1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидери на ОВК ќе одговараат за воени злосторства

Б. Георгиевски/афп29 јули 2014

Високи припадници на ОВК ќе бидат гонети за злосторства против човештвото, но нема докази дека била вршена трговија со човечки органи, се наведува во извештајот на специјалниот истражен тим на ЕУ.

https://p.dw.com/p/1Clep
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) ќе бидат обвинети за злосторства против човештвото, вклучувајќи убиства, киднапирања и трговија со органи, најави денеска обвинителот Клинт Вилијамсон, кој ја предводеше двегодишната истрага на ЕУ за злосторствата извршени за време на косовската војна 1998-1999 година. Според Вилијамсон, во моментов има докази „за едно обвинение кое ќе вклучи повеќе поединци“.

Но, пред да започне процесот против осомничените злосторници, Косово и ЕУ треба да се договорат за формирање на специјален суд пред кој ќе се води процесот. Вилијамсон се надева дека преговорите околу тоа прашање ќе завршат до почетокот на следната година.

Вилијамсон, чиј мандат како главен обвинител во истрагата на ЕУ завршува следниот месец, одби да ги каже имињата на оние кои ја воделе „кампањата на насилство“ против етничките Срби, Роми и косовски Албанци во 1999 година.

„Делови од командната структура на Ослободителната војска на Косово по завршувањето на судирите во Косово во 1999 година организирале етничко чистење јужно од Ибар, а потоа и елиминација на политичките ривали“, изјави Вилијамсон, додавајќи дека не станува збор за индивидуални случаи, туку за организирана кампања во која учествувал врвот на ОВК.

Обвинителот потврди дека не се најдени доволно докази оти на киднапирани лица насилно им биле вадени органи. „Тоа што засега нема докази не значи дека нема да ги има“, укажа Вилијамсон и додаде дека станува збор за „дивјачка постапка за која нема оправдување“.

Сепак, Вилијамсон потенцира дека има „големи индиции“ оти припадници на ОВК „убиле неколку поединци со намера да им ги отстранат органите“. Но, наводите дека стотици затвореници биле убиени, а нивните органи продавани, се „во целост неосновани“.

„Нема индиции дека ова било широко распространето“, рече тој.