1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лустрацијата треба да се лустрира

Тони Гламчевски15 декември 2012

Венецијанската комисија при Советот на Европа смета дека македонскиот закон за лустрација има многу недостатоци. Комисијата вчера (14.12) го разгледуваше законот, а мислењето ќе биде објавено наредната недела.

https://p.dw.com/p/1731q
Фотографија: picture-alliance/dpa

Комисијата на вчерашниот состанок во Венеција (14.12) се занимаваше со четири прашања од македонскиот Закон за лустрација. Во разговорот за Дојче Веле, претставник на Комисијата нагласува дека „постапката за лустрација има за цел да оддалечи една личност од државните структури за која се смета дека претставува опасност за државата и која ризикува да предизвика кршење на човековите права и за тоа да остане неказнета.“

Затоа Венецијанската комисијата заклучила де­ка „за лустрацијата, која се спроведува повеќе од 20 години по завршувањето на то­та­ли­тар­но­то владеење, се потребни неспорни и силни аргументи“. Опфаќањето на толку долг период, дури 60 години наназад, според Комисијата, може да се оправда со крајно тешки злосторства, кои подлежат на кривичниот закон.

Другото прашање е дали може со лустрацијата да биде опфатен период по крајот на тоталитарниот режим. Ако се прифати принципот дека и по крајот на тоталитарниот режим (по 17 ноември 1991 година) е можно да постојат практики на лустрација, според Комисијата, „треба да се докаже дека имало исклучителни настани кои ја оправдуваат неоперативноста на нормалните правни и демократски инструменти и непочитување на човековите права“. Комисијата изразува сомневања околу овој дел на законот, бидејќи за време на овој период опфатен со македонскиот закон, таа нема сознанија дека имало такви ситуации во Македонија. „Уште повеќе ако се знае дека Македонија е членка на Советот на Европа од 1995 година и според тоа во неа владее правото, демократијата и механизмите за заштита на човековите права.“ Според Комисијата, ова било забележано и од Уставниот суд на Република Македонија.

Терминот јавна дејност недефиниран и широк за употреба

Венециската комисија забележува дека е нејасно објаснувањето во Законот за лустрација кој сe‘ може да биде лустриран. Така, во врска со членот на законот кој се однесува на тоа кои лица треба да бидат подложни на лус­тра­ци­ја, од три дефиниции - носител на јавна функција, вршител на јавно овластување и вршител на јавна дејност, Венецијанската комисија оценува дека првите две се јасно дефинирани, но третата - вр­ши­тел на јавна дејност е премногу општа и дава неточна претстава. Поимот јавна деј­ност не е дефиниран во Законот и е премногу широк за да биде користен како основа за поч­ну­ва­ње лустрациски процедури, смета Комисијата.

Symbolbild Geschäftsmann
Поимот јавна деј­ност не е дефиниран во Законот и е премногу широк за да биде користен како основа за поч­ну­ва­ње лустрациски процедури, смета КомисијатаФотографија: picture alliance/Sven Simon

Комисијата нагласува дека лустрацијата има за цел да ги оддалечи од државните структури лицата кои би можеле да делуваат против државата. Комисијата не се согласува лустрацијата да се применува за лица од приватниот сектор, што е во согласност со препораките на Парламентарното собрание на Советот на Европа и на Европскиот суд за човекови права, односно лустрацијата треба да биде ограничена на позиции за кои има сериозна причина да се верува дека лицето ќе претставува сериозна опасност за човековите права и за демократијата.

За Комисијата таквото проширување на опфатот на лица со Законот, ќе резултира со мешање на државата во работата на овие лица и ќе го пречекори уставно загарантираното право за слобода на здружување, со цел остварување и заштита на своите политички, економски, социјални, културни и други права и убедувања. Исто така, ќе вклучи и прекршување на уставно загарантираната одвоеност на црквата, религиозните групи и заедници од државата.

Докажувањето на соработката е сложен и тежок процес

За процедурата и гаранциите за лицата за кои се води лустрацијата, Венецијанската комисија забележува дека докажувањето на делата на соработка се многу сложени, бидејќи тие се втемелени врз архиви и сведоштва. Комисијата за лустрација добива информации од тајните служби, но не е јасно дали таа ги има потребните технички знаења за ваков вид на дела. Од друга страна, што претставува тежок проблем, е тоа што лицето кое се лустрира е отсутно во процедурата за лустрација. Докажувањето на соработката се прави во нејзино отсуство. Европскиот суд за човекови права, според членот 6 од Европската конвенција за човекови права, бара правичната ефективна судска постапка да се применува и за постапките за лустрација.

Verfassungsgericht in Mazedonien
Уставноста на Законот е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија, се објаснува од Венециската ко­ми­си­јаФотографија: Petr Stojanovski

Лустрацијата, според судот од Стразбур, е кривична постапка и во кривична постапка се потребни гаранции за правично судење, обвинетото лице за соработка нема можност да биде вклучено на никаков начин во постапката пред Комисијата за проверка на делата, иако тоа има можност да ја обжали одлуката.

Венецијанската комисија изразува забелешки и за јавното објавувањето на името на лустрираните лица, кои тоа гo дознаваат истовремено со јавноста. Комисијата е посебно загрижена за оваа ситуација и смета дека тоа објавување треба да биде само кога соработката на лицето е потврдена во правична постапка во кое е вклучено лицето кое се лустрира. Ако потоа Судот докаже дека лицето не соработувало, а неговото име било објавено, последиците за неговиот углед се неповратни.

Венецијанската комисија советник за закондавните реформи во Македонија

Ко­ми­си­ја­та појаснува дека целта на мислењето што го изработи и кое ќе го испрати ка­ко одговор до Уставниот суд, е да се направат проверки на барање на Судот, а никако да се навлезе во анализа на уставноста на Законот.

Цел­та е Судот да биде обезбеден со материјали кои се однесуваат на компатибилноста на За­ко­нот за дополнителен услов за вршење на јавна функција со Европската конвенција за човекови права и слободи, а уставноста на Законот е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија, се објаснува од Венециската ко­ми­си­ја.

Ев­роп­ската комисија за демократија при Советот на Европа, или Венецијанска комисија, беше кон­сул­ти­рана за речиси сите реформски закони од правосудството кои Македонија ги носеше по нејзиното членство во Советот на Европа.