1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија не гледа никулци на радикален ислам

Катерина Блажевска9 септември 2014

Нема докази дека фондации во Македонија вршат трансакции во вредност од милиони долари годишно во функција на радикален ислам, тврдат надлежните, но извори од ИВЗ се сомневат во спротивното.

https://p.dw.com/p/1D97l
Фотографија: dapd

„Во Македонија постојат организации и фондации кои годишно вршат трансакции во вредност од милиони долари. Ниту една од нив не е транспарентна ниту, пак, тоа од нив го бараат тамошните безбедносни органи. Личностите од овие здруженија се моќни и поврзани со силни државни структури и политички партии. Симптоматично е што државата не посегнува по нивните водачи, кои се сосема познати“, тврдат косовски извори во изјава за „Коха диторе“ во контекст на ширењето на радикалниот ислам.

Од кабинетот на поглаварот на ИВЗ се воздржуваат од коментар, со образложение дека не може да дадат изјава во отсуство на поглаворот, кој е на службен пат. Но, според пониски структури во оваа верска заедница, кои на терен секојдневно се соочувале со „извитоперување на традиционалниот ислам“, состојбите воопшто не се далеку од вистината.

„Се’ се знае, а се молчи. Се вртат и луѓе, и пари, и игри. Претпладне одат на консултации кај шефот на една безбедносна институција, а попладне во една влијателна амбасада. За чија цел и чии потреби го прават тоа, можеме само да претпоставуваме“, велат овие извори.

Во текот на минатиот месец властите во Косово започнаа голема акција и апсења на лица што врбуваат борци за воени конфликти во странство и за ширење радикален ислам и екстремизам на територијата на Косово. Десетина од нив беа уапсени во близина на македонско-косовската граница. Има ли во Македонија организации и фондации кои вршат трансакции во илјадници евра промовирајќи и помагајќи го радикалниот ислам? Според аналитичарот Рамадан Рамадани, такви сознанија во јавноста - нема.

„Тоа се претенциозни шпекулации за состобите во друга земја. Токму една од разликите во споредба на Косово и Македонија е дека тука немало присуство на меѓународни организации од сите верски бекгроунди - и христијанска и муслиманска, како што беше случајот во Косово. Според тоа, чинам дека е непропорционално и несоодветно јавното третирање на ваквите шпекулации“, вели Рамадани.

Без докази - ништо!

Од МВР тврдат дека континуирано ја следат состојбата. Во таа насока, според портпаролот Иво Котевски, во рамките на своите ингеренции, МВР соработува со другите надлежни институции во земјава и со пријателски служби од странство.

„Подготвени сме да реагираме кога ќе бидат обезбедени соодветни докази и им стоиме на располагање на сите поединци и институции, кои добронамерно сакаат да се вклучат во борбата против тероризмот, за да ги провериме нивните сомненија за вклученост на лица или невладини организации од Македонија во нелегални активности“, порачува Котевски.

Но, кога Реис ул Улема хаџи Сулејман Реџепи пред извесно време јавно побара полициска интервенција за враќање на контролата на ИВЗ врз Јахја-пашината и Тутунсез џамијата во Скопје, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска му порача дека МВР нема надлежност да прави контрола во џамиите.

Reis ul Ulema Hadzi Sulejman Efendi Redzepi
Реис ул Улема хаџи Сулејман РеџепиФотографија: MIA

„Баравме од компетентните владини органи да ни помогнат почитувајќи го законот, но тие не ја извршија својата работа. Затоа, ако нешто се случи во Јахја-пашината џамија и во Тутунзес, за нас, тоа ќе се случи во МВР, а не во нашите објекти“, порача поглаварот на ИВЗ.

„Претпоставувам дека поглаварот на ИВЗ излегува со спектакуларни најави и изјави во контекст на негов евентуален реизбор или позиционирање таму каде што аплицира за позиции“, му одговори Јанкулоска.

МВР последен пат постапуваше за случај за сомнително финансирање вакви активности пред неколку години, кога изврши контрола во една невладина организација за кои постоеја сомненија дека се финансира од невладина организација од Саудиска Арабија, ставена на црната листа на Стејт департментот. Иако финансиските средства над 10.000 евра, кои се трансферираат по легален пат, подлежат на контрола на Управата за финансиско разузнавање, проблемот е што во голем број случаи парите наменети за „хуманитарни цели“, под чиј превез се најчесто финансираат ваквите активности, се префрлаат по нелегален пат. Како пример за тоа, експертите го посочуваат ланскиот случај во Турција, кога во домот на директорот на „Халк банка“, беа пронајдени 4,5 милиони евра во кутија за чевли. Од нив, еден милион бил наменет за верски активности во Македонија, а според неговата изјава, се барало начин како парите да бидат префрлени кеш.

„Дел од парите, околу 950 илјади евра, иако со потешкотии, сепак успеавме да ги пратиме во Македонија“, ја цитираа турските медиуми неговата изјава обелоденета од истрага. Банката целосно ги демантираше ваквите обвинувања.

Чувствителна сфера

Mazedonien - Land und Leute
Фотографија: DW

Според експерти за безбедност, паралелно со организираниот и традиционален ислам во Македонија, се манифестираат и различни облици на делување на радикални поединци и групи, чие делување во изминатите две децении во голема мера се спроведувани под влијание на надворешни интереси, вклучително на меѓународните невладини и хумантиарни организации од Саудиска Арабија и други земји од Персискиот залив, како од пакистански фанатици, или Турција и Малезија. Според д-р Фросина Ременски од Факултет за безбедност во Скопје, во споредба со соседството, во Македонија е евидентно регистрирање на релативно помалку „сомнителни“ хуманитарни организации.

„Неформалните исламистички групи се јавуваат пред сé во нефункционални држави, чии слаби и неефикасни институции на подолг рок, индиректно влијаат на јакнење на исламизмот во општеството. Државната политика на неконфронтирање со нив, во голема мера е детерминирана од сензитивноста на меѓуетничките односи. Во таа смисла, отсуството на енергични контрамерки од страна на државните органи, во континуитет создава предуслови за јакнење на нивните капацитети“, вели Ременски.

Во длабинската студија на „The Meir Amit Intelligence and Terrorism Information Center“ (ИТИЦ) за странските борци во Сирија, се проценува дека нивниот број, кој бележи тенденција на пораст се движи помеѓу 1.600 и 2.100, а меѓу земјите со висок степен на учество, чиј број може да достигне и неколку стотици, се издвојуваат и некои балкански земји, меѓу кои и Македонија со десетици доброволци. Мотивирани пред сé од „салефистичко-џихадистичката“ идеологија, со намера за нејзино увезување во земјите на потекло по нивното враќање, најголем дел од доброволците се приклучиле кон сириските бунтовници, главно во Фронтот Ал Нусра (Jabhat al-Nusra) и Исламската држава на Ирак и Голема Сирија (Islamic State of Iraq and al-Sham), кои се сметаат за фракции на Ал-Каеда. Се проценува дека по враќањето во матичните земји, откако доброволците поминале воена обука и идеолошка индоктринација во Сирија, тие претставуваат потенцијална закана од аспект на субверзивно делување - ширење екстремизам меѓу локалните муслимански заедници, но и поради можно инволвирање во терористички активности.

Како да се застане на патот на ваквите тенденции? Според Ременски, мора да се поседуваат познавања од оваа област, но и да се прави јасна дистинкција помеѓу религиозните убедувања на исламистите кои остануваат само во приватната сфера и активизмот насочен кон општествено-политички промени во државата и насилното делување.

„Поаѓајќи од претпоставката дека повеќето неформални исламистички групи имаат ненасилен карактер, широката примена на специфични средства, методи и постапки во работењето би значело навлегување на репресивниот апарат во уставно загарантираното право на слобода на вероисповед. Воедно, примената на репресивни мерки наспроти превентивното делување, дополнително би можело да го забрза процесот на радикализација на исламистичките кругови. Со оглед на принципот на тајност во работењето на безбедносните институции и органи и отсуствувото на јавно достапни податоци за нивното работење, се наметнува прашањето за релевантноста и степенот на влијание на овој фактор врз политичкиот активизам на постојните исламистички структури во Македонија“, вели Ременски.

Според косовски извори, како резултат на тамошната обемна истрага, „наскоро може да излезат значајни податоци кои се однесуваат и за состојбите во Македонија“. Тоа, секако, добро зборува за меѓусоседската соработка, но - дали и за домашната иницијатива?