1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нелегална „преселба“ на пари?

Катерина Блажевска24 мај 2015

Ниту имаме ефикасен систем за следење на трансакциите на т.н. 'политички експонирани лица', ниту парите на богатите допрва ќе 'бегаат' надвор од Македонија, бидејќи тоа е веќе направено, сметаат домашни експерти.

https://p.dw.com/p/1FVgC
Фотографија: imago/imagebroker/begsteiger

Политичката криза во Македонија ги подгреа и стравувањата и шпекулацииите дека овој критичен период ќе биде искористен политичките и бизнис елити да ги извлечат парите од земјата и да ги преселат на други дестинации. Шпекулациите во голема мера ги подгреа информацијата дека владиниот авион пред неколку дена поради одредени проблеми принудно слета во Цирих, што беше доволно случајот на голем дел од јавноста да ѝ „замириса“ не на технички проблеми, туку на „швјацарски сметки“. Вчерашното соопштение на владината Служба за општи и заедничики работи (СОЗР) за тоа каква се контрола, проверка и тестирања биле направени на владиниот „лирџет 60“, не ги намали растечките шпекулации.

Ги прашавме експертите дали Македонија има систем кој би алармирал доколку се случи тренд на помасовен одлив на пари од земјата? Нивните одговори се далеку од оптимистички.

„Во Република Македонија не постои ефикасен систем за следење на финансиските трансакции на 'политички експонирани лица', како ни ефикасен систем за размена на информации за перење на пари“, вели д-р Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешнел - Македонија (ТИ-М). Таа објаснува дека меѓународната регулатива против перење пари го дефинира поимот „политички експонирани лица“, како лица кои имаат важна јавна позиција и компаниите поврзани со нив. Препораката број 6 на групата ФАТФ за спречување на перење пари и Третата Директива против перење пари на ЕУ, се воведени поради тоа што меѓународната практика покажала дека секогаш постои можност, особено во земјите со висок степен на корупција, овие лица да ја злоупотребат својата функција и моќ за нивна лична цел.

Mazedonien Denkmal Alexander der Große in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Поради тоа, од банките и финансиските институции се бара во дополнување на редовните активности за идентификација на клиентите од банките да воспостават и систем за брза идентификација на 'политички експонираните лица'. Според извештајот на Советот на Европа, Република Македонија спаѓа во групата на држави кои не го усогласиле своето законодавство со Препораката 6 на групата ФАТФ“, укажува д-р Тасева.

Само за странци

За потребата од воведување на вакви законски одредби, Република Македонија добила препорака и во рамки на третата евалуација од Советот на Европа (MONEYVAL) во 2008 година, но таа препорака не е имплементирана и се уште е со статус на неусогласеност. Покрај овие слабости, евалуацијата утврдила и недостатоци во системот за размена на информации за перење пари, што ја става Република Македонија во редот на држави со кои е речиси невозможно да се воспостави ефикасна соработка за следење на трансакциите на политички експонираните лица и другите категории од висок ризик.

„Наспроти сите овие укажувања и меѓународното право, новиот Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам донесен во септември 2014 година, како 'носители на јавни функции' ги дефинира физичките лица кои 'не се државјани на Република Македонија', на кои им е или им била доверена јавна функција во Република Македонија или во друга држава“, го објаснува д-р Таева големиот апсурд.

Во 'носители на јавни функции' спаѓаат претседатели на држави и влади министри и заменици или помошници министри; членови на парламент; избрани и именувани јавни обвинители и судии во судовите; членови на органи на управување во државна ревизорска институција и членови на највисок одбор на централна банка; амбасадори, офицери од висок ранг во вооружените сили (чинови повисоки од полковник); избрани и именувани лица согласно со закон и членовите на органите на управување на претпријатијата во државна сопственост; лица со функции во политички партии; лица на кои им е или им била доверена истакната функција во меѓународна организација-директори, заменици, членови на Управни и надзорни одбори. Поимот „носители на јавни функции“ вклучува и членови на семејството согласно со Законот за семејството; лица кои се сметаат за блиски соработници - деловни партнери (секое физичко лице за кое се знае дека има заедничка сопственост врз правно лице има склучено договори или воспоставено други блиски деловни врски со носител на јавна функција; и лица кои основале правно лице во корист на носителите на јавни функции. Сепак, сето ова се однесува на странци.

Euro / Banknoten / Geldscheine
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Во законот формално е воведена одредба, но таа не се однесува на домашните носители на јавни функции. Само со воведување на зборот 'не' пред зборот 'се државјани...' се менува целата смисла на меѓународните документи и се избегнува ефикасно следење на финансиските трансакции на домашните носители на функции и на лица и компании поврзани со нив“ објаснува претседателката на ТИ-М.

Парите се веќе надвор!

Истражувањето на организацијата „Глобал фајненшл интегрити“ од Вашингтон покажа дека Македонија е на 79-то место на листата држави според илегалното изнесување пари, со годишен просек од 521 милион долари изнесени илегални пари. Во периодот меѓу 2003 и 2012 година, најмногу нелегални пари од Македонија биле изнесени во 2011 година - 852 милиони долари. Од државите во регионот, пред Македонија е Бугарија со просек од над 2,5 милијарди долари, Хрватска е на 49-то место со 1,4 милијарда долари, а Албанија е на 115-то место со 128 милиони долари во просек. Во периодот меѓу 2002 и 2011 од БиХ биле извлечени „само“ 142 милиони долари, од Србија дури 50 милијарди долари, од Хрватска 15 милијарди долари, од Црна Гора повеќе од 4 милијарди долари, а од Македонија околу 5,4 милијарди.

Mazedonien Land und Leute
Фотографија: DW/Medana Weident

Поранешниот гувернер на Народната Банка на Македонија, Петар Гошев, вели дека секоја политичко безбедносна криза дејствува контракциски на економската активност.

„Таа првенствено започнува да се манифестира преку финансиските текови. Тоа го знаат сите, и образовани и необразовани луѓе, и богати и сиромашни. Но, во категоријата 'сите' има поткатегорија 'одговорни' и 'неодговорни', во смисла дека вториве не учествуваат во создавањето на кризата, но главно ги трпат последиците од неа. 'Одговорните' за кризата се разликуваат од другите по две својства - тие се и најбогати и најдобро информирани. 'Одговорните' за кризата стравуваат пред се за своите големи пари, најчесто нелегално стекнатати, како и за својата слобода во земјата во која ја создале кризата. 'Неодговорните' за кризата, пак, стравуваат за своите мали штедни влогови, за својот мал имот, за својата материјална егзистенција. 'Одговорните', како најдобро информирани за тоа во кој правец може да се развива кризата, (зашто дел од нив управува со неа), како и свесни за тоа на кој начин се збогатиле, навреме го 'згрижиле' најголемиот дел од парите во дестинации создадени и заштитени од светските богаташи. Македонија слушна, на пример, од каде на премиерот наводно треба да му стигнат пари за да купи милионски вредна парцела на „Водно“. Така што, ако е прашањето дали парите на богатите ќе 'избегаат' надвор од Македонија, па тоа ќе се одрази на економскиот раст на земјата, не треба да се 'грижиме. Тоа е 'навреме' направено“, вели Гошев.

Тој потенцира и дека ако еден дел од парите на 'одговорните' се уште се во Македонија, сметајќи ги за легално стекнати, нема законски пречки и нив да ги изнесат надвор. Но, стабилноста на финансискиот систем, според Гошев, ја држат токму најмалку одговорните за кризата, кои стравуваат за своите мали штедни влогови во домашното банкарство и за губење на работните места.

„Доколку нив ги зафати паника, па почнат да ги вадат надвор своите штедни влогови од банките, евентуално губејќи ја довербата во нив, по таа основа тие ќе бидат и најголемите жртви на кризата. Иако имаат мали или средни влогови во банките, токму тие ја формираат главнината на масата на штедни влогови, од чија стабилност зависи и стабилноста на банкарскиот систем. Звучи иронично, но во рацете на вториве лежи стабилноста на финансискиот систем, во содејство со една енергична и независна „Централна банка“. Јас се надевам дека нема да ни се повтори почетoкот на деведесетите години“, предупредува поранешниот гувернер на НБРМ.