1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: неисполнети надежи и разочарување

Аксел Роволт/ Ж. Ацеска23 март 2015

Само во јануари и февруари во Германија од Косово дошле речиси 11.000 баратели на азил. Стапката невработеност кај младите е екстремно висока-70 проценти, од владата ретко некој очекува промени.

https://p.dw.com/p/1EvdW
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Џевдет Лухај има четири деца, како градежен работник заработува 200 евра. Два пати бегал-двапати неуспешно:

„Сакав да одам во Германија поради овдешните животни услови. Но, не сакав да барам азил, сакав малку да работам на црно“.
Куќата каде живее не остава лош впечаток, но не е негова: тој и жена му само ја присвоиле, по косовската војна била останата празна.

Лухај првпат побегнал во октомври, унгарската полиција го фатила и го вратила назад. Во вториот обид одел преку Словенија:

„Меѓу Словенија и Австрија има еден тунел, но беше затворен. Таму не‘ запреа, ни побараа пасоши. Веднаш ме вратија овде дома“.

Автобуската станица во Приштина. Одовде тргнуваат бегалците. Само во јануари и февруари во Германија од Косово дошле речиси 11.000 баратели на азил. Зошто сега? Откако КФОР во поголем дел ја напушти земјата, иднината е неизвесна. Стопанството по војната уште е на дното. Политиката само ја управува кризата.

Од зелената граница меѓу Србија и Унгарија се продолжува пешки. Овде бегалците се‘ почесто им паѓаат в раце на унгарските полицајци. Граничарите ја надгледуваат границата со термички камери.

„Она што гледаме овде е Србија. Таму слегуваат, оттаму можеме да ги следиме кога ќе тргнат кон границата“, објаснува еден унгарски граничар.
Дури и ако поминат, над 99 проценти од бегалците од Косово добиваат негативен одговор на барањето азил, во Германија важат само како економски азиланти.

Кој може, заминува од Косово

Ученици во селото Мираш во Косово. Сите имаат едно нешто заедничко: роднините заминале во Германија. Од некои браќата, од некои и родителите.

„Имаме струја, вода, интернет, се‘. Но, како да платиме со 200 евра месечно...“ вели една ученичка. Нејзината другарка ги објаснува мотивите на бегалците:
„Тие сакаат во Германија да заработат пари. Мојот брат исто така. Тој студираше овде и сепак не доби работа“.

Нивните перспективи се мрачни: стапката невработеност кај младите е екстремно висока-70 проценти, од владата ретко некој очекува промени. Директорот на училиштето во Мираш, Башким Бутуки ги разбира мотивите на родителите:

„Родителите не ги напуштиле децата од задоволство, тие бараат работа некаде во Европа, подобра иднина за себе и за своите деца. Тие не заминале со лесно срце, поднесуваат жртва за семејството.“

Крај на часовите во Мираш. Името во превод значи „добра работа“. Дали овие деца овде ќе најдат некогаш работа? Во селото се гледа оти многумина заминале набрзина: има празни куќи и продавници, недоврешни градби.

Serbische Polizei nimmt illegale Auswanderer aus Kosovo an der Grenze zu Ungarn fest
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Дворот на Гани Тачи. Тој има пет синови, сите невработени. Тачи не верува оти на бегалците во Германија им е подобро.

„На синот му требаа пари за да ги прати децата во училиште. Му реков-не оди во Германија. Тој одговори, татко, немам друг избор“.

Во меѓувреме двајца негови синови заминале во Германија, во Франкфурт и во Хановер. Двајцата не нашле работа ни во Германија. Тачи ја покажува напуштената соба, која го растажува.

„Имам 140 евра месечна пензија, како да се живее од тоа? Тешко е што момчињата заминаа, но што можеа инаку да прават?“

Косовската беда. Кој може, заминува. Иако границите моментно се построго контролирани, бегалците наоѓаат други патишта.