1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови мерки против „лажните азиланти“

СН/ат/епд/дпа14 февруари 2014

Дебатата за т.н.„лажни азиланти“ од земјите од Западен Балкан повторно се разгоре, откако последните податоци покажаа дека бројот на луѓе од Србија кои во јануари побарале азил во Германија драматично пораснал.

https://p.dw.com/p/1B8OL
Фотографија: dapd

Германската влада има намера западнобалканските држави да ги категоризира како безбедни земји на потекло. Целта е да се намали бројот на баратели на азил пред сѐ од Србија. Државниот секретар во министерството за внатрешни работи Гинтер Кригс за весникот „Рајнишен пост“ од Диселдорф изјави: „Обработката на барањата за азил кои немаат изгледи да бидат одобрени, конечно оди на товар на оние кои се упатени на нашата помош и на кои сакаме да им помогнеме, зашто во нивната татковина се политички прогонувани“. Тоа меѓутоа не е случај со Србија и останатите западнобалкански држави.

Според податоците на Сојузниот завод за миграција Србија е земја на потекло со најмногу баратели на азил во Германија. Нивниот број во јануари годинава четрикратно се зголемил во однос на претходниот месец и изнесувал 1776.

Претседавачот со конференцијата на министрите за внатрешни работи на сојузно и на покраинско ниво и шеф на овој ресор во покраината Северна Рајна Вествалија Ралф Јегер, како причина за растечката „миграција од сиромаштија“ ги наведе катастрофалните услови за живот на луѓето во нивните татковини. „Германската сојузна влада и Европската унија мора да понудат јасно насочена поддршка и помош во тие земји“, изјави Јегер.

Претходно министерот за внатрешни работи на покраината Баварија Јоахим Херман побара Германија на сојузно ниво да преземе итни мерки против силниот пораст на барателите на азил од земјите на поранешна Југославија и Албанија. „Масовната злоупотреба на азилот би морала да биде спречена“, рече Херман. „Не можам да прифатам, овие земји да ја предводат листата на земјите на потекло, иако квотата на признавање (на азил, н.з.) е еднаква на нула“, рече Херман.