУ долго се ограничи себеси на улогата на опоменувач за преземените обврски, но многу повеќе на 'незаинтересиран родител' . Дури и за време на најголемата криза во Грција, ЕУ партнерите не успеаја потклекнатата Атина да ја придвижат кон поголема флексибилност во фаталниот спор за името. Дури борбите во Куманово, ја подразмрдаа меѓународната заедница: токму страшната слика на можна нова балканска војна беше таа што доцна ги придвижи мелниците на меѓународната дипломатија“, се вели во дел од текстот на „Ди Цајт“. Според авторот по ексалацијата на насилство во Куманово не е на повидок крај на борбата за моќ во Македонија а засега и ЕУ дипломатите безуспешно се обидуваат да посредуваат во кризата.

„Македонскиот проблем беше потиснат“

И неделникот „Шпигл“ во последното печатено издание посветува внимание на состојбите во Македонија преку интервју со потпретседателката на опозицискиот СДСМ, Радмила Шеќеринска насловено како „Потемкинова демократија“, во кое истотака во голем дел се тематизира реакцијата на ЕУ на кризата во Македонија.

На прашањето на „Шпигел“ дали земјата во последно време, поради кризата се одалечила од ЕУ, Шекеринска изјавува: „ Премиерот Никола Груевски воспостави Потемкинова демократија,зад чија фасада владее автократски. ЕУ секако дека го согледа тоа ама не интервенираше. Така владата стекна впечаток дека може да го игнорира Брисел“. А што тогаш требaше да стори ЕУ?, гласи наредното прашање на кое Шекеринска одговара: „Огромно мнозинство од Македонците во изминатите 25 години беше согласно: сакаме да ѝ пристапиме на ЕУ. Европа требаше енергично да укаже на тоа дека владата ја прокоцкала оваа опција“.

Шекеринска причините за тоа зошто не се случило такво нешто ги гледа во бројните проблеми со кои била зафатена Европската Унија: еврото, Украина, бегалците. „Македонскиот проблем беше потиснат. Никој не сакаше да отвора ново градилиште. Сега ние ја плаќаме цената за тоа“, истакнува потпретседателката на СДСМ.

Mazedonien - Parteichef Zoran Zaev
Фотографија: MIA

„Шпигел“ ја конфронтира Шекеринска и со ставот на Москва која антивладините протести ги означува како инсценирана акција на Западот, со цел да ѝ се наштети на Русија. На прашањето дали се заканува украинско сценарио во Македонија таа вели: „Нормално, Москва би можела да се обиде да го зголеми нејзиното влијание. Ама нашиот премиер знае дека сериозна стратешка алтернатива за НАТО и за ЕУ нема“.

Радмила Шекеринска одговара и на уште едно прашање за можна закана, имено од нови етнички тензии меѓу Македонците и Албанците во земјата? „Ако нашата земја и натаму назадува, незадоволството би можело да подгрее раздор. Но досега заедничките протести попрво ги соединија луѓето“, читаме во интервјуто на Шекеринска за германскиот неделник „Шпигел“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема