1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија е на пат кон ЕУ, но не е - на автопат

Силвера Падори-Кленке2 декември 2013

ЕУ останува отворена за Западниот Балкан, но поради кризата и замореноста потребно е трпение, се чу во дискусијата за проширувањето во организација на Аспен институтот. Резервираност и недореченост остана за Македонија.

https://p.dw.com/p/1APms
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Условите за проширувањето на Европската унија не се променети од 1993. година, кога како подготовка за големото вклучување на земјите од истокот, беа усвоени Копенхашките критериуми. Во овој период и особено последниве 10 години, меѓутоа, се промени светот и предизвиците кои стојат пред земјите - членки на Унијата и оние кои сакаат да станат дел од европското семејство. За земјите од Балканот - Европската унија и понатаму останува атрактивна. Таа, пак, Унијата - факт е дека се соочува со финансиската криза и замореност од проширувањето. Времето е сменето и од оваа временска дистанца малку кој е убеден дека при идните нови проширувања ќе има толку радост и славења какви што ги придружуваа изминатите нови членства. Но, и покрај ова, вратата за вклучувањето на земјите од Балканот во Европската унија останува отворена. Членството не е невозможно, туку е остварливо. Треба само да се сочува трпението! Ова е резимето од презентација (27. ноември) на резултатите од двегодишниот проект на Аспен институтот посветен на безбедносната архитектура на Југоисточна Европа. Заклучоците и предлозите кои ги сработија и презентираа претставници на политиката од земјите од регионот, беа надоврзани со топ-актуелниот разговор во пресрет на декемврискиот самит наловен како „ЕУ проширувањето - меѓу условеноста, напредокот и замореноста“. Импулси на дискусијата дадоа Ридигер Ленц - извршен директор на Аспен институтот за Германија, Кристоф Рецлаф, раководител на Одделот за проширување во германското МНР и Герхард Шуман-Хитцлер, директор на Одделот за ИПА стратегиите и регионалната соработка во Директоратот за проширување на Европската Комисија (тројцата на насловната фотографија).

Единствена цел на сите

Претставниците од министерствата за надворешни работи на земјите од регионот кои изминативе две години беа вклучени во проектот на Аспен го елаборираа сработеното и она што претстои во четирите блока што се витални за натамошната интеграција: како Унијата може да помогне во побрзото интегрирање; што е со регионалната соработка; како се одвива борбата против организираниот криминал и корупцијата и конечно: каква е состојбата со енергетскиот секотор. Иако за сработеното можеби сите имаат различни погледи, важно е што идејата и целта за иднината кај сите е една и единствена - полноправно членство во ЕУ и НАТО. За остварување на ова беше повторено значењето на поголемата демократизација, владеењето на правото, влезот на странските инцвестиции, образование и отварање перспективи за младите. Беше кажано дека исклучително е важно да се сочува моментот на проширувањето, земјите и од регионот треба понатаму да работат на реформите, но и ЕУ треба да им помогне на владите кои минуваат низ тешки процеси. Во оваа насока се побара конкретна и продуктивна соработка.

Geografische Karte Mazedonien
Спорот за името не е омилена тема за дискусија со ЕвропејцитеФотографија: AP Graphics

Расположението за проширување со нови членки инаку и во Германија е спласнато. Според кажувањата, само 20 проценти од Германците се’ уште сметаат дека европското семејство има капацитет за нови членки. Но, Германија и натаму ќе ги почитува дадените ветувања за европската перспективи на Западен Балкан. Подвлечено беше, меѓутоа, дека „таа фер перспектива е со јасна условеност“. Лекциите од минатите проширувања била научена, па затоа „во иднина нема да има технички, технократски или политички одлуки за членство, туку тие ќе бидат резултат на постигнатото на секоја одделна држава“.
На конкретното прашање: која е проценката за времето што ќе биде потребно Западиот Балкан да стане дел од ЕУ - следеа одговори од типот: „мора да се има трпение!“. Или како беше креативно илустрирано -„ ЕУ е како една голема куќа со многу соби во кои секој еден треба да се чувствува комотно, безбедно, пријатно. Мора да се има добра комуникација, размена на мислењата и почитување на желбите и можностите. Проширувањето станува се’ потешко и потешко, но интересот на земјите кои претендираат кон европското членство не е намален. Проширувањето се движи во вистинската насока, по вистинскиот пат“.

Резервираност за Македонија

Беше поставено прашање и за Македонија, која на тој европски пат има проблем поради спорот за името со Грција: „До кога еден партнер од ЕУ ќе го попречува нејзиното интегрирање?“
Одговорот кој следуваше го потврди чувството дека никој отворено не сака да дискутира за овој проблем. Беше се’ само не конкретен и јасен, туку се сведе на формулации во кои беа испреплетени историјата, мултиетничките односи на Балканот, национализмите, политичките тензии. Изостана само вистинскиот одговор - дали Европската комисија презема нешто да ја сочува веродостојноста на донесените препораки и сопствениот авторитет. Така остана во воздух да лебди констатацијата дека земјата е „на пат кон ЕУ, но не е - на автопат!!!“.
Во овој контекст кусо беше забележано и дека спорот за името со Грција се рефлектира и врз НАТО - интеграцијата. Еден од учесниците на проектот од регионот смело коментираше дека на Македонија во Букурешт и‘ била направена неправда и не била примена во НАТО заедно со Хрватска и Албанија. Тој порача дека „место немоќни кревања на раменици, очекува придонес и разбирање од Германија, зашто НАТО е исклучително важен за Балакнот“.

Europatag
Балканот е дел Европа, но неизвесно е кога навистина ќе стане дел и од ЕУ?Фотографија: DW/S. Padori-Klenke