1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крим донесе декларација за независност

АМ/миа/макфакс11 март 2014

Парламентот на Крим усвои декларација за независност на републиката. Украинскиот парламент, пак, изгласа суспендирање на референдумот. Во меѓувреме се трупаат воени сили во регионот.

https://p.dw.com/p/1BNOF
Фотографија: picture-alliance/Ria Novosti

„Овој документ е неопходен за спроведување референдум и за овозможување на влезот на Крим во составот на Русија“, изјави претставник на локалните власти.

Парламентот денеска усвои гаранции за правата на кримско-татарскиот народ и за интегрирањето на кримската заедница, соопшти парламентарната прес-служба. Во соопштението на интернет страницата на Врховниот совет на Автономната Република Крим се вели дека за декларацијата гласале 78 од сто пратеници.

Во документот се наведува дека „доколку на референдумот на народите на Крим на 16 март се донесе одлука Крим, вклучувајќи ја Автономната Република Крим и градот Севастопол да влезат во составот на Русија, по референдумот Крим ќе биде прогласен за независна и суверена држава со републиканска форма на управување“.

„Со такви резултати од референдумот Република Крим како независна и суверена држава ќе се обрати до Руската Федерација со предлог за постигнување меѓудржавен договор во состав на Руската Федерација со улога на нов субјект на Федерацијата“, се вели во текстот на декларацијата.

Во декларацијата се додава дека Република Крим ќе биде демократска, секуларна и мултинационална држава.

Од друга страна, украинската Рада го предупреди кримскиот парламент дека ќе биде распуштен доколку до утре не го откаже за 16 март закажаниот референдум за независност. Украинскиот Парламент денеска изгласа суспендирање на референдумот за иднината на Крим. Парламентот во Киев го повика Врховниот совет на Автономната Република Крим до утре уште еднаш да ја разгледа својата одлука за одржување референдум и да ја „усогласи“ со украинскиот и кримскиот Устав.

Ukrainischer Präsident Wiktor Janukowytsch
Виктор ЈануковичФотографија: picture alliance / AP Photo

Во меѓувреме повторно се обрати на јавноста и соборениот украински претседател Виктор Јанукович, вторпат во последните десетина дена, од Русија, порачувајќи дека останува единствениот легитимен шеф на државата и врховен командант на оружените сили на Украина.

„Сигурен сум дека војниците нема да ги прифатат наредбите на криминалците“, истакна Јанукович на прес-конференција во рускиот град Ростов на Дон. Според него, претседателските избори, закажани за 25 мај, се „апсолутно нелегитимни и незаконски“.

Пет дена по референдумот, рускиот парламент за припојувањето

Долниот дом на рускиот парламент на 21 март ќе разгледува амандмани на законот за припојување на странска територија, чие население изразува таква желба, како што тоа е случај со Крим. Ќе се разгледува и забрзана постапка за издавање патни исправи на граѓаните од ова подрачје.

Амандманите ќе се најдат пред пратениците по пет дена од спроведување на референдумот на Крим, кој е закажан за 16 март, на кој ќе се одлучува дали овој црноморски полуостров ќе влезе во границите на Руската Федерација. Одлуката за референдум беше донесена откако претходно прозападната опозиција ја смени власта во Украина.

Рускиот закон сега овозможува влез на странска територија во составот на Русија под услов да постои договор потпишан помеѓу руската држава и друга странска држава, па според овој закон Крим не може да се припои кон Русија. Но, нов амандман треба да овозможи ваков договор „поради отсуство во странска земја на суверена и ефикасна влада која ќе ги брани и почитува правата и слободите на граѓаните.

Ukraine Soldat mit ukrainischer Kriegsschiff in Sevastopol
Украински војник на украински воен брод во СевастополФотографија: Reuters

Трупање воени сили пред референдумот

На само пет дена пред закажаниот референдум на сателитите се забележуваат големи движења на воените трупи и техника на руската и украинската војска во овој регион. И НАТО силите испраќаат радарски извиднички воздухопловни единици.

По најавата дека кон Крим се упатиле и американски бродови, забележано е движење и на еден руски противбродски систем К-300 Бастион. Станува збор за најнов систем со дострел од околу 300 километри, за кој до сега се претпоставуваше дека бил стациониран на Курилските острови, на далечниот исток во Русија.

Во циклусот на трупање на вооружените сили денеска се вклучи и НАТО, од каде најавија дека донеле одлука за испраќање на своите набљудувачки авиони „Авакс“ кои треба да летаат над територијата на Полска и Романија, со цел да ја следат кризата во соседна Украина. Како што соопштија од западната воена алијанса, НАТО испратил летечки радарски систем Е-3 Авакс, со цел да се интензивира работата на проценка на можни закани за овој сојуз кои би дошле од територијата на Украина.

НАТО ја донесе одлуката за испраќање на „Авакс“ по одлуката на САД да распореди воени авиони во земјите од источна Европа, кои се граничат со Русија - како Полска и Литванија. Во Литванија САД испратиле дополнителни шест ловци Ф-16, кои му се придружиле на одделението кое во својот состав до сега имало четири вакви авиони и кои и претходно биле распоредени во оваа земја. Во Полска била испратена ескадрила од 12 ловци Ф-16, но се наведува дека во прашање е претходно договорена воена вежба.

Паралелно, во Норвешка започна воената вежба наречена „Ладен одговор“ на која учествуваат околу 16 илјади припадници на НАТО. Како што соопштуваат од Северноатлантскиот сојуз, станува збор за претходно договорена вежба која има за цел изведување на воени вежби во зимски услови.